Филмот што во новата македонска историја најдолго се снимаше и околу кој се кршеа копјата пред сè на финансиски план, бидејќи постојано се зборуваше за исцрпен буџет, на неколкупати го коментиравме во магазинот и колку што можевме, го следевме неговиот пат до финална реализација.
Во 102. издание информиравме дека продуцентот Димитар Николовски Таки (новоназначениот директор токму на фестивалот „Браќа Манаки“ во актуелнава, 2015 година) добил додатни пари од Министерството за култура за завршување на започнатото, а пронашол и српски копродуцент за техничка поддршка на филмот. Со тоа беше извесно дека „Тајната книга“ на режисерот Владо Цветановски, по сценарио на неговите браќа Љубе Цветановски и Јордан Плевнеш, која започна со снимање во март 2002 година, премиерата конечно ќе ја доживеа на 26. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, четири години подоцна. Но, и тука не застанаа контроверзиите околу ова ‘мистично’ дело. Имено, по фестивалската премиера екипата на филмот му се налути на организаторот поради, според нив, ‘несоодветното претставување и третирање на филмот’, па беше повлечена и најавената реприза, и покрај тоа што претставата беше распродадена. Останува само да жалиме што една одлична приказна, која би можела да предизвика интерес и во светски рамки, остана нереализирана, за што оф-д-рекорд подоцна жалеше и сега покојниот Владо Цветановски, пред сè поради можноста за соработка со имиња како снимателот Тиери Арбогаст, директор на фотографија на филмови како „Петтиот елемент“ на Лик Бесон и „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Кустурица. Исто така, според него, не било лесно да се добијат и Тиери Фремо и Жан Клод Кариер во главните ролји. Самиот факт дека премиерата на филмскиот фестивал во Кан, и покрај најавените преговори, остана само пуста желба, доволно кажува за судбината на овој грандиозен проект. Но, како куриозитет, останува фактот дека „Тајната книга“ е првиот филм што дополнително беше поддржан со пари од буџетот, наметнувајќи ја референцата „филм од национален интерес“, со која подоцна дополнително беа финансирани и филмовите „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „До балчак“ на Столе Попов. Еве го разговорот со г. Цветановски по битолската премиера на филмот.
– Какво е задоволството кај авторот по голготата на снимање толку долго едно дело кое ѝ припаѓа на филмската уметност?
Владо Цветановски: Задоволството од некое завршено дело секогаш е двојно. Прво, задоволни сте што сте стигнале до крајот, без разлика каков е резултатот, затоа што во него сте вложувале одреден вид материјал што ви припаѓа вам, обидувајќи се истото да го добиете и од соработниците во филмот, кои, пак, на крајот од работата, беа задоволни од својот влог.
– Која е причината поради која финалната реализација на овој филм толку се одолжи? Дали доколку во игра влезе некој странски копродуцент има можност приказната да фати некоја друга линија на раскажување?
В.Ц. Имав неколку понуди по кои можев да го завршам филмот уште во 2003 година, но тоа поместување на тежиштето на филмот што го бараа нашите финансиери, сметав дека не е прилично за овој филм, и ако има виновник зошто се одолжи работата, тогаш тоа сум јас, но сметам дека е добро што ги пребродивме тие искушенија.
– Какви тајни крие „Тајната книга“? Во филмот уште повеќе ја мистифицирате самата книга, повеќе поставувајќи прашања отколку нудејќи можност за насетување одредени одговори?
В.Ц. Појдовната тема отсекогаш биле дуалитетот околу тоа прашање, и во повеќе претстави сум навлегувал во тие дамари, да речеме, во „Мајсторот и Маргарита“ во Народниот театар овде, во Битола. Едно од главните сознанија беше тоа дека „Тајната книга на Богомилите“ е манускрипт напишан некаде на Балканот, дека нема податоци за тоа каде е оригиналот и дека постојат само две копии на латински јазик, кои се наоѓаат во Каркасон и во Виена. Ние се обидовме низ ликот на истражувачот на стари ракописи, Шевалие, кој тргнува од Националната библиотека во Париз и доаѓа на Балканот, во Македонија, низ пејзажите и луѓето што ги сретнува, се обидува да ја прочита и разбере тајната на оваа книга.
– Стартувавте на фестивалот овде, во Битола, по што следува, се надевам, и кинопремиерата за пошироката домашна публика, која со нетрпение го очекува овој проект на големото платно. Но, изгледа, како фестивалите да имаат предност?
В.Ц. Со премиерата на филмот во Битола се отворија тајните порти на филмот, кој постојано ќе си бара свои соговорници. Интернационалната премиера ќе ја направиме во октомври, во градот на свети Павле, во Сао Паоло во Бразил. Потоа сме селектирани на фестивалот во Манхајм, Хајделберг, митското место каде што Јан Кот вели дека можно е да се сретнале Хамлет и Фауст. Имаме идеи како филмот да допре до луѓето што би можеле да бидат негови соговорници, но низ затворени проекции веќе сме во контакт и со повеќе француски и американски дистрибутери, надевајќи се дека нешто од тоа ќе се реализира, иако работата до крај е неизвесна. Планираме да направиме и една есенска премиера во Скопје, како и низ сите македонски градови каде што има можност за прикажување. Филмот си има наративна приказна, која може да го одржи вниманието, тој си има разни други видови знаци, но основната линија е доволно јасна и прифатлива за пошироката публика. Сума сумарум, мислам дека овој филм со полн дигнитет ги брани македонските вредности, и затоа сум задоволен.
– Се надевам дека „Тајната книга“ не ги исцрпи сите ваши желби за занимавање, покрај со театарската, и со филмската уметност. Што е следно на вашето филмско мени?
В.Ц. Веќе сме влезени во нова филмска авантура заедно со главниот актер во филмот Жан Клод Кариер, со кого пишуваме сценарио, па… со Господ напред.
(Интервјуто е емитувани во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 132, а транскриптот и воведниот текст е објавен е во книгата „ФИЛМ.МКД“)