Кон филмот „Меѓу твоите нозе“ на Мануел Гомез Переира

Шпанците го имаат наследено природното право да снимаат филмови за сексуалноста, притоа разголувајќи ги сопствените биполарни фрустрации наметнати од модерното општество. Тоа, особено во 90-те, се покажа како успешна формула во случајот со „розовиот“ Алмодовар, кој привремено ја заврши сопствената приказна во 1999 година со „Палма“ и „Оскар“ во рацете за филмот „Се’ за мојата мајка“. Токму во истата година на Берлиналето беше промовирано и новото остварување на режисерот Мануел Гомез Переира, „Entre las Piernas“.

Тогашната, а и денешната негова филозофија на јавен настап беше повеќе од едноставна: „Денешните филмови се премногу експлицитни и не си играат доволно со трпението на гледачот. Мене ми стана здодевно да правам комедии за просечниот шпански гледач, па затоа решив да го сменам филмскиот жанр“. Скромноста на Переира веднаш ја разби шпанската старлета Викторија Абрил, инаку миленичка на Алмодовар, со своите бомбастични најави дека, ако режисерот побарал, таа ќе отишла и во хард-кор крајности, нешто како „се’ за уметноста“.

Без разлика на по малку претераната промотивна врева, што е и нормално, „Меѓу твоите нозе“ сепак ги содржи сите карактеристики и цртички на еден квалитетен трилер. Главните носители на приказната, Миранда (Абрил) како радио-презентер и жена на полицаец, и Хавиер (Хавиер Бардем) како познат сценарист-продуцент и телефонски зависник од порнографија, на чуден начин, по една тераписка сеанса на група луѓе опседнати од секс, развиваат врска што ќе ги вовлече во ситуации во кои сексуалната зависност ќе стане само изговор за преживување. На нивната навика и потреба да ги соблекуваат гаќичките во секоја можна ситуација, режисерот им наметнува социјална димензија, во која резултатот, сепак, бара нешто повеќе од еден просечен петминутен оргазам доживеан на врвот од некоја зграда или на задното седиште од нечиј автомобил. Патетичната, но истовремено и фасцинантна изведба на Абрил ја остава во врвот од нејзината професија преполна со грижливо избрани бизарни улоги („Кика“, „101 Рејкјавик“…), додека Бардем е веќе во елитата, со номинација за Оскар оваа година за улогата во филмот „Пред да падне ноќта“ на Џулијан Шнабел.

А лавиринтот во кој преовладуваат сексот, суспензот, со многу елементи на драма и комедија, е маѓепсаниот круг во кој се затворени и ликови од различни провиниенции. Таму, за посветените љубители на шпанските филмови со многу сперма, фигурираат: таксистот заболен од СИДА, транссексуалецот, кучето, бизнис партнерот, мртовецот во автомобилот, порно лентите расеани низ цел Мадрид… кои се само поттекстови кои продолжуваат да живеат надвор од филмот, можеби во претпоставките на гледачите во кино салите.

Иако главната релација на филмот на Переира е насочена кон славните трилери на големиот Хичкок „Вртоглавица“ и „Опседнатата“, но без неговиот традиционален морал, сепак, режисерот ги држи своето сценарио и својата замисла в раце во текот на целото дејствие, докажувајќи дека успешноста на еден филмски проект не е во тоталното копирање, туку во оние мали онирични разлики што сечиј филмски пристап го прават својствен и автентичен: специфична атмосфера, карактери на дождот, надреалистични сенки и музика што го доловува урбаниот хаос. Топла оргазмична препорака 😉

@Текстот е објавен во јунскиот број на „Урбан магазин“ 2001 година

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *