„Контакт“ на Сергеј Станојковски го следевме уште од неговиот зачеток. Првата клапа се случи на 8 ноември, а последната на 18 декември 2004 година. Се снимаше на локации во Скопје и околината. Сè тоа беше во ред, освен приказната за Сергеј Станојковски, кој беше тотална непознаница за пошироката македонска јавност. Човекот што студирал камера на филмската академија во Загреб, па се префрлил на документарен филм и режија на славната ФАМУ во Прага, доби шанса да го сними своето прво целовечерно остварување со тежината на фактот дека неговиот филм е прв од Македонија што доби поддршка од европската Еуроимаж, сон на секој европски филмаџија. Продуцент од германска страна беше Марчело Бусе, а од македонска Томи Салковски.
Сценариото на Станојковски раскажува за два лика од секојдневието на кои им се случува љубов, и на крилјата на едноставноста, наводно без никакви претенциозности, овој филм се обидуваше да се протне низ критериумот на добар македонски филм. Сепак, за такво нешто треба нешто многу повеќе. Можеби мал доказ за тоа е, и по десет години, немањето втор игран филм зад името на Станојковски, кој во меѓувреме го оформи филмскиот фестивал во Задар, Avventure, и секое лето на едно место ги собира филмаџиите од разни меридијани. „Контакт“ беше филм на затворање на 26-тото издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, каде што накратко поразговаравме со не-баш-разговорливиот автор за неговото дело, во чие пишување му помогна легендарниот сценарист од овие простори Гордан Михиќ.
– Вашите први впечатоци по синоќешната македонска фестивалска премиера на филмот?
Сергеј Станојковски: Задоволен сум, направивме убав филм, приказната е убава, актерите се добри, како и продукцијата. Технички филмот е направен според сите стандарди и може да се прикажува каде било низ светот, така што, како за прв филм, завршивме добра работа.
„Контакт“ е приказна за двајца маргиналци, Јанко и Жана, кој по турбуленциите во животот, се вљубуваат еден во друг. Публиката во Домот на културата во Битола на моменти емотивно реагираше на одредени сцени, и таков впечаток се добива и за комплетниот филм, блесок само за момент, затоа што актерските остварувања се просечни, а приказната трпи поради празните одови во текот на целото дејствие.
– Веројатно најважно од сè во овој филм е да се усогласи актерскиот тандем, кој ја носи сета тежина на приказната?
С.С. Јас не знам кој друг актер би работел главна улога на сосема друг јазик. Македонскиот не му е мајчин јазик на Никола Којо, и тоа е тешка работа, затоа што е тешко да се префрлиш толку лесно и да работиш и размислуваш на друг јазик. И Лабина Митевска влезе во добра улога и во тандем со Никола навистина предизвикуваат емоции кај гледачите, барем по првата проекција.
Единствени светли моменти во филмот се снимателот Томислав Пинтер, и композиторот Пер Рабен, кој има компонирано музика за многу филмови на Фазбиндер и Вонг Кар Ваи.
– Колку легендарниот Пинтер придонесе за изгледот, и воопшто, за доловувањето на атмосферата во вашиот филм?
С.С. Со Томислав Пинтер сме сосема различни генерации, и тој не само што естетски даде придонес во филмот, туку и организациски, поради големото искуство. Се надевам дека и во иднина ќе работиме заедно. Всушност, сите бевме како едно големо семејство, и пред и зад камерата.
Подоцна во „Филмополис“ број 115 направивме кавер на кинопремиерата на филмот, која се случи во „Милениум“ во Скопје. На конференцијата за новинарите авторот Станојковски нагласи дека чекале толку долго за македонска кинопремиера поради фестивалскиот живот на филмот. „Контакт“ беше дел од филмските фестивали во Индија, Јужна Америка, Германија, и според екипата, реакциите насекаде биле идентично добри, бидејќи станува збор за универзална приказна. Секако, според Станојковски, задоволството на крајот од денот е целосно ако се знае дека филмот веќе е продаден и стана дел од светската дистрибуција преку една австриска компанија, со што и волкот е сит, и овците на број. На истиот прес, пак, Лабина Митевска беше возбудена што на фестивалот во Манхајм филмот бил меѓу првите пет на листата на омилени филмови на публиката, додека Ѓунер Исмаил, кому ова му беше прво учество на филм, неизмерно уживаше во шансата што како натуршчик ја добил да игра во овој проект.
(Разговорот е емитуван во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 86, а транскриптот и воведниот текст е објавен во книгата „ФИЛМ.МКД“)