Како и снимањето на филмот на Поповски, „Балканот не е мртов“, и второто играно остварување на Игор Иванов се случуваше во една од халите на Скопскиот саем, каде што во камерна атмосфера исполнета со електрицитет токму за време на присуството на екипата на „Филмополис“, протагонистите во филмот, продуцентот и режисерот се обидуваа да останат ментално „во филм“ за да го истераат планираниот дневен план на снимање во целост. Сето ова го покривме во магазинот со реден број 397, преку чиј текст ги кажуваме речиси сите поединости за филмот. Секако, самиот прилог содржеше и изјави на режисерот Иванов и продуцентот, истовремено и директор на фотографија Томи Салковски, меѓутоа поради некои други настани што следеа, сметавме дека е посоодветно да оди целото интервју со Иванов по премиерата на филмот.Утрово во петтата хала на скопскиот саем и официјално започна снимањето на филмот „Соба со пијано“, по сценарио на македонскиот драматург Жанина Мирчевска, која живее во Словенија, и во режија на Игор Иванов. Краткиот синопсис вели дека филмот е приказ на различни животни судбини доведени на една единствена локација, од чиј ракурс може да се допрат најсуштествените аспекти на нашето постоење. Оваа соба е единствениот простор, а кусото време минато во неа единственото време, кога ликовите, изолирани од светот и сета хипокризија во него, ја живеат луцидната страна на сопствениот живот, го живеат она што тие вистински се.
Просторот што го сочинува само една соба не претставува ограничувачка околност, туку напротив, предизвик за филмската екипа, сметаат авторите на филмот. Впрочем, низ филмската историја има стотици примери, од Чаплин и Мелиес, преку Полански и Михалков во поново време, кои своите филмови ги снимија токму во една затворена просторија, а филмовите беа одлични. Актерската екипа во филмот е интернационална, бидејќи така налага сценариото. Наташа Петровиќ, Владо Јовановски, Фирдаус Неби, Васил Зафирчев, Игор Стојчевски се дел од македонскиот кастинг, а интернационалниот го сочинуваат искусниот Светозар Цветковиќ, Торстен Вогес, Ханес Вегенер и Тони Палмер, и помладите Ива Крајнц, Јагода Кумриќ и Невена Ристиќ.
Музиката во „Соба со пијано“ ќе ја компонира познатиот светски пијанист, композитор, вокалист и продуцент, Канаѓанецот Чили Гонзалес. Пијаното, кое фигурира во самиот наслов на филмот, се наметнува како еден од рамноправните ликови во оваа егзистенцијалистичка камерна драма, која се случува во еден хотел од 30-тите години на минатиот век.
Продукциска куќа што стои зад филмот е „Скопје филм студио“, со пари добиени од Филмскиот фонд на Македонија, за жал, без странски копродуценти поради кризата што ја зафати кинематографијата, па токму затоа можеби саемските кулиси се совршено решение на крајот од снимањето да остане и банка повеќе од предвиденото.
Наредната есен филмот на Иванов е готов, премиерата ја доживува на отворањето на „Браќа Манаки“, за потоа, како и во случајот со „Превртено“, да ја доживее и кинопремиерата во „Милениум“. Но, во меѓувреме се случи еден преседан во нашата понова филмска историја. Имено, комисијата при Друштвото на филмски работници на Македонија на чело со Горјан Тозија реши единствениот кандидат (и покрај тоа што Роберт Насков подоцна тоа ќе го демантира, велејќи дека и „Балканот…“ ги исполнувал условите и бил во рамноправна конкуренција со филмот на Изи) да не биде кандидиран за македонски претставник на Оскарите во 2013 година. Образложението, парафразирано, би звучело дека ваков филм, едноставно, е срамота да се прати пред членовите на Академијата и однапред е осуден на неуспех. Но, тоа и онака никогаш не било важно за еден домашен филм, туку фактот дека во портфолиото ќе стои оти тој филм бил национален кандидат за Оскар, што значи, топ-оф-д-попс од односната држава за таа година, или во превод – потенцијална подобра продажба на филмот низ светот во следниот период. За сево ова зборувавме со Иванов во „Филмополис“ бр. 456. Иако теренот беше отворен, сепак се покажа дека „утрото е помудро од ноќта“, но и онака сето ова е само циркус во кој сите се на една иста страна, а улогите треба добро да се одиграат, нели.
За разлика од првенецот „Превртено“, кој раскажува една урбана маалска приказна со неколку антихерои загубени во транзицијата, овој пат сосема нов модел на приказна, во која просторот, односно собата со пијано ги обединува различните судбини, чии животни стории се исто така испревртени, како и самиот живот, нели. Што беше иницијалната каписла за снимање еден ваков филм, би рекол, прилично мејнстрим во својата матрица, по „Превртено“ кој во својата структура имаше прилично бунтовни елементи, иако, интересно, имаме превртена приказна, односно, ако првиот филм беше базиран според едно бестселер-четиво во домашни услови, „Папокот на светот“ на Венко Андоновски, новиот филм е снимен според еден релативно малку познат драмски текст на Жанина Мирчевска, издаден пред дваесетина години.
Игор Иванов Изи: Тоа се добри прашања, но уште на почетокот би сакал да потенцирам дека заеднички именител и на двата филма им е тоа што се занимаваат со слободата на личноста. Во тој поглед, можам да кажам дека „Соба со пијано“ е еден вид продолжување на „Превртено“, иако не во класична филмска смисла, но може да сметаме дека се изградени на иста премиса. „Соба со пијано“ произлезе од продукциските ограничувања што пред мене како автор постоеја во моментот кога требаше да се втурнам во своето второ остварување. Во 2009 година размислував што би можел да правам, а што во тој момент е возможно да се оствари. Му предложив на Томи да екранизираме едно либрето, кое го прочитав во списанието „Културен живот“, либрето што денес е дел од катедрата на ФДУ и на други факултети. Имав можност да го прочитам текстот многу пред да се појави „Палп фикшн“, или некои други филмови што можеби по својата структура се слични на таа поставка на Мирчевска, и ми се виде интересно да се направи филм во еден простор, но во широк временски контекст. Ние сме гледале многу филмови што се случуваат во еден простор, но тоа се филмови што се случуваат овде и сега, тие се прилично драматични и сето тоа алудира на една бомба што се очекува во секој момент дека ќе експлодира. Овде поминува повеќе од една декада, тоа е студија на епизодни карактери, речиси и да нема постојан главен лик, освен собарката, а идејата за собата е скриен простор што секој од нас го гради за да реализира нешто што во јавноста би било стигматизирано, и затоа не е возможно. Жанина го прифати предизвикот и на крајот текстот претрпе многу измени, така што може да кажеме дека филмот е инспириран од оригиналот „Dies Irae“, и освен ликовите Петар и Марта, сите други се изменети и имаат различни амбиции, а она што ги обединува е приказната за собарката, пијаното и собата како сведоци на сите тие настани, односно животите што се распаѓаат пред нашите очи, во тие четири ѕида.
– Во годиниве наназад сме сведоци на неколку вакви камерни филмови, се сеќаваме на филмот „Масакр“ (Carnage) на Роман Полански, да речеме, според текстот на Јасмина Реза, или на „Поблиску“ (Closer) на Мајк Николс, според текстот на Патрик Марбер. Вие соработувавте со Жанина Мирчевска и ми се чини дека овој филм е еден исчекор напред во нашата кинематографија, бидејќи немаме ваков тип приказна на големото платно.
И.И. Точно, нашата кинематографија е доста сиромашна, има уште многу простори што треба да се пополнат затоа што сме мала земја. За мене е значајно каков филм ќе испадне на крајот, темата за мене е споредна. Според мене, овој филм е едно класично филмско пакување. За мене и за директорот на фотографија важно беше филмот да има класична пикторална основа. Тој во сопствената граматика е мошне едноставен и мошне школски изведен, додека експериментот или алтернативата е во неговата структура. Самата студија на епизодни карактери, на кој начин се поврзани, како минува времето, без употреба на знаци на интерпункција, без лоцирање простор и време не е едноставна задача, и токму тоа за мене беше најголемиот предизвик во овој проект. Среќен сум што во голема мера успеав да го изведам она што го замислив.
