Во рамките на актуелното издание на „Синедејс“ синоќа во 20 часот (реприза денес во 17.30) бевме во можност да присуствуваме на уште една фестивалска проекција на најизвиканиот бугарски филм оваа година, „Насоки“ на Стефан Командарев, откако истиот го отвори и годинашното издание на „Браќа Манаки“ во Битола кон крајот на септември. Филмот кој својата премиера ја доживеа на јубилејното 70. издание на престижниот филмскиот фестивал во Кан во рамките на втората селекција по вредност, „Извесен поглед“ (Un certain regard), преку Сараевскиот филмски фестивал во август, конечно се закотви врз балканските кино екрани, кадешто и му е местото, меѓу оние кои можат да ја препознаат неговата вистинска вредност, балканската публика, која овие приказни раскажани на платното неретко ги почувствувала и врз својата кожа и секојдневно живее/преживува со нив.
Архива за категоријата: Филм
Кон „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска
Изминативе денови се крена многу врева и прав околу новото остварување на Теона Митевска, „Кога денот немаше име“. Како фино маркетиншко надоврзување на фокусот врз филмот, продуцентите се решија, по македонската премиера на „Браќа Манаки“ минатиот месец, а во пресрет на неговата кино-прикажувачка премиера која стартува в четврток, на 12 октомври, да организираат две бесплатни претстави во рамките на „Бела ноќ“ во саботата, што беше одлична можност да се види овој едноиполчасовен филм заедно со шаренолика публика љубители на Седмата уметност, без помпезностите кои ги носи гала премиерата.
Кон „Истребувач 2049“ на Денис Вилнев
Еден ден по најдолго исчекуваната премиера во мојот живот седнувам пред компјутерот, го пуштам на Јутјуб саундтракот од филмот за да ме понесе атмосферата на реминисценција од прекрасните филмски слики видени претходната вечер, и започнувам да го пишувам овој осврт кон филмот „Истребувач 2049“, попознат како „Блејдранер двојка“, со тоа што дистрибутерите решиле да го задржат насловот од 80-те години, како евоцирање на едно време кога добрите ес-еф филмови имаа суштина и не беа обременети со премногу специјални ефекти.
Кон „САМО Е КРАЈОТ НА СВЕТОТ“ на Ксавиер Долан
Последниот филм на контроверзниот Ксавиер Долан, „Само е крајот на светот“ (Juste la fin du monde), минатата година во Кан доби „Гран при“ од жирито, односно втората награда по вредност на престижниот фестивал. Филмот можеби дистрибутерски малку доцни во овие краишта, но филм зад кој стои Долан со сиот багаж зад себе преку филмовите „J’ai tué ma mère“ (2004), „Les amours imaginaires“ (2011), „Tom à la ferm“ (2013)… секако мора да се погледне. На крајот испаѓа дека наградата што му ја доделило жирито на чело со претседателот Џорџ Милер (Лудиот Макс) е повеќе од компромис, ако знаеме дека победи извонредниот „Јас, Даниел Блејк“ на Кен Лоуч, веројатно за да има некаков баланс со Британците во тој вечен антагонизам помеѓу La France и Островот. Читај повеќе
Кон германскиот филм „Тони Ердман“ на Марен Аде
Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони Ердман“, во рамките на Кафе киното како дел од традиционалното Скопско лето, кое патем, годинава има навистина интересна програма. Филмот кој во декември на доделувањето на Европските филмски награди во Вроцлав (Полска) освои сè што можеше да се освои во главните категории (најдобар филм, режисер, сценарио, актерка, актер) со право може да се каже дека претставува полн погодок, бидејќи ја репрезентира токму европската кинематографија во целина, и сето она што таа со години се обидува да го наметне како начин на размислување при реализацијата на едно филмско дело. Снимен речиси во целост со ‘камера од рака’, германскиот филм иако трае 155 минути, во ниту еден момент не е здодевен. Напротив. Секоја сцена има свое зошто и свое затоа при плетењето на приказната за карактерите, чии односи се крајно сложени, меѓутоа, како тече филмот, истите се обидуваат да дојдат до своја кристализација, до самопрочистување. А како да се стигне до тој момент, ако не со глумење на „нормално лудило“!? Затоа што во овој свет кој нема да полуди , тој навистина е луд 🙂
Кон документарецот „1959: годината која го промени џезот“ на Пол Бернајс
Вечерва со возбуда изгледав еден прекрасен шеесетминутен документарец насловен „1959: годината која го промени Џезот“, телевизиски проект од 2009 година на режисерот Пол Бернајс кој, благодарение на актуелниот „Фестивал на музички документарци“, заедно со педесетина љубители на филмот и музиката имавме можност да го погледнеме на големото платно во Кинотеката на Македонија. И додека на ланското издание им оддадов почест на документарците на БиБиСи за моите херои од младоста, Џој дивижн и Пинк флојд, овој пат овој наслов, уште кога забележав дека е дел од фестивалската програма, знаев дека морам да најдам време да одам да го видам. Со завршување на неговата проекција како да го заокружив последниов полугодишен период од мојот живот како ново четиво, како новоотворена врата кон некои предели за кои досега само насетував дека постојат и дека кај и да е, ќе дојдат, или кои како минато искуство ги препознавав при раскажувањето на другите. Понекогаш работите се одвиваат на најнеочекуван начин, иако веројатно и самите имаме удел во нивното придвижување, во нивното повикување кон нашето опкружување, делување и меѓучовечка интеракција.
Кон финскиот филм „Другата страна на надежта“ на Аки Каурисмаки
Кога зборуваме за помали европски кинематографии, финската секако е една од нив. Истата најчесто се поистоветува со имињата на браќата Мика (постариот) и Аки (помладиот) Каурисмаки, кои, интересно, од нивниот прв наслов од 1980 година па наваму, досега продуцирале 1/5 од финските филмови, што е за голема пофалба. Под продуцентска контрола на нивната куќа „Вилеалфа“ (крстена во чест на „Алфавил“ на Жан-Лик Годар), браќава прават крш со нивните остварувања, снимајќи прекрасни приказни полни со емпатија во кои најчести (анти)херои се маргиналците, луѓето од предградијата, кои тешко се снаоѓаат во турбулентните модерни времиња. Истовремено тие мудро ги користат адутите како разоружувачкиот хумор на најнеочекувани места и сатирата како дозиран лек против малоумноста, сето тоа водејќи на моменти и кон апсурдот како посакувана дестинација, како и постојаната игра со структурата на самиот филм и сесрдното кршење на филмските конвенции како алатка која е својствена само за овие „налудничави“ фински браќа.
Кон класикот „Кум“ на Френсис Форд Копола
На неодамна завршениот Трибека филм фестивал во Њујорк, после четириесет и пет години, на сцената заедно седнаа творците на легендарниот „Кум“ (The Godfather): режисерот Френсис Форд Копола и актерите Роберт де Ниро, Ал Пачино, Роберт Дивал, Дајан Китон и Џејмс Кан. Освен носталгичното потсетување на 70-те и 80-те, времето кога се оформи култната трилогија, пред преполната сала се зборуваше и за (не)можноста да се сними и четврто продолжение.
Кон класикот „2001: Одисеја во вселената“ на Стенли Кјубрик
По освртот кон „Граѓанинот Кејн“, еве мал осврт и кон еден од најдобрите визионерски филмови во филмската историја, „2001: Одисеја во вселената“, кој следната година ќе наполни 50 години. Иако неговите главни креатори, Артур Кларк и Стенли Кјубрик, одамна не се меѓу нас, се надеваме дека јубилејот ќе биде достојно одбележан, на радост на фановите ширум светот.
Кон класикот „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс
Секогаш кога по повод некој јубилеј се прават избори на најдобри филмови во историјата на кинематографијата, во кои учествуваат битни филмаџии со своите мислења, „Граѓанинот Кејн” на Орсон Велс во многу случаи е на самиот врв, или пак во групата „Топ 5 филмови на сите времиња“. Првенецот на Велс скрши многу правила во филмскиот јазик, но измисли и неколку нови, кои подоцна сесрдно ги прифатија и ги употребуваа во своите филмови останатите филмаџии од неговата генерација.