Едно од повозбудливите музички изданија ова лето е новиот албум „Анархија“ на црниот хип-хоп проповедник Баста Рајмс. Тој е еден од неколкумината мејнстрим артисти чија популарност се зголеми во средината на 90-те, кога рап музиката стана светски тренд број 1. Неговиот договор со издавачката куќа „Electra records“ тече според предвиденото, па така секоја година добиваме нови „Баста стихови“, исполнети со измешани чувства: од повик кон борба на почетокот од кариерата, до крајно „кулирање“ на актуелнот албум.
„Баста, Баста!“, извикуваат десеттина мали деца кои не ги сакаат приказните пред огнот од здодевниот учител, туку бараат нивниот миленик Баста Рајмс, во длабокиот дел од шумата, да им раскажува за она што ќе се случува во следните, неизвесни години од нивното детство. Во таков, „видео-игра“ стил тече целиот негов сега веќе претпоследен албум „Extinction level event: The final word“ од минатата година, каде музичарот во очекување на новиот милениум ни подари стихови полни со нострадамусовски занес и пророштва за црната ни иднина. Во меѓувреме, тој сфатил дека таа иднина веќе е тука, ние сме дел од неа и истата ја живееме, и тематски се врти кон анархијата како состојба на умот „во која светот се наоѓа веќе стотина години“.
„Анархија“ содржи 22 теми и трае дури 78 минути. Модифицираниот глас од воведната тема ја констатира состојбата во која живее „најдемократскиот народ во светот“, а таа се движи на релација политички и социјален неред – општество без влада и закон, односно, „анархијата е човековата конфузија“. Но ова сепак не е толку емотивно набиен албум, туку е опуштен и повикува на жур. И покрај неколкуте песни во кои се разработуваат „дрогите во гетата“ и „состојбата на умот“, сепак, продуцентите Shock, Jay D и Rockwilder, заедно со Баста, секако, направија генерално опуштен албум, чиј амбициозен наслов по десетина минути преминува во препорака да уживаме во возењето се’ до крајот на животот. „Кучките и црнчиштата“, омилените зборови на Баста, веќе нема потреба да се борат за своите права, туку треба да „откачат“ и да уживаат во она што го имаат и добиваат од другите околу себе, смета артистот.
Како на претходните, така и на новиот албум, Баста Рајмс во неколку теми соработува со своите хип-хоп пријатели Raekwon, Ghostface, Flipmode S, DMX, Jay Z и M.O.P, а учеството на Лени Кравиц во темата „Make noise“ фино се надоврзува на приказната од пред пар години, кога Баста испеа песна со Џенет Џексон. Уживајте во параноичната анархија на 21 век, со Баста Рајмс во главната ролја.
@Текстот е објавен во дневниот весник „ВЕСТ“ на 3 август 2000 година.