– Ова е, пред сè, актерски филм. Една фина интернационална екипа, како беше да се работи со нив? Во интервјуто од минатата емисија, Изабел Ипер вели дека нема некоја формула според која режисерите работат со актерите, па таа да кажува дека овој има ваков, а оној онаков начин на работа. Дали Изи има тајна формула за работа со актерите, особено за ваков, актерски филм?
И.И. Тоа е многу тешко и комплексно прашање затоа што секој актер е приказна за себе. Тука нема формула, не би смеело да има и не може да постои. Некои актери бараат време, некои притисок, некои, пак, изведуваат prima vista нешто што потоа никогаш не можат да го повторат. Човек треба да биде свесен со каква материја работи и да изнајде начин да дојде до резултатот.
– Интересно, повторно ќе ја споменам Ипер, таа вели дека на крајот, како резултат на снимањето на еден филм, се појавуваат неколку филмови: оној на режисерот, за кој таа смета дека крајниот продукт е негов бизнис, потоа филмот на актерите, секој засебно, како предизвик што го прифатиле, итн.
И.И. Тоа е сопствена приказна на луѓето што го создаваат филмот, но јас верувам дека тој ѝ припаѓа на публиката, меѓу која исто така ќе најдете илјадници начини на гледање на едно филмско дело. Но сепак станува збор за еден ист филм, каде што главна поента е идентификацијата со него, и на кое ниво ќе се случи таа, дали преку приказната, блискоста со ликовите итн. Она што е важно за еден филм е да постигне веродостојност, добро темпо, да се движи беспрекорно, а не да гледаме на часовник кога ќе заврши. Според мене, филмот е уметност на доживување, а не на ratio и разбирање, и затоа филмот повеќе од 120 години не само што е водечка уметност, туку сè уште е и најсилната пропагандна алатка во светот.
– Во последниве години тука и таму се провлекува темата какви филмови треба да се финансираат и да се поддржат. Дел од филмовите добија и одредница од национален интерес, додека другата линија е дека македонската кинематографија треба да добие редица филмови, кои ќе раскажуваат за она што се случува овде и сега.
И.И. Не е лесно да се воспостави еден патоказ и да се каже ова се рамките по кои треба да се движи македонскиот филм, зашто ако тоа се направи, може да отпаднат некои ремек-дела, кој некој во зародиш не ги препознал. Она што го спорам и неколку пати јавно сум го искажал е дека Македонија мора историскиот филм да го стави во доменот на исклучоци. Историскиот филм дури и во Холивуд е исклучок, а не правило. Кај нас, за жал, повеќе од 95 отсто од филмовите во овие педесетина години се на историски теми. Тоа дека ние треба од разноразни причини да снимаме историски филмови е неспорно, но она што е поважно е каква паралела повлекува тој со она што е денес. Успешни филмови, како, ако се сеќаваш на „Ветерот што го нишаше јачменот“ на Кен Лоуч, кој доби Златна палма во Кан, суштината е што тој преку таа историска драма ја објасни и денешницата. Историскиот филм е добредојден само ако тој не е бајка од минатото, туку алудира на моментната стварност и ги менува работите како и секој добар филм.
– Реакциите што деновиве стигнуваат до мене се поделени, бидејќи тоа може само да значи дека има за што да се крева прашина и да се дискутира. Во меѓувреме се појавија и две рецензии за филмот, едната на Марина Костова во „Вест“, а другата на Сунчица Уневска во „Утрински весник“. И обете повеќе со негативен отколку афирмативен пристап, би рекол. И обете се сложуваат дека станува збор за одлична идеја, но за просечна реализација на замисленото, дури Костова во вториот дел од рецензијата се осврнува на тоа дали треба да се снимаат рурални или урбани приказни, како што ги нарекува, додека Уневска тргнува со симпатии, за на крај, всушност, тотално да го негира делото како промашено.
