По преседанот што минатата година го направи Американската филмска академија, номинирајќи го македонскиот документарен филм „Медена земја“ во две категории, годинава тие ја повторуваат истата формула, со тоа што овој пат „секирата в мед“ му падна на романското остварување „Колектив“ на Александер Нанау, кој се надева дека ќе добие барем една статуетка во категориите „Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“ и „Најдобар документарен филм“. А зошто не и обете, како што нашата јавност очекуваше лани!?
„Колектив “ имав можност да го гледам минатата година ова време, кога бев дел од онлајн ФИПРЕСЦИ жирито на Фестивалот на документарни филмови „ЗагребДокс“. Романското остварување беше дел од регионалната селекција со уште 14 други документарни филмови, и на крајот не стана лауреат, бидејќи конкуренцијата беше навистина жестока. Интересно, наградата му ја дадовме на друго романско остварување, „Нашиот дом во дивината“ на Раду Чорничук, кој е сосема различен во пристапот од „Колектив“. И додека филмот на Раду ни раскажува социјална приказна за едно многучлено семејство кое живее во урбана средина, но е во комплетен дослух со природата, филмот на Нанау е остварување исто така со специфична тежина за реализација, особено поради темата која ја обработува и нејзиното влијание врз општествените процеси во матичната земја. Сепак, со колешките од ФИПРЕСЦИ во моментот повеќе бевме фасцинирани од филмот на Чорничук, а за импресиите од лауреатот на „Загребдокс“, повеќе во текстот на следниот линк.
На 30 октомври 2015 година во ноќниот клуб „Колектив“ во Букурешт изби сериозен пожар. Тоа беше една од најлошите несреќи во поновата романска историја, со страшна бројка од 27 загинати и 180 повредени луѓе. Во следните неколку денови избија жестоки протести кои на крајот ја срушија тогашната романска влада. Режисерот следи неколку клучни фигури во времето по катастрофата, односно од моментот кога дознаваме дека по пожарот во болниците починале уште 37 луѓе од бактериска инфекција по нивната хоспитализација од пожарот. Новинарите откриваат дека болниците користат разредени дезинфекциски средства кои не ја уништуваат бактеријата. Нанау и неговата екипа со своите камери ревносно го следат целиот циркус, вклучувајќи ги и изјавите на министерот за здравство во привремената технократска влада, како и оние на жртвите на корумпираното здравство во државата која очигледно не функционира. Режисерот не му подлегнува на сензационализмот, туку оваа со емоции набиена приказна ја гледа од дистанца, разоткривајќи го мрачното лице на корупцијата кое се’ повеќе ја нагризува неговата земја.
Насловот на филмот на Нанау е алузија на името на клубот во кој се случил немилиот настан, но гледано пошироко, тој слободно може да гласи и „Колективно“, поради колективните гомна во кои гази целото општество, или пак колективната свест која ја покажуваат новинарите пренесувајќи ги случувањата до јавноста. За иронијата да биде поголема, новинарот кој ја разоткрива приказната работи во спортски весник 🙂 Не за бадијала на плакатот за филмот е истакната следнава реченица од IndieWire: „Еден од најдобрите филмови за новинарството некогаш снимени“. Истовремено, овој документарец е многу актуелен и во однос на светската пандемија со корона вирусот, каде многу земји, вклучувајќи ја и нашата, не се снајдоа најдобро со истата.
Филмот содржи вознемирувачки оригинални снимки од пожарот во клубот во Букурешт, но и вознемирувачка фото-сесија со една од опожарените девојки, која на крајот добива роботска рака. „Ние докторите веќе не сме луѓе, само трчаме по пари“, изјавува една ценета госпожа во текот на истрагата за скандалот, кој екипата на Нанау го следи до детаљ, школски покажувајќи како треба да изгледа едно филмско дело кога обработува специфична политичко-општествена тема. На крајот тие стануваат дел и од екипата на новиот, млад министер за здравство, кој е транспарентен и чист, кој ги заштитува луѓето на кои им е преку глава од корумпираниот здравствен систем и ги изнесуваат неправилностите на виделина, со цел да му се стави крај на апашлукот. Но се’ до следните избори, кога народот повторно гласа, малтене, за истите политичари и функционери, и покрај илјадниците докази. Младиот министер е разочаран и ја гледа својата иднина – во странство! Слика и прилика на балканскиот вртлог, од кој нема излез.
Верувам дека сите овие претходно споменати работи звучат познато, бидејќи сликата од „Колектив“ комотно може да се однесува и на земјата во која живееме. Разликата е во тоа што романските филмаџии и понатаму се она што треба да бидат – љубопитни истражувачи кои ги разголуваат неправдите во нивното општество, кое иако толку години е дел од Европската унија, тоа и понатаму тапка во место во однос на реформите, постојано продуцирајќи нови политички скандали. И ако во првите две декади од новиот милениум ваквиот пристап низ мали човечки приказни имавме можност да го видиме во романските играни филмови, кои неретко освојуваа награди на големите фестивали, создавајќи го т.н. „Нов романски бран“, овој пат сензибилитетот се префрла во жанрот кој уште повеќе може (и мора) да го негува истражувачкиот импулс, што Нанау секако и го докажува, создавајќи дело кое никого не поштедува, и кое на крајот, сосема заслужено, покрај триесетината фестивалски награди во изминатата година, се закити и со две номинации за Оскар.
Поради сето ова, на „Колектив“ може да се гледа и како мотиватор и повик до сите млади филмаџии од земјите на Западен Балкан да ги држат очите широко отворени, затоа што филмот е моќно оружје во нивните раце, преку кој можат да пренесат порака која може да стигне далеку, со надеж дека ситуацијата во сопствената земја ќе ја сменат барем за глувчешко опавче. Но, знаејќи како и кому се дели филмскиот колач кај нас и каква порака филмовите треба да пренесат до гледачите, свесен сум дека констатацијата во претходната реченица звучи многу наивно, па останува само онаа христијанската дека „надежта последна умира“, дека и ова тло ќе изнедри некој филмаџија кој во своите филмови ќе му погледне на животот овде директно в очи, прикажувајќи ги сите небулози кои ги живееме веќе 30 години без притоа ставање на розеви очила, внимавајќи кој и што ќе каже поради таквиот пристап. Чекаме, чекаме, и на крајот – чекан (ќе) не’ удри по глава!