Сè уште добро се сеќавам на една трибина во организација на тогаш Филмскиот фонд, која се одржа во Кинотеката, на која бев и активен соговорник, а на која учествуваше и Антонио Митриќески. Тој тогаш отворено се пожали дека долго време конкурира со квалитетно сценарио потпишано од еден Гордан Михиќ, но Фондот никако да го поддржи. Година ил две подоцна Митриќески доби зелено светло за реализација на овој проект и веќе се наоѓаме во предвечерјето на снимањето на филмот, на конференција за новинарите во Форца, на која дел од изјавите се директно земени, а дел од нив се од пресот.
Еден месец пред првата клапа на новиот, трет по ред целовечерен филм на режисерот Антонио Митриќески, „Деца на сонцето“, екипата на филмот минатата недела на прес-конференција ги објави поединостите околу овој проект. Тоа беше убава можност да се запознаеме со екипата на филмот, но и да позборуваме со режисерот Митриќески, кој по „Преку езерото“ и „Како лош сон“, конечно ќе го реализира и својот трет филм, по сценарио на Гордан Михиќ, автор на култните „Среќна нова ’49“, „Дом за бесење“, „Црна мачка бел мачор“, „Заборавени“, „Туѓа Америка“…
Антонио Митриќески: Јас како автор, како режисер на филмот, велам дека филмот веќе е почнат затоа што неколку недели пред снимањето не треба да се направат грешки ниту во сценографија, ниту во костими, ниту во актерите, кои се веќе избрани. Ако сега се направат грешки, тие за време на снимањето ќе останат, ќе се пролонгираат, ќе бидат уште повидливи… Знаете, лагата на екранот, како и вистината, се уште повидливи, така што, внимавам во овој период сè да биде во ред, правиме проби со актерите, костимите се при крај, сценографијата исто така, Влатко Стефановски направи веќе 80 проценти од иманентната музика што ќе ја имаме во филмот, од еден џубокс-кукла, кој ќе стои на сетот, и десетина нумери ќе доаѓаат од тој џубокс. Секако, за време на снимањето најмногу внимание обрнувам на актерите, тие се светиња и од нивната игра гледачите го гледаат конфликтот меѓу нив.
– Како се вели, мора да ги засакате и да им верувате на актерите, за тие потоа да ви дадат многу повеќе…
А.М. Мислам дека треба да се сакаат актерите, но и улогите што ги играат, не дај боже да си непријател со некој актер, цел живот ќе страдаш потоа. Сега многу повеќе разговарам со глумците, отворен сум кон нив, ги слушам нивните сугестии, ги запишувам, ги промислувам, праќам назад имејлови и сите се презадоволни од овој начин на комуникација.
Филмот „Деца на сонцето“ е љубовна приказна, во која главни ликови се Ангела и Марко. Дејствието се случува на периферијата на едно мало гратче крај Преспанското Езеро. Проследени се доживувањата на семејството на Ангела. Таа е ќерка на Кале и Мира, кои имаат уште два сина и една ќерка. Кале држи кафеана, во која му помагаат неговата сопруга и децата.
А.М. Дејствието на филмот повторно се случува на Преспанското Езеро, и веќе ме прашуваат зошто пак таму, по мојот прв филм „Преку езерото“. Но, изборот не е намерен туку случаен. Ни требаше вода и сеедно беше дали ќе биде река, езеро или море, така што не го избрав повторно Преспанското Езеро поради тоа, но ме радува што ќе снимаме во екстериери што во нашата филмска индустрија не се многу искористени.
Честа да ги наслика на големото платно убавините на Преспанското Езеро му припадна на полскиот кинематографер Јарек Шода, кој соработуваше со Митриќески и на претходниот филм со урбана тематика, „Како лош сон“. Инаку, нивното пријателство датира уште од студентските денови.
А.М. Овде имаме одлични сниматели, но одамна се знаеме со Јарек. Јас во Лоѓ студирав режија, а Јарек камера. Работевме заедно уште во Лоѓ, го работевме документарецот „Време“, како и една ТВ-драма, „Има ли таму некој“, според текст на Вилијам Саројан, и таа соработка продолжи. Јарек е навистина во ред затоа што се разбираме. За време на снимањето можеме да се разбереме и со мимика. Многу е полесно да работиш со екипа со која веќе си работел и си задоволен од неа. Филмот е скапа играчка, не дозволува импровизација, и еден ден доцнење веќе знае многу да чини.
„Деца на сонцето“ ќе се снима 36 работни дена во Ресен, Отешево и во Претор, во Битола и во Скопје, а веројатно (за што сè уште се чека потврда) и во Црна Гора. Филмот е копродукција со Србија и со Црна Гора, „Хоризонт филм“ и „Револушн продукција“ се македонските продукции, но во очекување е да се потврди и копродукциското учество на Словенија, Хрватска и на Бугарија. Главната ролја ја толкува Кире Ѓорески, а во другите улоги играат Владо Јовановски, Милица Стојанова, Ѓорѓи Јолевски, Мето Јовановски, Ацо Дуковски, Данчо Чевревски, Билјана Таневска, Камка Тоциновски, Мартин Мирчевски, Сашко Коцев.
Владо Јовановски: Она што како актер можам да го кажам е дека добив едно исклучително добро сценарио, во кое и најмалиот лик е голем лик, автентично и македонско, приказна што во оваа фаза, додека се загревам за снимање, ми создава своевиден немир, затоа што самото сценарио е многу искрено, суштинско и со многу конфликти, со доза на хумор од типот на вицот за Индијанецот, кој кога бил прободен со стрела во грлото, навикнал да живее со неа, и кога го прашале како успева да живее со стрела во грлото, рекол дека сè е нормално, само кога ќе се насмее, чувствува дека го боли. Таа метафора е најблиску до шмекот што го вклучува ова сценарио.
Значи, актерската екипа, која вклучува и три деца избрани на кастингот во Ресен, веќе на големо ги подготвува своите ролји, а во епизодна улога на музичар, пријател на семејството во филмот, ќе се појави и Влатко Стефановски, кој ќе биде и автор на музиката, и кој, интересно, по 16-годишна пауза, повторно снима музика за домашен, македонски филм.
Влатко Стефановски: Можеби е малку чудно, но поминаа 16 години од мојата работа со Столе Попов на филмот „Џипси меџик“, за кој ја компонирав музиката. Минатата година работев музика за филмот на Горан Паскаљевиќ, „Кад сване дан“, тоа за мене беше големо признание. Драго ми е што Антонио се сети на мене и со големо задоволство ќе ја работам оваа музика. Можам да најавам дека по првите разговори и првичното читање на сценариото, направив сонг што веќе е снимен и мислам дека дополнително ќе ја мотивира целата екипа, затоа што ќе се врти за време на снимањето.
И на самиот крај, да споменеме дека филмската екипа вети дека ќе внимава и ќе обрне сериозно внимание кон зачувување на природата, бидејќи, над сè, целта на режисерот е да ги покаже убавините на Преспа, кои, според најавите, ќе можеме да ги видиме на големото платно во текот на идната година, кога „Деца на сонцето“ комплетно ќе биде завршен.
Една година подоцна, по фестивалската премиера во Битола, следуваше и кинопремиерата на филмот во „Милениум“, каде што земав изјави од Антонио Митриќески, конкретно прашувајќи го за одредени нешта и недостатоци во веќе гледаниот филм, како и од актерите со солидни остварувања Владо Јовановски и Милица Стојанова. Но, тука се појавува знакот дека работата е можеби при самиот крај. Имено, при конвертирање на снимениот материјал од еден во друг формат, се губи тонот, и при хакерскиот обид повторно да дојдам до него, успевам да вратам само дел од изјавите на г-ѓа Стојанова. Токму така и одеше прилогот, со мој коментар, и тука и таму изјави од доајенката на македонското глумиште. За жал, се покажа дека овој прилог и пехот што ми се случи, ќе биде и последен што ќе се емитува во магазинот на фреквенцијата на ТВ Телма, вклучувајќи го и магазинот, секако.
Во најмала рака, чуден живот води новиот филм на Антонио Митриќески, „Деца на сонцето“. Своето прво јавно прикажување го имаше на Kанскиот фестивал во мај, потоа работата беше повлечи-потегни за неговото присуство на фестивалот „Браќа Манаки“, каде што не се знаеше дали ќе биде филм на отворање или на затворање, борејќи се со „До балчак“ на Столе Попов, па следуваше интернационалната премиера на „Реинденс“ фестивалот кон крајот на минатиот месец, за конечно тој да стигне и на репертоарот на домашните кина. Сепак, како „Реинденс“ да претставува клучен момент за филмот, особено за негова промоција надвор од границите, потенцирајќи дека тој ги поддржува независните филмови и автори, што во случајот со Митриќески и „Деца на сонцето“ оваа констатација е сосема дискутабилна.
Третото целовечерно остварување на Митриќески следува по првенецот „Преку езерото“ од 1997 година и „Како лош сон“ од 2003 година. По прилично камерните први два филма, овој пат режисерот се одлучува за поголем актерски ансамбл, составен од различни генерации македонски актери, надополнети со понекој странец, и интересно, со неколку деца-натуршчици. Токму работата со актерите е една од неколкуте клучни нешта за успешен финален продукт. Сепак, присуството во заеднички сцени на имиња како Мето Јовановски и Владо Јовановски, надополнети со доајенот Милица Стојанова, режисерот на филмот како да не знаел да го искористи, па во 90-тите минути сме сведоци на потенцијал што не е искористен, и цело време како гледачи искрено жалиме поради тоа. Во исто време, гостувањето во првиот дел од филмот на фантастичниот босански актер Емир Хаџихафизбеговиќ е исто така комплетно неискористено, доколку знаеме дека тој на последното издание на венециската Мостра доби една од актерските награди за неговата ролја во филмот „Такви се правилата“ на режисерот Огнен Свиличиќ. Сепак, вината веројатно лежи во тенкото сценарио, иако го потпишува големиот Гордан Михиќ, чие име Митриќески со години го нагласуваше како важен сегмент, за на крај конечно Филмскиот фонд да му одобри средства за овој филм.
Мето Јовановски, Милица Стојанова и Владо Јовановски извадиле максимум од она што го добиле во сцените, давајќи им крв и месо на докрај недифинираните карактери, кои и покрај повторливите реплики, сепак ни ја доловуваат атмосферата во едно македонско семејство на работ од егзистенцијата, чија иднина е сосема неизвесна.
Филмот на Митриќески е приказна за семејството и лојалноста, љубовта и загубата, предавството и искупувањето. Додека мафијата го уништува животот на едно големо семејство и ги остава на работ од егзистенцијата, силна и тајна љубов се разгорува меѓу гангстерот Марко и Ангела, која, пак, нејзиното семејство преку огласи ја ветило на еден балкански гастарбајтер во Германија. Монтажер на филмот е Андрија Зафрановиќ, музиката ја потпишува легендата Влатко Стефановски, кој има и мало појавување на почетокот и крајот од филмот како lonely rider in the sun, што е сосема ирелевантно и надвор од приказната, и како најсветла точка за споменување е директорот на фотографија, Полјакот Јарослав Шода, кој очигледно инспириран од Преспа и нејзините убавини, ја чепнал уметничката нота во себе и ја развил до бескрајни убавини. Впрочем, филмовите на Митриќески отсекогаш и изгледале визуелно убаво токму благодарение на соработката со квалитетните полски директори на фотографија што си го знаат занаетот.
Како и да е, сплавот што како метафора е фино искористен во филмот „Деца на сонцето“ плови по прилично немирни води, иако промоцијата и изјавите поврзани со ова остварување одат на таа сè попопуларна и веќе видена популистичка линија. И иако кинопремиерата на филмот во Македонија е актуелна и веќе тече, продуцентот на филмот Дејан Милошевски по скопската премиера, од сцената најави дека на големо течат подготовките за следниот филм на Митриќески, „Битката на Беласица“. Кои и какви копродуценти ќе се залепат за ваков ‘сериозен’ и гломазен проект, останува да видиме.
(Прилозите се емитувани во „ФИЛМОПОЛИС“ бр. 440 и 502, а текстот е објавен во книгата „ФИЛМ.МКД“)