И.И. Сметам дека нема ништо подобро за еден автор кога реакциите се спротиставени. Верувам дека до тебе стигнуваат порелевантни информации отколку до мене, и ако тоа е така, тогаш тоа ме прави среќен. Во последно време генерално се крева повеќе прашина околу домашните филмови, реално средствата за нивна реализација се зголемени, а медиумската сфера мора да инвестира во она што се нарекува филмска критика, затоа што професионалната филмска критика е дел од една кинематографија, но ние, за жал, ја немаме изградено, немаме конструктивна критика, која има своја традиција и кредибилитет. Рецензиите на Западот се дел од пи-арот на самиот филм, додека кај нас тие имаат друг потконтекст, и за жал, зад секоја рецензија во Македонија останува голем знак прашалник кои се вистинските мотиви на личноста што стои зад текстот што го потпишува.
– Клише постапки: и обете рецензентки имаат забелешки кон клише решенијата, а на пресот во Битола изјавивте дека токму тоа било предизвик за вас, низ клише решенијата да пропатувате низ филмската историја, да видите како на ваш начин би го решиле тоа?
И.И. Клишето не е непријател на филмот. Секој што се обидува да воспостави нешто друго, се води себеси во погрешна насока. Ако воведувате некој епизоден карактер или некоја појава, морате преку формата која е крајно стереотипна да раскажете за што станува збор. Ако ликот има лузна, значи претходно тој правел одредени работи и тоа е навестување за него. Доколку немате лузна, тогаш треба да го развивате тој лик, а немате простор и време за такво нешто. При студија на епизодни карактери клишето е добредојдено не само во формата на тие ликови, туку и во нивните стории. Овој филм не се занимава со приказната на ликовите, која е позната и предвидлива, туку со конфликтите меѓу ликовите и емотивниот набој во собата, од која точка почнуваат и каде завршуваат нивните животи, на кој начин е тоа изведено, тоа беше предизвикот со кој ние се занимававме.
– Имам чувство како да се води една негативна кампања кон филмот, што на крајот резултираше со тиквата што пукна кога Друштвото на филмски работници на Македонија на чело со Горјан Тозија не го кандидираше филмот за Оскар, издавајќи едно штуро соопштение, без големо образложение зошто донеле таква одлука. Потоа следуваше и медиумската преписка со Лабина Митевска која, интересно, како директорка на „Браќа Манаки“, пред тоа го покани филмот да го отвори фестивалот. До каде стигна целата работа, заврши или сè уште трае?
И.И. Македонија дефинитивно нема да има свој претставник за Оскар, затоа што да беше обратно, требаше на први октомври, пред неколку дена, филмската копија да биде пристигната во Лос Анџелес до 17 часот по нивно локално време. Тоа не се случи затоа што комисијата составена од Горјан Тозија се изјасни дека филмовите кандидати обработуваат теми што не се соодветни за Оскар, што навистина е едно смешно образложение, кое не кореспондира со ништо што е нормално и реално и нема врска со регулативите на Американската филмска академија, која со своите регулативи ја стимулира секоја земја да го избере својот најдобар филм, не правејќи никакви ограничувања за темите и начинот на кој се изведени. Кои се мотивите за дисквалификација на нашиот филм да учествува на еден ваков врвен настан, за мене и понатаму се нејасни. Исто така, нејасно останува правото на една ваква комисија на ваков потег, особено ако се знае дека во статутот на Друштвото на филмски работници на Македонија не постои ставка дека некој може да стопира еден филм без никакво логично образложение, а уште помалку една комисија избрана од претседателот на Друштвото по негово видување и негова иницијатива.
– Колку една ваква негативна кампања му помогна или му одмогна на филмот? Дали можеби има пад на гледаноста во кино, или можеби баш овој момент ги мотивира гледачите да дојдат, да го погледнат „Соба со пијано“ и самите да расудат за што станува збор?
И.И. Ова дефинитивно му наштети на филмот, како еден вид стигматизација. Еден британски новинар ми напиша мејл дека ова не е добро и дека треба да се потрудиме што помалку луѓе тоа да го дознаат, што е нон-сенс. Гледаноста на „Соба со пијано“ е над очекувањата, јас сум задоволен од посетеноста во киносалите, особено бидејќи станува збор за еден мал, арт-хаус филм.
(Прилогот и интервјуто се емитувани во „ФИЛМОПОЛИС“ 397 и 456, а транскриптот е објавен во книгата „ФИЛМ.МКД“)