По завршувањето на уште една приказна поврзана со наградата „Роман на годината“, би сакал повторно, како и во претходниот случај со романот „Арагон“ на Михајло Свидерски, да се осврнам на книгите кои тивко и речиси незабележително, но сосема заслужено, го градат својот пат до вистинските читатели. Овој пат станува збор за романот „Необјавен фељтон“ на Владимир Илиевски, кој како и претходниот „Суво мастило“ (2020) (и обата во издание на „Македоника литера“), сосема заслужено беа финалисти за наградата на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Илиевски има изграден стил на раскажување во кој ја препознаваме класичната романескна структура на приказната, која ја води супериорно од првата до последната страница, притоа не дозволувајќи ни малку да го загубите вниманието како читател. На тој начин авторот потврдува дека умешно го совладал раскажувачкиот занает „подарувајќи“ ни приказни од минатото, кои се актуелни и провокативни за читање и денес. По минуциозното сопоставување на случувањата од минатото со денешните, природно се наметнува заклучокот дека во меѓувреме, за жал, како ништо да не се сменило.

Дејствието во „Суво мастило“ се случува кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога патиштата на обата главни лика, славниот хрватски пронаоѓач Едуард Славољуб Пенкала и македонскиот студент по музика во Дрезден, по игра на судбината, се пресекуваат во одредени просторно-временски точки, кои отвораат мноштво универзални прашања. Маестралниот опис на македонското чорбаџиско семејство со талентиран син кој наместо со трговија, решава да се занимава со уметност, потоа се претопува со суптилниот граѓански дух на проевропскиот Загреб, каде Пенкала со својот пронајдок ќе влезе во аналите на светската наука.
За разлика од деби романот на Илиевски, кој пред тоа објави неколку стихозбирки, како и збирка со раскази, во вториот роман тој не’ носи во „митските“ 80-ти години од 20 век, кои за многумина на овие простори значеа „рај на земјата“. Но не и за авторот. Имено, тој раскажува за југословенската стварност во претпоследната деценија која нудеше различни крајности: редици за леб, сол и зејтин со купончиња в рака наспроти најсилната музичка сцена во Европа во моментот, да речеме. И сето тоа низ призмата на човек кој е идеалист и кој го сака општеството во кое живее.

„Необјавен фељтон“ содржи два дела. Во првиот писателот не’ води во светот на новинарството, потсетувајќи не’ на страста околу првиот објавен подолг текст во весник, со кој задолжително со денови се фалиш на роднините и пријателите. Јас дури го чекав колпортерот секоја вечер на раскрсница во центарот на Скопје за да го земам и зачувам својот примерок од весникот кога во него имав објавено текст, осврт, рецензија… Паралелно со новинарската приказна е доловена и општата состојба во соц-реализмот преку возењето пар-непар, откако бончињата за прашок веќе претходно ги споменавме. Тука неминовно влегува во игра мудроста на „малиот“, обичниот човек, во случајов, таткот на новинарот, кој во еден момент вели:
„„Стоиме во ред затоа што сме ја загубиле храброста, а неа ја губиме кога ќе надвладее стравот… а сите имаме дома не едно, туку 10 шишиња зејтин, но нечесни сме едни кон други… така се расипува заедницата и колективното живеење…“

Интересен избор на Илиевски е вториот дел да не го напише како вистински фељтон со сите новинарски салтанати, туку да го остави во форма на раскажување во слободна форма. Сепак, насловот на книгата е „Необјавен фељтон“, па можеби доколку уредниците во сижето дозволеа непријатната приказна да биде објавена, во тој случај можеби подобра ќе беше првата варијанта. Но нејсе. Вториот дел е вистински доказ дека луѓето имаат потреба од приказни, а вистинските меѓу нив може да чучат затскриени долги години, се’ додека не излезат на виделина. Алатничарот Стојко Костовски долго ја крие вистинската приказна за „случајот Димо“, нашиот (анти)херој од првиот дел, со кој биле другари уште од детството, а подоцна и соседи и семејни пријатели.
Преку сторијата за високиот и тенок Прч и кусиот и дебел Мистрија, авторот низ психолошка анализа на секојдневието постепено не’ внесува во светот на двата лика кои иако се блиски, всушност се сосема различни во пристапот кон животните предизвици. Димо е идеалист со верба во колективот, кој се бори за работникот во исто време забележувајќи како самиот систем не верува во себе, туку во личната корист, затоа и се’ повеќе и повеќе пропаѓа, дозволувајќи да го повлече и Димо со себе. За разлика од него, другите ликови, вклучувајќи го и раскажувачот во овој дел, пренесувачот на „вистината“, се вистински лицемери, од страв дека поради одредена реакција ќе си го срушат раатот.

Илиевски пишувајќи за тогаш, како да ја коментира денешницата во која живееме, и како да вели дека општетсво без отворена критика се голта самото себе и се претвора во мочуриште. Фантастичната сцена со синдикалниот собир во фабриката, каде главниот лик пројавува лидерски квалитети кои нема да бидат препознаени, за подоцна да биде избегнуван од најголемите пријатели со кои го делел истиот поглед на светот, како да се опис и на пост-фестум п(р)ојавите во три ипол децениското живуркање меѓу сметот и надежта на ова парче земја. Бидејќи и ние, како и Димо, верувавме во праведно општество, општество кое може да биде (до некаде) совршено… Но, по отрезнувањето, се разбира, доаѓа свеста за поразот.
„Некако сум убеден дека искусен значи предаден, победен, изгубен, помирен. Искусен, едноставно, значи престрашен. А искусен и остарен, е тоа е најповолна комбинација за креаторите на редот“.

И ако во „Суво мастило“ авторот се служи со историјата како моќна и веродостојна алатка за поставување на книжевната основа врз која потоа ќе гради светови, во „Необјавен фељтон“ тој оди чекор понатаму во обид што повеќе да ја објективизира сликата за историјата како безгрешна, играјќи си со фокусот на нејзините раскажувачи, секој од нив со свој поглед на нештата. Така на крајот ќе дојдеме до тажната вистина дека една толку силна личност како што е главниот лик во овој роман ќе биде деградирана од лажните изјави на една секретарка и една чистачка, како доказ за комплетен распад на етичкиот, моралниот и било кој вредносен човеков систем. На тој начин Илиевски како да ни вели дека на нештата треба да им пристапуваме со широко отворени очи, никогаш до крај не верувајќи во одредена „вистина“, колку и таа да звучи убедливо.
Поради сето претходно наведено, сметам дека „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски е еден од повозбудливите романи објавени кај нас во последниве години, бидејќи го доловува духот на времето кое се пресликува и во денешни дни.
