Оваа година со убава бројка „2020“ завршува со биланс во кој сите сме многу повеќе губитници отколку победници. Светската пандемија ни наметна ново темпо на живеење и нов начин на размислување кој се одрази во сите сегменти од животот, а на случувањата не беше имуна ниту моќната филмска индустрија. Во годината во која вистински добрите филмови не изостанаа, но беа помалку на број и проследени со многу помал интензитет и возбуда отколку што тоа го заслужуваат, се издвоија неколку наслови чија промоција се случуваше претежно „онлајн“. Меѓу нив беше и новиот филм „Уште една тура“ на данскиот маг Томас Винтерберг, чие претставување течеше од официјалната селекција на Канскиот фестивал, преку Сан Себастијан, Лондон, Хент, Чикаго, па се’ до филмскиот фестивал во Аделаида, Австралија.
Она што во средината на последната декада од минатиот век започна како „Нов бран“ во европското кино наречен „Догме 95“, во овие 25 години се разви во еден силен, моќен и конзистентен филмски израз кој доби различни (пот)форми и во кој многумина се изгореа, а само малкумина успеаја. Томас Винтерберг со својот прв филм „Прослава“ (1998) работен според „ферманот“ на неколкумината дански филмаџии ги постави темелите на можеби највозбудливиот филмски правец во новиот милениум, кој на нештата преку екранот гледа искрено и директно во очи, без заобиколување, пресликувајќи ја реалноста на вистински начин, секако, употребувајќи минималистички изразни филмски средства кои создаваат незаборавна атмосфера, создавајќи приказни на кои едноставно (сакате да) им верувате. Благодарение на неговиот колоега, ко-авторот на манифестот, „лошото момче“ Ларс фон Трир и неговите филмови, „Догме“ пристапот стана нашироко следен и почитуван, но со овој батко, барем јас, расчистив уште од „Антихрист“, бидејќи почна да го злоупотребува она за кое се залагаше, почнувајќи да создава филмови со крајна цел „сензација заради сензација“, со што си заработи многу непријатели (иако нему баш му е гајле за тоа). За разлика од него, Винтерберг остана доследен на својот филмски повик и со текот на годините изгради респектибилна филмографија, можеби со по некој (условно) послаб филм, меѓутоа, со повеќето држејќи една основна, рамна линија, која најчесто се искачуваше угоре, допирајќи ги врвовите на филмската уметност и естетика. Такви се неговите остварувања „Драга Венди“ (2005), „Сабмарино“ (2010), „Лов“ (2012)…
Токму на трагата на наградуваниот „Лов“, во кој се отвора многу фрагилната тема на педофилијата, Винтерберг ја продолжува соработката со одличниот Мадс Миклесен и во новиот филм „Уште една тура“, во кој пак се разголува темата на алкохолизмот и последиците од „експериментот“ со него. Филмот на онлајн доделувањето на Европските филмски награди на 10 декември освои четири награди, и тоа оние, најпрестижните: за најдобар филм, сценарио, режија и главен актер, со што на некој начин ја спаси оваа година полна со неизвесности, докажувајќи дека кога се има добра идеја и сценарио, крајната реализација најчесто претставува прослава на седмата уметност во најдобро можно светло.
„Уште една тура“ започнува со еден амблематски цитат на славниот „или-или“ филозоф Сорен Кјеркегор: „Што е младоста? Сон. Што е љубовта? Дел од сонот“. Почитувајќи ги овие три моќни одредници, младост-љубов-сон, Зентропа мајсторот не’ носи на едно филмско патување во кој идентификацијата барем со еден од ликовите е сосема неминовна. Размислувањата во рамките на филмската уметност за допирните точки или оние кои разделуваат во ова свето тројство, сценаристот Винтерберг со колегата Тобијас Линдхолм ги прошируваат до крајни граници, создавајќи возбудливо дело кое ја враќа вербата во филмската уметност на Стариот континент.
Многу мудро, во првиот дел од филмот авторот ни ги претставува ликовите со кои ќе се соочиме на екранот. Како во филмски буквар се запознаваме со четворицата пријатели, професори во едно средно училиште во Данска, секој со својот животен багаж зад себе, кои се соочуваат со фаталната „криза на средни години“, во која најчесто се сомневаат во сопствената самодоверба. „Дали ти станав здодевен?“, ја прашува Мартин (Микелсен) сопругата Аника (Марија Бонвиј), со која се’ поретко имаат заеднички (семејни) моменти. Дури и тинејџ-синовите се незаинтересирани за било каква интеракција, загледани во компјутерскиот или ТВ екранот, исто како и целата нивна генерација, на која нивниот татко им предава историја во училиштето. „Тешко е да се учи со главата втурнат во телефонот“, им вели професорот Мартин на родителите на матурантите, кои ад хок се собрале за да го замолат да им прогледа низ прсти на нивните деца на завршниот тест, бидејќи треба со добри оценки да се запишат на факс.
И тогаш, на една „машка“ вечера, неговиот пријател и колега Питер им кажува за актуелната хипотеза на норвешкиот научник Фин Скардеруд, кој вели дека човекот се раѓа со недостаток од 0,5% алкохол во крвта, и за да достигне нормала, тој секојдневно треба да конзумира драгоцена течност за постојано да биде во форма. Пријателите „се навлекуваат“ на оваа теорија, но пред се’ заради тагата и здодевноста во нивните животи, и решаваат да експериментираат до крајни граници, притоа повикувајќи се на некои славни алко-имиња од минатото, како Ернест Хемингвеј, кој воопшто не пиел после 20 часот. Тие на почетокот создаваат и свои правила на „игра“, кои потоа, како одминува времето, почнуваат да ги кршат поради разурнувачко-сугестивната моќ на алкохолот, кој од корен ќе ги смени нивните животи.
Можеби некој овдешен, балкански режисер на тема „алкохолизам и ренесанса“ би снимил сосема поинаков филм, но прецизниот Данец на темата и’ приоѓа студиозно и турбуленциите и крајните исходи од храбрата одлука на филмските протагонисти режисерот совршено ги контролира во текот на целото двочасовно филмско дејствие. Тој користи црно-бели телопи на кои ни ги прикажува промилите на алкохол во крвта на протагонистите, а како последица на тоа ги гледаме нивните различни вербално-моторички реакции во интеракција со најблиските и со околината. Резултатите од сето ова се како и оние во животот – Мартин и пријателите стануваат многу подобри професори и создаваат одлична интеркација со децата, но повеќето од нив сосема тропнуваат во приватниот живот. Впрочем, како и многу повидните човечки примероци од нив: некаде на средина од филмот, како авторска интервенција на режисерот, гледаме едноминутен колаж од познати светски политичари – љубители на добрата капка, како Елцин, Саркози, Брежњев, а од актуелните премиери со кригла пиво во рацете се појавуваат и Борис Џонсон и Ангела Меркел. Смешки 😉
Но, темата која ја разработува филмот на Винтерберг воопшто не е смешка. „Ние не сме алкохоличари, бидејќи ние одлучуваме кога ќе пиеме“ е максимата според која се водат пријателите, која на крајот ќе заврши фатално за Томи (Томас Бо Ларсен), професорот по физичко. Следејќи го лудилото кое се трансформира од сцена во сцена, во крајната истото добива очекувано крешендо, делириум во кој фокусот на камерата е замаглен, а главниот лик Мартин, низ еден прекрасен танц на докот од морето, како модерен пандан на Гркот Зорба, го слави ослободувањето од стегите во кои живеел, истовремено станувајќи уште посвесен за нив. Да, тој и неговите пријатели на крајот се антихерои, но барем успеаја на следната генерација да и’ пренесат едно незаборавно искуство со кое потоа секој ќе треба на сопствен начин да издила и да се соочи. Токму затоа скокот во студената вода на самиот крај од филмот, кој режисерот всушност не ни го прикажува, туку го задржува телото на Мартин во воздухот, означува отворена можност за промислување и реобмислување на темата за среќата во животот од другата страна на животот, односно, дали човек е среќен само доколку живее среден и однапред осмислен живот, или само си мисли и посакува тоа да биде така. Токму затоа крајното треснување на телото на Мартин во студената вода (кое можеби ќе се случи по завршната ѓпица на филмот, или во нашите глави) ни нуди две опции: тој е веќе одамна од другата страна (на два пати имаше можност да направи рез, но сепак посегна по чашката) и може, но и не мора да ја доживее истата судбина како и несреќниот Томи, или пак водата ќе делува отрезнувачки врз него, и како прочистен и повторно роден човек тој ќе се врати на семејната рутина каде повторно ќе се обиде да го изгради она што се распаднало во претходните години од животот, а тоа е толку човечки.
Доколку ѕуѕнете 4-5 пивца или 2-3 квалитетни Џејмисона додека го гледате филмот, „Уште една тура“ можеби и нема да ви се допадне, но сметам дека од ова – не може подобро!!! Филмот е врв на еден стилски израз и медитација на тема која постои од памтивек, ставена во современо милје и разработена на вистински начин, со длабока вертикала во сржта на проблемот, што беше препознаено пред половина месец во Берлин од европските филмски колеги. Затоа, со нетрпение го чекам следниот филмски “лов“, или подобро, следната „филмска тура“ на Винтерберг.