Во последниве години британската кинематографија конечно застана на нозе и на светот му понуди филмови кои одлично се носеа со доминантната холивудска понуда. Во овој период настанаа дела како „Trainspotting“ и „Shallow grave“ (и обата во режија на Дени Бојл), потоа „Velvet goldmine“, „Acid house“ и други наслови, кои го земаа рокенролот (или пак актуелните музички трендови) како основна подлога на филмот, или пак како главен носител на филмското сиже („Кадифен рудник од злато“ е полуавтобиографски филм за Дејвид Боуви и за случувањата на британската музичка сцена во 70-те, додека „Есид куќа“ е посвета на клупската сцена од актуелните 90-ти). Музиката и филмот отсекогаш оделе во пакет, а тоа Британците (и не само тие) мудро го искористија за да предизвикаат интерес кај новата генерација филмски уметници, настрана од она што го прават/правеа островските ветерани како Питер Гринавеј, Мајк Ли и (починатиот) Дерек Џарман.
Но сето ова не значи дека квалитетот на новопонуденото секогаш претставува надградба на претходно подготвениот терен. Новиот филмаџија Ендрју Гот, опчинет од Тарантиновите вратоломии, заедно со една стара и една нова музичка ѕвезда, Дејвид Боуви и Голди, го сними филмот „Сите сакаат сонце“, кој претставува грешно читање на филмот како јазик за изразување. Краткото објаснување по едноиполчасовното гледање на филмот би било – КРАЈНО ПРЕДВИДЛИВО! Дури ни ѕвездите од калибарот на двајцата споменати протагонисти не успеале да го извлечат филмот од клишето , освен можеби љубопитност кај гледачите да ги видат своите музички херои во нетипични улоги за нив. Идејата за прикажување на животот во мултинационалната мешалка Лондон преку судирот на црните и жолтите е тема што преку океанот е опсервирана и преџвакана многу одамна. И не само тоа. Она што би требало да претставува предизвик за секој млад автор, ожноста за шокирање со нов филмски пристап и придобивање на одредена публика на своја страна, Гот ја испушта од раце, чекајќи некои подобри времиња во иднина, кога ќе созрее како филмаџија.
Боуви и неговото долгогодишно камелеонство (но само во музичката индустрија) овој пат потфрлија. Но тој досега и онака бил само епизодист во филмската индустрија, носејќи само додатна ексклузивност во филмовите во кои настапувал, со чесни исклучоци, нели. „Човекот што падна на Земјата“ (1976) на Николас Рег можеби навести некаков поинаков тек на настаните од претходната констатација, но освен таа улога, сите останати на Бови беа само театралност, и ништо повеќе. Во „Глад“ (1983) на Тони Скот, „Инцидентот Лингвини“ (1992) на Ричард Шепард и „Твин пикс“ (1992) на Дејвид Линч, Боуви го позајми своето „Зиги Стардаст“ его, но филмското платно зрачи сосема друга енергија од музичкиот албум, или пак од преолната сала со фанови пред концерт. „Сите сакаат сонце“ е доказ дека Боуви треба да остане онаму кадешто е најсигурен, во музичките води, па дури и таму не треба да крева премногу врева, туку мирно и достоинствено да замине во легендите, каде дефинитивно и припаѓа.
Голди, пак, е музичка ѕвезда што надоаѓа, а неговите амбиции да влезе во филмскиот свет многумина ги оценија како незрело однесување. Иако металните заби и фрики-изгледот му носат одредени предиспозиции, за Голди сепак важи истата констатација како и за Боуви. За правење мангуп и член на банда што сака да завладее со мегалополисот Лондон пред се’ треба да се научи да се глуми, а тоа не е мала работа. Сепак, џангл-саундтракот на Голди во соработка со неговите колеги е квалитетен придонес кон овој проект на Гот, што го прави носачот на звук позабележителен и поквалитетен од самиот филм.
Една од ретките работи што исто така остава впечаток е фотографијата во филмот, која јасно сака да се дистанцира од онаа во американските филмови. Впроечм, лондонските предградија даваат одлична можност за таков експеримент. Затоа, и самиот „Сите сакаат сонце“ може да се сфати само како обид за експеримент, и ништо повеќе.
@Текстот е објавен во „Утрински весник“ на 31 август 1999 година.