Кон „Заминувања“ на Јоџиро Такита
Сето внимание во светот на филмот во февруари, со децении наназад, им припаѓа на Оскарите. Американската академија за филм и наука го објави списокот со номинации во сите категории како сумирање на резултатите од претходната филмска сезона. Ние, како дел од остатокот од светот, покрај сите пикантерии и лауреати што со себе ги носи овој настан, највеќе се интересираме за номинациите за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, и секогаш потајно сме посакувале, кога веќе толку ретко сме во финалето, барем некој европски филм да ја освои позлатената статуетка поради блискиот сензибилитет кој го чувствуваме овде меѓу нас, на Стариот континент. Со чест на исклучоците, секако, а токму минатогодишниот добитник на Оскарот во оваа категорија спаѓа во фолдерот на чесни и заслужени лауреати, бидејќи неговата приказна е универзална и во истата може да ужива и да ја сфати публиката од цела планета.
По смртта на великанот Акира Куросава, кој од Академијата го доби Оскарот за животно достигнување, се чинеше дека јапонската кинематографија уште некое време ќе почека за повторно да се закити со престижната награда, но прекрасниот филм „Заминувања“, за среќа, го демантираше тој впечаток. По неуспешната кариера во метрополата Токио, Даиго Кобајаши се враќа во родното место и се пријавува на оглас за работа во фирмата „Заминувања“, мислејќи дека станува збор за туристичка агенција. И покрај изненадувањето, тој сепак ја прифаќа работата на „Ноканаши“, односно, чувар на портите меѓу животот и смртта, човек кој со својата уметност не дозволува починатиот да замине незабележано од овој свет. Дружбата со не-живите ќе му создаде проблеми во приватниот живот, но тој сфаќа дека ова е неговиот повик од кој нема лесно да се откаже.
Филмот на Јоџиро Такита е непретенциозно патување во еден поинаков свет во кој тишината е величенствена, на моменти надополнета со звукот на виолончелото, кое не’ враќа во детството на главниот лик кој тагува по загубениот татко. Успешно споените коцки во оваа драма изобилуваат со набој кој на моменти може да измами и солзи, што секако, само му дава додатна длабочина на филмот. Но и во случај да не заплачете, ќе се сложите дека „Заминувања“ е ремек-дело кое на Такита му ги отвори вратите за неговите следни филмски проекти, за кои се надеваме дека ќе бидат еднакво добри како и лауреатот.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 2 февруари 2010 година.