Ментална револуција за човечка еволуција

Интервју со ЈОРДАН СИМОНОВ и КАМКА ТОЦИНОВСКИ, главните актери во филмот “ПАНКОТ НЕ Е МРТОВ” на Владимир Блажевски

14 издание на Скопскиот филмски фестивал го отвори премиерата на филмот “Панкот не е мртов” на Владимир Блажевски, а веднаш потоа ова ново македонско остварување играше и во кината во неколку градови низ државата.

Режисерот, кој дури 17 години нема раскажано приказна на големото платно, по прекрасниот “Хај-фај” (1987), провокативниот “Булевар на револуцијата” (1993) и десетината документарни филмови, конечно не израдува со еден издржан проект кој доаѓа од македонски автор. Снимен со екстремно мал буџет за целовечерен филм (250 илјади евра + 50 илјади евра за пост-продукција), “Панкот не е мртов” е слика и прилика на транзицијата која не измачува веќе две декади.

Блажевски својот филм го опишува на следниот начин: “Протагонисти во ова црна комедија се бивши панкери кои намерно остануваат на маргините во матните времиња на македонската транзиција. Рутината на преживување на овие аутсајдери е нарушена со понуда од една локална НВО: да го реоформат нивниот некогашен култен панк бенд и да настапат на бизарен мулти-култи хепенинг. Целта на хепенингот е да се прикаже лажна слика за Македонија како земја со релаксирани меѓуетнички тензии. Филмот е црна комедија, некаде во лимбо просторот меѓу road movie и драма. Документаристичен cinema verite пристап, екстремно нискобуџетен, не само продукциски, туку и естетски”.

За верно доловување на замислената филмска реалност на авторот се заслужни сите актери, а особено Јордан Симонов и Камка Тоциновски, кои во филмот го играат парот Мирса и Нина. Оваа улога за Симонов не претставувала тешко искушение поради ролјите одиграни во неколку домашни остварувања, но и поради неговиот бекграунд со панк филозофијата во младоста, но за Тоциновски улогата во “Панкот не е мртов” е нејзин деби-излет на големото платно, факт кој особено добива на тежина со оглед и на специфичноста на улогата која таа ја игра. Сепак, на крајот од снимањето, и обајцата, како и целата останата екипа на филмот, имаат само позитивни зборови за процесот низ кој поминале, надевајќи се дека домашната публика, а и онаа на фестивалоте, ќе ужива во филмот, но и ќе размисли за пораките кои тој ги носи.

За сите овие нешта, но и нешто повеќе од тоа, од back-to-back разговорот токму со Јордан Симонов и Камка Тоциновски.

Филмот го снимивте многу повеќе со голем ентузијазам отколку бркајќи добар хонорар. Дали можеби тој момент беше пресуден да снимите квалитетен филм, преполн со крв, пот и музика?

Јордан Симонов: Беше битно, но не беше и пресудно. Огромниот  ентузијазам  за мене дојде како последица на одличното сценарио, автентичните ликови и реално и сочно напишаните реплики и ситуации. Ако на тоа се додаде точниот кастинг и ненаметливиот концепт на режисерот кој точно знаеше што сака, резултатот беше создавање на една племенска свест и колективна енергија, што ја повлече целата екипа максимално да се вложи себе си, не размислувајќи за материјалната страна.

Камка Тоциновски: Да, уметноста може да биде скапа, но може да биде и евтина, тоа де факто има удел, ама не е и пресудно и не влијае врз крајниот резултат. Уметноста пред се треба да е жилава. Филмот е скапа играчка, но низ историјата на оваа уметност се покажа дека многу култни филмови се снимени со ниски буџети. Можеби и со достоен буџет ке имавме она што сега го имаме. Сценариото ги освои симпатиите на сите, од тука и  ентузијазмот поткрепен со малку револт и инает дека, и покрај речиси невозможните услови, нема да капитулираме. Си докажавме самите на себе дека сме жилави, а мене тоа ме бодри.

Кои моменти и случувања во филмската приказна би ги издвоиле, со надеж дека ќе погодат во центарот и ќе ја натераат публиката да размисли?

Камка Тоциновски: Најсоодветен одговор на ова прашање веројатно е изјавата на Џими Хендрикс:”To be with the others, you have to have your hair short and wear ties. So, we’re trying to make a third world happen, you know what I mean?”

Јордан Симонов: Филмот носи многу пораки. Некои се скриени, некои јасно се гледаат. Некои се провлекуваат низ целата приказна, како на пример прашањата од типот: која е цената на слободата која ја плаќаме денес и што се човек е спремен да направи за да ги оствари своите соништа? Елементарноста во изразот и искреноста на ликовите не тера да се запрашаме под колку маски живееме и дали мора да биде така. Но, најдобро да оставиме публиката самата  да го доживее филмот.

Колку љубовта, како дел од приказната, знае да има разорна моќ и да влијае врз настаните во животот на поединците? Дали љубовта знае (и може) да биде анархична? Дали панкерот може да има нежно срце?

Јордан Симонов: Чистата љубов е силата што ја држи целата вселена заедно. Разорна е само моќта на омразата која доаѓа како последица на изгубените илузии. Мирса ја сака Нина безусловно, таква каква што е, без разлика на неговата идеологија или општествените норми. Таквата љубов е една октава повисока од секојдневните проблеми и дилеми во животот на главниот лик. Но постои и љубовта кон музиката која го обединува целиот бенд и ги надминува сите разлики.

Камка Тоциновски: Ако живееме од неа и живееме за неа,  љубовта секако дека има голем импакт врз секој сегмент од животот. Постои во различни облици и форми, се артикулира на различни начини, час е дива, а час питома. Нејзе не и се потребни дисциплина и авторитети. Таа никако не може да биде ставена во рамките на некакви си закони. За мене повеќе веројатно е дека еден панкер, касап или хирург, има поголемо срце од еден политичар, да речеме.

Низ каков процес на подготовки поминавте за да станете членови на бенд кој на платното ќе изгледа и звучи автентично и уверливо?

Јордан Симонов: На мене не ми требаше многу време за да “влезам во филмот”, затоа што веќе имав слично искуство во младоста, и веќе ми беше позната целата таа атмосфера. Имав дилема околу панк пеењето кое е специфично и носи свои карактеристики, односно, треба да си точен. После првата проба со бендот “Новиот Почеток”, во која уживав, знаев дека откривам во себе нова енергија, жестока и бескомпромисна, еднаква на самата музика што ја изведувам. Тоа многу ми помогна автентично да ги изиграм музичките сцени во филмот, а му помогна и на самиот лик во целост.

Камка Тоциновски: Мојот лик, Нина, е повеќе морална подршка на бендот. Како девојка на Мирса, таа застанува цврсто зад неговата одлука да го обедини бендот и да имаат добра забава, па макар и за последен пат.

Дали во моментов, со оглед на случувањата на политички и на општествен план кај нас, на Македонија и треба (панк) револуција?

Камка Тоциновски: Апсолутно, иако револуцијата повеќе се есапи за изумрен концепт. Не само на Македонија, туку и на светот очајно му е потребна револуција, и тоа онаа, духовната.

Јордан Симонов: Баш така, на целиот свет му треба ментална револуција која конечно ќе донесе еволуција на човечкиот вид кој е денес потонат во безнадежност и сопствени фрустрации. Никој не е слободен, барем не од банките и другите слични државни и приватни лихварски компании. Не држат во страв и неизвесност за сопствената иднина и опстанок, како на глобално, така и на локално ниво. Јасно е дека се потребни промени, но тие треба да дојдат однатре, кога секој човек ќе се запраша дали вредностите кои му се наметнуваат се вистински вредни или се стапици до ново ропство. Македонија, која се труди да ги следи светските трендови, полека станува роб на тие лажни вредности, и ние заедно со неа, полека влегуваме во машината. Македонскиот народ е научен да размислува со своја глава, само треба да се приклучи на интернет. Мислам дека од таму доаѓа следната револуција.

И на крајот, неизбежното – Sex Pistols или The Clash (и зошто)?

Јордан Симонов: Дефинитивно The Clash.  За разлика од Sex Pistols кои беа манекени на панкерската сцена, водени од сомнителни продуценти, The Clash е бендот со порака. Порака која е универзална и секогаш актуелна. Тие беа револуционери на своето време повикувајќи на борба на поединецот и негово организирање против системот кој го поробува. Со нивните повици кон младите за поголемо политичко ангажирање, подигање на свеста кога е во прашање расизмот, нацизмот и сиромаштијата, тие се обидоа да го променат светот.

Камка Тоциновски: Јас сум поинаква, и мојот одговор е како за кај нас – Цеца and all that sound (ха-ха-ха).

(Објавено во магазинот „КЛУБ 360“)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *