Еден човек + два филма = задоволство на квадрат

Интервју со Роберт Насков, продуцент

Трето полувреме” на Дарко Митревски, кој минатиот и овој месец е актуелен во домашните кино сали, и „Балканот не е мртов” на Александар Поповски, чија премиера ја очекуваме наскоро, на најдобар можен начин го обележуваат крајот на оваа филмска 2012 година во домашни рамки. Човекот кој стои и зад двата проекта е Роберт Насков од “Кино око”, кој ги продуцираше филмовите за краток временски период, со што влезе во историјата на новата македонска кинематографија како единствен на кому му успеало во иста година, на плеќи, да износи две целовечерни остварувања

– Роберт, коцките фино се наредија и за кратко време успеавте да продуцирате два целовечерни македонски филма, што е реткост, па можеби и раритет во македонската кинематографија. И во двата случаја се работи за проекти кои датираат одамна: “Балканот не е мртов” имаше една заврзлама со Министерството за култура, додека почетниот импулс за “Трето полувреме” датира пред повеќе од десет години. Може малку да не потсетите на историјатот на овие филмови.

–  Тоа што продуцирав два долгометражни македонски филмови, што досега не се случило во македонската филмска историја, се случи токму поради историјатот на двата филма. Но, гледачот не го интересира што се случувало и каква историја имал филмот што го гледа. Тој плаќа влезница и за своите пари сака да види добар филм. Искрено многу беше тешко да се продуцираат два филма во иста година и тоа за мене преставуваше голем предизвик. Но, сите маки и проблеми што ги имав додека ги снимав филмовите ги заборавив после прекрасните реакции на публиката на фестивалот “Браќа Манаки”.

– Двата филма си имаат своја продукциска тежина. Ако за “Трето полувреме” режисерот Дарко Митревски изјави дека се чувствувал како да работи голема европска продукција, тогаш Александар Поповски се одлучи театарскиот текст на Дејан Дуковски да го постави во една концептуална и камерна атмосфера. Со какви предизвици се соочивте при снимањето и на обата филма?

–  Иако двата филма обработуваат универзални теми се работи за сосема различни филмови. Секој филм е авантура и без разлика на неговиот концепт не постои лесен филм за продуцирање. Проблемите се помалку или повеќе исти. “Трето полувреме” има класичен филмски пристап кој бараше реконструкција на еден период од историјата. Ми беше навистина голем предизвик да продуцирам филм со високи продукциски вредности. Со сигурност може да кажам дека тој филм без проблем може да се носи раме до раме со најголемите европски продукции. “Балканот не е мртов” има сосема инаков пристап. Иако и овој филм обработува историски период, на Александар Поповски воопшто не му беше важен просторот туку тоа што се случува во него. Затоа тој креираше сопствен простор и во него го смести дејствието. Ова беше навистина авантура која што на почетокот не можевме точно да предвидиме како ќе изгледа. Но, токму тоа беше предизвикот што ја понесе целата екипа. На крајот направивме шармантен филм кој ве освојува со својата непретенциозност и со својот искрен пристап.

Дарко Митревски е режисер кој е хируршки прецизен во своите барања, додека пак Александар Поповски режира интуитивно. Затоа, секогаш велам дека кога соработуваш со било кој режисер, мора да знаеш за каков “пациент” се работи. Навистина за мене беше големо задоволство и предизвик да работам со овие двајца “пациенти”, инаку приватно мои големи пријатели.

 – Каква е иднината на обата филма? Фестивалска? Дали веќе ги испративте филмовите за учество, или тоа претстои во следниот период? Секако, Трето полувреме е македонски претставник во трката за Оскар од неанглиско говорно подрачје, па каква стратегија подготвувате за трчање со останатите конкуренти?

– На двата филм им престои иднина на фестивали и прикажување пред широката публика во Македонија и надвор од неа. Оскаровската трка е дисциплина сосема непозната за нас. Затоа е ангажирана професионална агенција од Лос Ангелес, која ќе се грижи за промоцијата на филмот “Трето полувреме”. Зад неа стојат неколку наслови кои ја добивале статуетката или биле номинирани токму за селекцијата на филмови од неанглиско говорно подрачје. Тие ни ја презентираа стратегијата и ни престои период на исполнување на тие планови за што се потребни големи финасиски средства.

