Источна екскурзија во западната хемисфера

И по триесет и две години од неговиот првенец, со новото остварување „Источни ветувања“, канадскиот режисер Дејвид Кроненберг докажа дека се’ уште ја поседува моќта да ги изненади и предизвика вљубениците во седмата уметност

Малкумина режисери од другата страна на океанот можат да се пофалат со конзистентност во својата работа, и пред се’, покажување на средниот прст кон холивудската индустрија секогаш кога оваа ќе пројави желба да зафркне некој квалитетен автор, нудејќи му еден куп пари за снимање на следниот проект. Можеби Кроненберг ја имаше таа луда среќа да се роди во Канада, кадешто на снимањето филмови се гледа сосема поинаку, суверено штитејќи го авторското кредо. Но, да бидеме искрени, Холивуд никогаш особено не ги ценел неговите филмови, сметајќи го „лудиот трапер“ за „филмски изрод“, чии целовечерни остварувања никој не ги разбира. Но за среќа, или можеби како некакво непишано правило, секогаш кога ќе се појави некој квалитетен и поинаков филмаџија, големите студија се оние кои се во заблуда.

Почнувајќи од првите негови филмови од крајот на 70-те години, „Бесен“ и „Морници“, преку „Видеодром“ и „Мува“, неговиот најголем комерцијален успех во кариерата, па се’ до екранизацијата на култниот роман „Гол ручек“ на Вилијам Бароуз, класикот „Мадам Батерфлај“ и виртуелниот „Егзистенс“ од 90-те години, овој контроверзен филмски автор регрутираше еден куп фанови низ целиот свет, кои со нетрпение го очекуваат секој негов следен потег. Креирајќи нов жанр („body/horor“) во кој белезите на човековото тело се секогаш во прв план, одејќи до крајни бизарности во кои гледачот присуствува на реоткривање на можностите на издржливост на човековиот кожен оклоп, Кроненберг колку повеќе ја згрозуваше публиката со своите експерименти, таа толку повеќе му возвраќаше со неизмерна филмофилска љубов.

Зрелоста и мудроста на филмскиот потпис на Канаѓанецот стапија на сцена, нормално, со годините и искуството, во почетокот на овој век. Прво ни го подари „Пајак“, темна психолошка драма во која брилјира Ралф Фајнс, но ова нетипично дело како малку да ги разочара неговите поклоници, чии вибрации Кроненберг веднаш ги разбра, решавајќи итно да сврти нов лист. „Историја на насилството“ од 2004 година беше тој нов здив од неговата работилница, филм кој ни ја откри неговата нова машка актерска муза – Виго Мортенсен. Три години подоцна нивната соработка продолжува и во актуелниот наслов „Источни ветувања“, кој по премиерата и наградата од публиката на домашна територија, на филмскиот фестивал во Торонто, својот пат го продолжи на останатите филмски фестивали, но и на редовниот кино репертоар во поголемите држави низ светот.

Сместен во подземјето на мултинационалниот Лондон, кадешто руските иселеници по паѓањето на железната завеса се намножија како стаорци, „Источни ветувања“ ни раскажува за секс-трговијата со Источноеропејките, чии услуги ги полнат џебовите на сибирските мафијаши, кои добро се прикопчани на западниот систем на вредности. Случајно до дневникот на една од тинејџ-жртвите доаѓа медицинската сестра, чија грижа на совест за новороденото дете на мртвата мајка ја тера да ја разоткрие приказната докрај, со надеж дека виновниците ќе бидат казнети.

Како и секогаш, добрата работа со актерите е 70% завршена работа со филмот. Кроненберг го знае тоа и со добриот кастинг, во кој сите се маестрални, приказната ве држи будни: Наоми Вотс ќе ве изненади со својата уверлива тивка интензивност, Армин Милер-Стал се обидува да го избегне клишето „Кум“, но на руски начин, Венсан Касел е сугестивен и убедлив како неговиот психокриминален син, додека за Виго Мортенсен не треба да се трошат зборови. За заокружување на успешноста на ова мало ремек-дело се заслужни и Стивен Најт, чие мајсторски структуирано сценарио постојано ве остава во исчекување, инсистирајќи на богати детали при градењето на карактерите, потоа, кинематограферот Питер Сушицки, постојаниот соработник на режисерот уште од „Мртви ѕвонари“ (1988), кој мрачниот Лондон го слика со непогрешливо око, и секако, композиторот Хауард Шор, чија музика долго потоа ќе ви одѕвонува во умот.

Кроненберг со новиот филм успеа да направи нешто навистина уникатно, создавајќи комплексен хибрид од жанровите драма/трилер/акција, секако, суптилно вметнувајќи го некаде помеѓу саб-жанрот што самиот го создаде, „бади-хоророт“, со што само ја потврди одамна осознаената вистина: дека тој не е само еден од најталентираните филмаџии во неговата генерација, туку дека е и еден од најхрабрите гласови во современиот филм.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 5 февруари 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *