Кон „Анатомијата на коњите“ на Даниел Видал Точа, „Фипресци“ лауреат во Торино
На 43-иот Филмски фестивал во Торино, наградата на Интернационалното здружение на филмски критичари „ФИПРЕСЦИ“ отиде во рацете на перуанскиот филм „Анатомијата на коњите“ на сценаристот и режисер Даниел Видал Точе. Жирито во состав Кјара Спањоли Габарди (Италија), Пол Рискер (Англија) и мојата маленкост, одлуката ја образложи на следниот начин:
„Филмот ја одразува неопходната вистина дека револуцијата содржи акција и крвопролевање, но таа е само состојба на умот осудена на неуспех. Ова чувствително истражување на домородната култура оживува преку магичниот реализам, црпејќи од духот на Едвард Мејбриџ. Како дело на визуелна поезија, кое е непропустливо во времето, филмот ни покажува дека она што човекот го поробил е послободно од самото човечко битие“.

Токму на мене ми припадна честа да пишувам за победничкиот филм, бидејќи „ме разнесе“ во најпозитивна смисла на зборот. Во продолжение е освртот на македонски јазик, додека англиската варијанта е објавена на сајтот на „Фипресци“. Текстот не е класична рецензија на едно филмско дело, затоа што се обидува да го следи сензибилитетот според кој е направен самиот филм. Се надевам дека ќе ве испровоцира да го гледате кога ќе бидете во можност за тоа 😉

„Што е она што највеќе возбудува на еден филмски фестивал? Се разбира, гледањето на добар филм. Возбудата расте уште повеќе кога ќе изгледате неколку добри филмови. Тогаш сфаќате дека селекцијата на фестивалот е на сосема задоволително ниво, и дека на седмата уметност и’ претстојат уште посветли денови. И на крајот, најголема сатисфакција е кога ќе откриете нов глас, нов автор од речиси непозната кинематографија, кој со своето прво долгометражно остварување делува неверојатно зрело. Сите овие нешта се споија во една точка насловена „Анатомијата на коњите“ зад која стои името на перуанскиот сценарист и режисер Даниел Видал Точа.

Исклучителен филм се препознава уште по воведната сцена. Феноменалното отворање во слоу-моушн, надградено со сугестивната музика, не’ воведува во свет кој е на границата на реалноста и сонот. Нештата ни се толку познати, но постојано ни се лизгаат од рацете, кокетирајќи со Борхесовиот магичен реализам. Влезот е долг и контемплативен, исполнет со секвенци од соништа, ритуали на смртната постела, библиски референци, јужноамерикански фолклор кој речиси го бакнува вестернот. Револуцијата повторно не успеа и утрешнината е сосема неизвесна, впрочем како и секогаш, но изборот е свесно направен и нема враќање назад. Таа е состојба на умот и наследство од нашите предци.
Револуционерот е нежен, тој се моли за душата на ламата која мора да ја убие за да може да преживее во непрегледниот пустински простор. Тој знае дека револуцијата е пропадната работа, и единствено што посакува е да се врати дома. И таман кога како гледачи помислуваме дека присуствуваме на еден од оние интровертни филмови во кои ја следиме борбата на еден човек со самиот себе, со контекстот во кој живее и со целиот свет, од небото паѓа метеор! И прави огромна дупка во тлото. Ох, колку го сакам тој неочекуван „свич“ во приказните, како во филмот, така и во книжевноста, бидејќи ме прави да се чувствувам жив, прави да го промислувам животот како разумно човечко суштество.

Од романтичниот поглед кон револуцијата, авторот на филмот не’ катапултира во суровата капиталистичка реалност на новиот милениум. „Леб и игри“ е дамнешна формула за задоволување на потребите на обичниот народ, оној кој се’ уште ги почитува правилата на природата како извор за сопствената егзистенција. Во живописните предели на Андите минатото е присутно насекаде и тоа се случува во моментот, како неподнслива леснотија на постоењето на жителите од различна провиниенција. Танцот пред рудникот на смртта е само моментна експресија на радоста на живеењето, додека проблемите се наталожуваат еден врз друг. Но локалните жители се свесни за времето во кое живеат. Никогаш не ги потценувајте обичните луѓе. Тие се срцето на планетата Земја.
И повторно, следи уште еден „свич“ како нов квалитативен леер во филмската приказна. Сестрата е во потрага по својата загубена близначка. Сите се сомневаат на метеоритот, ѕвезденото тело кое без особена интенција ќе успее да обедини две сродни души. И додека револуционерот се’ уште верува во радикална трансформација, таа, загубената жена од неговите соништа, симболот што ги поврзува времињата минати и идни, е сигурна дека промената не е можна. Сето ова нè води до крајното, суштинско прашање: дали револуцијата е вродена во нас или е само конструкција по која постојано се стремиме!?

А тој, крајот (на филмот, на животот, на светот), подразбира нов почеток, кој стартува со песна за мртвата сестра. „Кои сме ние, ти и јас? Само студен, осамен ветар“. И додека белите луѓе им носат смрт на градовите, децата си играат со дрвените пушки, а селската луда го повторува пророштвото во недоглед: „Слушај предавнику, ќе ослепеш и ќе ја продадеш својата кауза“. Кругот е тркалезен, го качувате вашиот мртов пријател врз коњот, и повторно тргнувате на патот за никаде, како судбина од која нема бегање.
Но свеста е присутна целото ова време. Знаете дека иднината е зад вас, и токму поради тоа морате се’ одново да почнете, затоа што, едноставно, не постои друг начин. А најдобро место да го сторите тоа е крај реката, бидејќи водата ги прочистува сите гревови. Притоа, сосема природно, го ослободувате коњот од прангите, бидејќи само коњите можат да бидат слободни. Како оној на пионерот на подвижните слики Едвард Мејбриџ. И повторно се вклучувате во историјата која се движи наназад. Бидејќи, не заборавајте, иднината е зад сите нас.

Гледачот во затемнетиот кино храм конечно станува составен дел од навестената Борхесовска магична реалност, преку погледот низ телескопот на револуционерот, како калеидоскопско огледало кое проектира неверојатни многузначности. Перцепцијата на комплексната приказна станува задоволство кое изискува фусноти, од кои на крајот знаете дека ќе настане текст полн со метафори. Како и самото филмско дело.
„Анатомијата на коњите“ е визуелна поезија каква одамна не сум гледал на сребрениот екран!“