– Бевте дел од Канскиот фестивал на средбата на продуценти од европските земји, какви искуства собравте, дали контактите стекнати таму ќе се валоризираат во иднина, и со каков тип на проблеми се соочуваме ние овде во однос на филмот, за разлика од останатите европски земји?

–  Секаде во Европа во овој период поради економската криза проблем се финансиите. Скратени се буџетите на голем број филмски фондови. Секако дека тоа се одразува на квалитетот на филмовите. Мене учеството на “Продуценти во подем” на овогодишниот Кански фестивал ми овозможи контакти со колеги од најсилните европски кинематографии, размена на искуства и презентација на моите филмови како и на состојбата на филмот во Македонија. Драгоцено искуство кое сигурно ке биде валоризирано во моите наредни проекти.

– Македонија е мала држава во секој поглед, особено кога станува збор за продуцирање на филмови и создавање на сопствена кинематографија. Каква стратегија треба да се одбере за да имаме ако не по квалитет, тогаш во квантитет повеќе снимени филмови годишно? Дали копродукциите се единствениот излез?

– Секогаш сум за квалитет, а не за квантитет. Кинематографија не се создава со квантитет, туку најпрво со финансирање мал број квалитетни филмови. Мислам дека беше погрешна стратегијата да се финасираат голем број наслови. Бројките не значат ништо. Тие не носат квалитет и препознатливост. Откако ќе создадете кинематографија тогаш можете да финансирате квантитет. Се надевам дека таа грешка и тие детски болести ќе се надминат и во иднина ќе можеме да зборуваме за силна и пропознатлива македонска кинематографија.

– Што е потребно за нашата кинематографија да добие препознатлив, па ајде да речеме и генерациски белег на европската сцена? Со снимените филмови во претходните години добивме шаренило од приказни, меѓутоа не и некоја препознатлива заедничка нишка меѓу нив. Можеби треба да се угледаме на Романците, кои освоија неколку награди на А-фестивалите, а нивните приказни го прикажуваат токму она што во моментов се случува во Романија, изгубените вредности и депресијата, особено по влегувањето во ЕУ.

– Потребна е стратегија. Таа треба да биде изработена од сите релевантни фактори кои учествуваат во креирањето на македонската кинематографија. Само стратегијата раѓа квалитет. Инцидентните успеси само не залажуваат дека во Македонија постои кинематографија. Нас никој не не сфаќа сериозно и не сме дел од играта. Не нема на европската филмска мапа. Затоа македонските филмови тешко наоѓаат копродуценти. Самите филмаџии се виновни зашто македонската кинематографија е на ова ниво. Во филмот се даваат пари како никогаш досега. Мислам дека е срамота тоа да не се искористи. Треба да заборавиме на суетите и да соработуваме за заедничко добро. Мора да постои поголема соработка помеѓу Филмскиот фонд, филмските професионалци и останатите институции поврзани со филмот. Треба големо внимание да се посвети и на едукацијата и обука на дефицитарните филмски кадри. Немаме развиена кино мрежа. Младите немаат навика да одат во кино. Немаме инфраструктура и техничка логистика. Ланецот финансирање – професионалци – едукација – архивирање – дистрибуција и прикажување, мора да постои и да фунционира, за да можеме да кажеме дека имаме кинематографија. Сето ова придонесува една држава добие препознатлив белег и да биде забележана на европската филмска сцена. Драго ми е што во последно време слушам дека надлежните размислуваат во насока на решавање на дел од овие проблеми. Романското искуство што го споменувате само го потврдува она што го кажав како одговор на претходното прашање.

– И на крајот, лично Вам, како на продуцент веќе со неколку наслови зад себе, кој филм би го издвоиле како најдраг од оние на кои сте работеле?

– Навистина сите филмови на кои сум работел се за мене на посебен начин драги. На сите им приоѓам со еднаква страст и професионалност. Се обидувам филмовите да ги паметам по тоа од кој филм што сум научил, за да не си ги повторувам грешките.

– А каков тип на филмови Вам, како на обичен гледач, Ви се допаѓаат кога одите во кино, или кога сте дома, пред телевизискиот екран? Кој жанр највеќе го преферирате?

– Немам омилен жанр. Гледам филмови зависно од расположението и секогаш повеќе се ориентирам според режисерот отколку според жанрот. Можам да ви кажам кој филмски жанр не ми е омилен. Мјузикл, дефинитивно!

(Интервјуто е објавено во магазинот „МОЈ КЛУБ“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *