Разговори со Дарко Митревски и екипата на „ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ“

Уште еден од филмовите зад кои се крена голема медиумска прашина уште откако започна со снимањето беше „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, кој по сцените во Охрид и во Битола се стационираше во Хавзи-пашините конаци во Бардовци, кои станаа вистинска филмска Мека за домашните филмаџии.Митревски кампањата за овој проект ја почна одамна, кога во Битола наградата за животно остварување му беше доделена на хрватскиот продуцент со холивудско педигре Бранко Лустиг. Со најава дека тој ќе биде еден од поддржувачите, и можеби и продуцент на филмот, на „Трето полувреме“ му се отвораше светла перспектива. Во меѓувреме режисерот во медиумите постојано информираше кој сè е можен играч, постојано кокетирајќи со темата на протераните Евреи од Македонија за време на Втората светска војна, како потенцијален адут за финансирање на филмот од страна на некои крупни ѕверки-парајлии. На крајот, како и во секоја македонска продуцентска филмска приказна, ни пари ни бутур, туку Владата мораше да го одврзува ќесето за да го дофинансира филмот со одредницата „од национален интерес“. Но, нејсе. Многу повеќе нервираше фактот што приказната цело време ‘ја возеа’ дека се работи за екранизација на неправдата кон македонските Евреи, која досега не е истретирана на филмското платно, но од тоа во самиот филм речиси и ништо да не видовме. Исто така, смешна беше кампањата околу ’рчките со државата Бугарија, кобајаги тие реагираат на одредени гледишта на авторот во филмот, и тоа уште додека се снимаше, немајќи увид во крајниот продукт, што беше само уште еден добар пи-ар поврзан со филмот. Како и да е, „Трето полувреме“ го проследивме со сите почести, небаре се работи за најдоброто остварување во македонската кинематографија. За време на снимањето ја посетивме екипата додека ги снимаше фудбалските сцени во конакот во Бардовци, а една година потоа по битолската, следуваше и скоската кинопремиера. Во продолжение текстовите и изјавите и од обата прилога.

Пред неколку години, режисерот Иво Трајков во Хавзи-пашините конаци го сними поголемиот дел од екранизацијата на познатиот роман на Живко Чинго, „Големата вода“, а оваа, 2011 година, прекрасниот простор во село Бардовци го инспирираше и режисерот Дарко Митревски токму овде да ги сними клучните, фудбалски сцени од неговиот најнов проект „Трето полувреме“. Кога веќе Министерството за култура не успеа од овој историски објект да направи вистински споменик на културата (едно време се споменуваше и изградба на ателјеа за македонските уметници), тогаш барем се користи за снимање филмови.

Дарко Митревски: Ми беше предизвик да направиме стадион каде што се гледа дека модерните влијанија се напластени врз остатоци од некои други култури, така што ова се автентични остатоци од некогашните турски конаци врз кои ние надоградивме трибини, табли со резултати, почесни ложи, го израмнивме теренот, ставивме голови, и ова е една локација што има многу шмек и мириса на историја.

Истата магична енергија на овој простор ја почувствувал и носителот на главната ролја во филмот, Сашко Коцев, кој за успешен филм смета дека треба да се тргне настрана сето она што се учи на училиште, бидејќи луѓето и енергијата се оние што те носат напред.

Сашко Коцев: Она што го учиме во школо – ти треба да бидеш во ликот, да навлезеш во него, да го правиш тоа и тоа… но ако го правиш тоа, ако го глумиш и во приватниот живот, нема да стигнеш до ништо. Не. Едноставно, самата атмосфера нè повлекува, особено локацијава. Кога првпат дојдовме, влегувам низ вратата… уф, и сега се наежив… само што влеговме, во моментот сите се уштекавме, зашто ова делуваше како временска машина, бидејќи натаму, преку ѕидот, нема куќи, и никаков друг знак за денешнава цивилизација во која живееме.

Инаку, „Трето полувреме“, по сценарио и режија на Дарко Митревски, стартуваше со снимање на 10 септември во Охрид, па по неколкудневниот излет во Битола деновиве интензивно се снима во Скопје, или планирано е снимањето да трае седум недели, односно да финишира кон крајот на месецов.

Д.М. Ова е 17-ти ден на снимање, се оди според планот, овде каде што снимаме е импровизираниот скопски Градски стадион од 40-тите, претпладнево ги снимавме реакциите на публиката, а попладнево ги снимаме сцените од фудбалскиот натпревар меѓу ФК Македонија и НК Хајдук од Сплит.

„Трето полувреме“ тематизира вистинска приказна од 40-тите години на минатиот век, кога фудбалскиот клуб „Македонија“ успеал да влезе во финалетo во лигата. Филмот раскажува и љубовна приказна на Еврејката Ребека, улога на манекенката Катерина Ивановска, која го избегнала холокаустот и депортацијата на 7.200 македонски Евреи, меѓу кои и сите нејзини најблиски, благодарение на љубовта, иако поради неа била исклучена од својата заедница. За специфичноста и тежината на проектот е свесен и Митревски.

Д.М.  Во овие 17 дена што сè не поминавме. Имавме сцени на депортација во Битола, во Свети Николе донесовме парна локомотива и вагони од тоа време, овде ги снимавме и ќе ги снимаме фудбалските натпревари со огромен број статисти, со војници, коњаници, германски, бугарски и српски офицери…

– Како е да се контролира сето тоа?

Д.М. Напорно, но и предизвик, бидејќи досега немам снимано вакво нешто, од овие размери. Долги месеци се подготвував, пред сè себеси, а и со соработниците и актерите, да бидеме дораснати на овој предизвик, и засега добро ни оди. Материјалите од сите денови се фантастични и мислам дека продукциски и по обем, не само во Македонија, туку и во регионов, одамна не е работен филм со вакви размери.

За тежината на проектот е свесен и продуцентот Роберт Насков, кој само што го заврши снимањето на филмот „Балканот не е мртов“ со Александар Поповски, влезе во нов предизвик, што е навистина реткост во Македонија, во иста година да се зафатиш со продукција на два целовечерни играни филмови.

Роберт Насков: Минатиот филм продукциски бараше помалку, а овој исклучително многу повеќе, можеби еден од ретките со ваква тежина на овие простори, кои се снимале во изминатиот период, но тоа е дополнителен предизвик за мене и мојата екипа да го дадеме својот максимум поединечно и како екипа, за да направиме еден добар филм и да покажеме дека Македонија е подготвена и дека може да издржи ваков продукциски проект.

На почетокот на снимањето на „Трето полувреме“ му претходеа темелни подготовки – актерите два месеца секојдневно тренираат фудбал со инструкции од професионалци, меѓу кои е и Ванчо Трпевски, ученик на Илијаш Шпиц, кој го водел тимот фудбалери пред 70 години. Шареноликоста на приказната, како и на разните ликови што се дел од неа, и секако, локал-патриотизмот што е во постојан подем во Македонија, се главните адути за шармот и претстојниот успех на оваа филмска приказна снимена според вистинит настан.

Д.М: Спортскиот клуб „Македонија“, а и нашиот клуб во филмот, биле клубови во кои имало припадници на политички прилично различни идеологии. Да речеме, претседателот на нашиот клуб е фашист, за разлика од поедини играчи што се со полеви идеи, па дури има и еден комунист. Значи, се работи за идеолошки спектар на луѓе, кои освен тоа припаѓаат и на различни нации, верски и етнички групи, но единствено што ги спојува е фудбалот, и не само нив, туку тој ќе ги сплоти и градот и земјата, кога на фудбалските трибини ќе проработи еден локал-патриотски дух, преку кој тие се обидуваат да го пронајдат својот идентитет. Приказна актуелна и во денешниве времиња, кога се обидуваме, а понекогаш и успеваме, токму преку спортот да изградиме заедништво.

Поради предвидувањата дека се работи за филм што ќе експлодира на киноблагајните, особено во Македонија, впрочем, како што беше случајот и со „Бал-кан-кан“, продуцентот Насков веќе крои планови и за негово успешно претстaвување надвор од државата.

Р.Н. Да, има љубовна приказна, има фудбал, има холокауст, филмот ги содржи сите атрибути за да биде гледан, и мислам дека ќе биде така. Нормално, ние сакаме да ја надминеме бројката што заедно со Дарко ја поставивме со претходниот филм, 120 илјади гледачи, но и да не биде така, тоа нема да биде разочарување, бидејќи наш мотив е да направиме добар филм што ќе остави трага во македонската кинематографија.

По напуштањето на снимањето на филмот од страна на српскиот актер Сергеј Трифуновиќ, кој требаше да биде носител на главната ролја во филмот, актерот Сашко Коцев случајно, како што вели, од бек премина на центарфорската позиција, бидејќи токму тој ја доби својата прва главна улога во целовечерен филм.

С.К. Улогата ми дојде во вистински момент. Во театар во последните три-четири претстави толкував главни улоги и се осетив многу сигурен во себе, и таман кога помислив дека ми треба нов предизвик, ми се случи Марфи – не посакувај ништо ако не си спремен, зашто ќе ти се случи. Да ми се случеше ова пред две години, ќе ми претставуваше товар, но сега ми е предизвик во работата и во она што сакам да го правам.

Филмот е во продукција на „Кино-око“, а по откажувањето на долгонајавуваниот американски копродуцент, како партнери за постпродукција се „И/О Пост и Барандов саунд студио“ од Прага, Чешка, од каде доаѓа и директор на фотографија Клаус Фуксјагер, инаку, соработникот на режисерот Иво Трајков во неколку негови проекти. Вкупниот буџет е 2.150.000 евра. Еден милион евра се од македонската влада, која го прогласи за филм од национален интерес, а 500.000 евра се од Филмскиот фонд. Помагатели се Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Позитивната атмосфера дефинитивно беше присутна за време на снимањето на филмот, па токму во тој филм и ќе го заокружиме вечерашниот прилог за „Трето полувреме“, кој, според Сашко Коцев, претставува:

С.К. Ова е филм за победата и љубовта, но и за човековата слобода.

Коцев призна дека токму поради филмот и подготовките околу него научил добро да игра фудбал, а и режисерот Митревски е искрен кога го вели спротивното: дека иако снима филм во кој најпопуларната споредна работа на светот е во преден план, тој сепак и понатаму е фудбалски и спортски, но не и филмски аутсајдер.

Д.М. Јас сум режисер што има две леви нозе, комплетен антиталент за фудбал, главно следам европски и светски првенства, а македонски фудбал гледам кога игра нашата репрезентација.

По битолската, следуваше и скопската кинопремиера, со двојни проекции во киното „Милениум“ од 20 и 22.30 часот. Ми се чини дека „Трето полувреме“ не успеа да ја надмине гледаноста на „Бал-кан-кан“. Но, да не грешам душа.

Откако пред повеќе од 10 години, додека ја снимал ТВ серијата „Досие Скопје“, режисерот Дарко Митревски ја слушнал приказната на преживеаната Нета Коен за случувањата со Евреите во Македонија во Втората светска војна, нејзината забранета љубовна приказна и победата на фудбалскиот клуб Македонија над бугарскиот првак Левски во тогашната фудбалска лига, сфатил дека еден ден сака да ја пренесе и на големото платно. По долги години, таа негова желба дојде до конечна реализација. По фестивалската премиера на 15 септември на отворањето на 33. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, минатата недела се случи и светската кинопремиера во „Милениум“ во Скопје. Во манир на холивудски гала-премиери, на црвениот килим зачекори екипата на филмот, но и македонските политичари и сите оние што со своето присуство ја зачинија таа несекојдневна вечер.

„Трето полувреме“ на Митревски е сосема различен од неговиот самостоен првенец, црната комедија „Бал-кан-кан“, кој е најгледаниот филм во историјата на македонската кинематографија во самостојна Македонија. Но се чини дека пристапот во барање филмска приказна што ќе наиде на гледаност кај широката публика, финкционира и во новиот филм: Митревски и овој пат избрал две формули, кои уште однапред гарантираат успех: забранета романтична љубовна приказна и фудбалот како глобална зависност. Тоа е однапред свесно насочување на филмот кон голема негова општа прифатеност и популарност.

Дарко Митревски: Некој многу попаметен од мене еднаш рекол дека филмот е сублимат на животот од кој се исфрлени сите здодевни моменти. Токму тоа е она што се обидовме да направиме со „Трето полувреме“, но тоа е филозофија што јас ја застапувам цело време – филм што не е правен за публика и за полни киносали, за мене не е филм. Убави се и наградите, фестивалите и црвените килими, но онаа таргет група на која филмот ѝ е наменет е најшироката можна популација, која во следните неколку месеци во Македонија, а потоа и низ Европа и Америка, ќе има можност да го гледа филмот. Дали имав магичен рецепт за овој филм? Немав, како и за кој било друг филм. Се разбира дека комбинацијата љубов и фудбал е исполнета со емоции, а публиката сака емоции.

Митревски се пофали дека „Трето полувреме“ е најголема филмска продукција во Македонија досега, чешкиот кинематографер Клаус Фуксјегер во Битола, пак, се надоврза дека глумеле голема европска продукција, но фалеле уште 20 проценти пари, за сè да биде како што треба. И сосема е во право, бидејќи во филмот фалат многу детали со кои подобро би се вообличиле карактерите, со што би ѝ се дало длабочина на самата приказна, особено во делот при бегството на главната хероина од домот, како и при подготовките за депортација на Евреите од Македонија во концентрационен логор.

Роберт Насков: Секогаш би можело да изгледа поинаку, но филмот изгледа така поради средствата со кои располагавме. Но, кога имате повеќе пари, повеќе се опуштате, па помалку енергија вложувате, така што мене ми е таман. Секако дека добро ќе ми дојдеа уште неколку стотици милиони евра, но јас сум задоволен со крајниот резултат.

Д.М. Недостасуваа средства и денови за снимање, и сигурно и Спилберг да го прашате за „Шиндлеровата листа“, ќе ви одговори дека му фалеле уште два дена снимање. Но, со гордост можам да кажам – да, имаше проблеми, и поради нив беше двојно понапорно отколку што очекувавме, но онаму каде што недостасуваа можности, вложивме знаење, храброст, срце итн. Колку тоа ќе нè чини, здравствената фактура еден ден ќе си дојде. Но, гледајќи го сега „Трето полувреме“, ќе ви одговорам: Да, ова е филмот што сакав да го снимам.

Иако Митревски отворено изјави дека воопшто не сакал да сними политички филм, туку само се држел за историските факти, „Трето полувреме“ уште за време на снимањето, а особено откако влезе во постпродукциска фаза, наиде на реакции во соседна Бугарија, кој, по писмото на тројца тамошни европарламентарци, стигна на дневен ред и во Брисел. Сепак, по премиерата во Битола, на која беше најавено и присуството на многу бугарски новинари, работата како да спласна. Сепак, тоа маркетиншки на филмот добро му дојде, па нè интересираше дали се очекува „Трето полувреме“ да биде еден од најгледаните кинофилмови не само во Македонија туку и во соседна Бугарија.

Д.М. Доколку се охрабрат да го пуштат во нивните киносали, таква понуда сè уште не сме добиле, но доколку во Бугарија овој филм добие слободна дистрибуција, еве, јас уште еднаш по којзнае кој пат ќе повторам, ќе бидам гостин во Софија.

Р.Н. Ако има таков маж што ќе го дистрибуира филмов, мислам дека ќе биде еден од најгледаните филмови во Бугарија.

Историјата на светската кинематографија изобилува со филмови на тема холокауст, но „Трето полувреме“ е прв македонски филм што ја прикажува оваа историска тематика на големото платно. Го прашавме Митревски што ново нуди „Трето полувреме“ во однос на редица други филмови на тема холокауст, дали нуди некаков различен пристап кон темата, или едноставно станува збор за пренесување историски факти, секако, приспособени на филмската приказна?

Д.М. Овој филм си игра со клишеата. Ако внимателно направите анализа на ликовите, ќе видите дека оние од кои на почетокот на филмот очекувате да бидат џелати, стануваат жртви, и обратно. Впрочем, како и случувањата во Втората светска војна. Филмот е полн со пресврти и покажува дека не постојат лоши и добри народи, не постојат мали и големи нации, туку само зли и добри историски мигови. И како што вели народната поговорка – Не служи снегот за да го покрие брегот, туку служи за секоја ѕверка да си ја покаже трагата. Во тие трагични и историски мигови, секој од нас си ја бира страната и си ја покажува трагата.

Во 2008 година, кога оскаровскиот продуцент Бранко Лустиг беше гостин на „Браќа Манaки“ во Битола, тој отворено застана зад проектот во развој на Митревски. Сепак, по неколкуте обиди за барање копродуценти, за конечно да се реализира овој проект, Владата на Република Македонија додатно го одврза ќесето и го поддржа „Трето полувреме“ со додатни 1 милион евра, прогласувајќи го за филм од национален интерес.

Д.М. „Трето полувреме“ е филм од национален интерес, како што и секој друг филм финансиран од средствата на Филмскиот фонд е филм од национален интерес. Тоа стои и во законот. Инаку, се работеше за една формулација што беше злоупотребена во бугарскиот печат. Еве, да ја скршиме и таа фама, не постои никаква разлика на Филмскиот фонд кон овој филм или кој било друг филм финансиран од Република Македонија.

И на крајот, по скопската кинопремиера и по кандидирањето на „Трето полувреме“ од страна на Друштвото на филмски работници на Македонија како наш кандидат за претстојниот Оскар, го прашавме продуцентот Насков какви се плановите за понатамошниот живот на филмот?

Р.Н. Секако, во план ни е да го прикажеме филмот секаде каде што ќе постои интерес. Следува и учество на фестивали, како и она каде што треба многу да се вложиме, оскаровската трка, терен сосема непознат за нас, и затоа ангажиравме пи-ар агенција што ќе се погрижи за тоа. Така што, работата околу филмот не завршува тука,  премиерата е само момент кога филмот го предаваме во рацете на публиката.

(Прилозите и интервјуто се емитувани во „ФИЛМОПОЛИС“ 363 и 409, а транскриптот и воведните текстови се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *