Денес небото над Скопје е прекрасно, посакувам пријатното декемвриско време уште малку да си потрае. А кога станува збор за небото што како заштитничка мрежа надвиснува над некој град, првата асоцијација е антологискиот филм „Небото над Берлин“ на режисерот Вим Вендерс, кој германската метропола засекогаш ја вкотви во аналите на седмата уметност. Во продолжение ќе го посетиме популарниот монумент „Столб на победата“, од кој Вендерсовите ангели го набљудуваа градот.

По посетата на прекрасната берлинска зоолошка градина, вклучувајќи го и аквариумот, со трамвај се довозевме до станицата „Тиргартен“, почетната точка во зелениот дел од центарот на угледниот кварт „Мите“, кој порано беше дел од Западен Берлин. Веќе во далечина го здогледавме „златниот ангел“ кој сјаеше на попладневното јулско сонце и не’ мамеше да го погледнеме одблизу. Одејќи по тротоарот на фреквентниот булевар „17 јуни“, опуштено се доближувавме до прекрасниот монумент, кој има интересен историјат зад себе.

„Столбот на победата“ е дизајниран од Хајнрих Штрак по 1864 година за да се одбележи пруската победа над Данска во Втората шлезиска војна. До моментот кога бил инаугуриран, на 2 септември 1873 година, Прусија ги победила и Австрија и Франција, давајќи ѝ на статуата нова намена. Различно од првичните планови, овие подоцнежни победи во војните за обединување го инспирирале додавањето на врвот на бронзената скулптура на Викторија, римската божица на победата, висока 8.3 метри, дизајнирана од Фридрих Дрејк, давајќи му ја на споменикот сегашна висина од 67 метри. Берлинчани на статуата и’ го дале прекарот „Goldelse“, нешто како „Златната Лизи“, именувана по хероината од популарниот роман од 1866 година од Е. Марлит.

„Столбот на победата“ првично бил поставен на „Кенигсплац“, денешен „Плоштад на Републиката“. Но во 1938/1939 година, како дел од подготовката на монументалните планови за редизајнирање на Берлин, нацистите го преместиле монументот на сегашната локација, на раскрсницата „Големата Ѕвезда“. Во исто време, столбот бил зголемена за уште 6.5 метри, со што ја добил сегашната висина е 66.89 метри. Споменикот ја преживеал Втората светска војна без многу оштетувања. Опкружен со кружен тек, споменикот е достапен за пешаците преку четирите тунели изградени според плановите на Алберт Шпер, каде спиралните скалила водат до средишната платформа.

Монументот е една од главните туристички атракции во Берлин. Неговата платформа, за која се плаќа билет, нуди еден од најубавите погледи врз градот. Ние сепак се одлучивме за поглед од легендарната ТВ кула во Источен Берлин, но за неа во друга прилика, бидејќи заслужува засебен текст.
Инаку, за време на „Битката за Берлин“ во 1945 година, советските трупи споменикот го нарекоа „Високата жена“. Војниците на полската армија, борејќи се заедно со своите советски сојузници, го кренаа полското знаме високо на столбот на 2 мај 1945 година, пред самиот крај од славната „Битка за Берлин“, ден кој оттогаш се слави како „Ден на полското национално знаме“. Малку подоцна, за време на „Парадата на победата“, француските трупи ја кренаа француската тробојка исто така на самиот врвот на статуата.

Враќајќи се на антологискиот филм „Der himmel über Berlin“ од 1987 година, чиј англиски наслов, пак, гласи „Крилја на желбата“ (Wings of desire), веднаш во мислите ми се враќаат сликите на ангелите Дамиен и Касиел, фантастично одиграни од Бруно Ганц и Ото Сандер, кои во паузите од наслушнувањата на мислите и маките на Берлинчаните, „кулираа“ и земаа здив токму крај Викторија, горе, близу до небото.



За крај, чинам дека е сосема соодветно овој текст да се заокружи со мал дел од прекрасната „Песна за детството“ на ко-сценаристот Петер Хандке, која исто така е еден од незаборавните моменти во филмот:
Als das Kind Kind war,
ging es mit hängenden Armen,
wollte der Bach sei ein Fluß,
der Fluß sei ein Strom,
und diese Pfütze das Meer.
Als das Kind Kind war,
wußte es nicht, daß es Kind war,
alles war ihm beseelt,
und alle Seelen waren eins.
(…)
Als das Kind Kind war,
warf es einen Stock als Lanze gegen den Baum,
und sie zittert da heute noch.

Кога детето беше дете,
одеше со рацете што му висеа млитаво,
сакаше потокот да биде река,
реката поток,
а локвата море.
Кога детето беше дете,
не знаеше дека е дете,
сè му беше оживеано,
и сите души беа едно.
(…)
Кога детето беше дете,
фрлаше стап како копје кон дрвото
кое денес сè уште трепери таму.

