„Киклоп” од Ранко Маринковиќ

Деновиве од печат излезе преводот на македонски јазик на романот.„Киклоп” од Ранко Маринковиќ, според многумина, еден од најдобрите хрватски романи во 20. век. Книгата е дел од популарната едиција “ПРОаЗА” на ИЛИ-ИЛИ. Оваа книжевна гозба со многузначности, од нејзиното првично објавување во 1965 година, никогаш не го загуби своето значење, а тоа е едно од мерилата за квалитетен роман – да биде свеж, модерен и релевантен и по шест децении од излегувањето од печат. 

Книжевните теоретичари во изминатите декади “Киклоп” го имаат “разголено” до детаљ. Еве дел од согледувањата, како провокација за откривање на уште еден книжевен бисер од времето кога Крлежа беше Бог, истовремено инспирирајќи цела книжевна плејада, меѓу која при врвот фигурира и самиот Маринковиќ.

Не случајно го споменав Крлежа, бидејќи настанувањето на романот започнува во далечната 1939 година во угледното книжевно списание “Печати”, каде уредник е токму Крлежа. Таму Маринковиќ првично ја објавува прозата “Илјада и една ноќ”, подоцна сместена во збирката “Раце” (1953) со наслов “Мртви души”. Воведното поглавје “Во знакот на јарецот” исто така е самостојна проза објавена во “Раце”. Веќе споменавме, романот излезе дванаесет години подоцна, што значи, долго се крчкал во литерарната работилница на хрватскиот автор. Самиот наслов е референца на славната Хомерова “Одисеја”. Современиот киклоп Полифем е всушност војната што му се заканува на човештвото, одземајќи му го човечкото и сведувајќи го на животинското.

“Киклоп” е роман-лик, роман-идеја, пишуван во најдобрата традиција на егзистенцијалистичката литература, која токму во 50-те и 60-те години на минатиот век беше оној здив толку потребен за освежување на книжевноста. Романот има три раскажувачки слоја: реалистичен (Загреб во очи на Втората светска војна), ирационално-фантастичен (соништа, халуцинации, приказни за бродоломи…) и митско-симболички (заканата на киклопот кон човештвото, интертекстуални и интермедијални врски). Следствено на ова, може слободно да се каже дека “Киклоп” е поделен на два плана – реалистичен и алегориски, во кој авторот-раскажувач (трето лице) е носител на првиот, реалистичен план, а главниот лик е оној кој преку слободниот говор, внатрешниот монолог и текот на свеста му ја дава онаа алегориска димензија на овој повеќезначен роман.

Романот е збир од фрагменти кои наликуваат на цели дефинирани засебни новели, и е поделен на четири дела: предвоен Загреб, војска и болница, враќање во граѓанскиот живот, и војната и Зоополис. Неуспехот на крајот е симболичен, покажувајќи дека за да опстане, главниот лик Мелкиор се спушта на ниво на животно, предавајќи му се на киклопот и влегувајќи во зоната на животинското – Зоополисот. Но за да се дојде дотаму претходат настани кои го поплочуваат патот до пеколот.

Најдобар контекст за тоа се интелектуалните кругови полни со каприц и себељубие. Иако тоа не е напоменато, времето и местото на случување на дејствието се Загреб од 1939 до 1941 година. Иако Маринковиќ успешно испишува различни општествени слоеви, сепак фокусот е врз интелектуалната и боемската “елита”, која во предвечерјето на Втората светска војна своите стравови и беспомошност ги лечи во кафеаните со празни филозофирања, тепачки и еротски авантури. Со тоа писателот ја анализира моралната и интелектуална криза на хуманистичките идеали во зората на надоаѓачката војна.

Постојат неколку клучеви за разбирање на ова значајно дело. Првиот е карневализацијата на книжевноста, каде се мешаат сериозното и комичното, со гротескни искривени и намерно преувеличени сцени, со скандали и ексцентричности, сето тоа напишано со различни литерарни постапки и стилови. За љубителите на постмодерната литература, следниот клуч е интертекстуалноста. Имено, Маринковиќ цитира, парафразира и пародизира познати дела со цел да им даде нови читања/значења. Така, рафинираните читатели во “Киклоп” ќе препознаат делови од Библијата и од дела на автори како Ујевиќ, Назор, Крлежа… но и Петрарка, Бодлер, Шекспир, Достоевски… И третиот клуч – интермедијалноста, изразена преку воведување на други уметнички медиуми во книжевноста, како театрализацијата, циркусот, ликовната уметност и филмот.

Се разбира, ваков антологиски роман порано или подоцна завршува и на филмското платно. Тоа ае случи 17 години подоцна, во 1982 година, кога режисерот Антун Врдољак со ѕвездената актерска екипа на југословенското глумиште составена од Фрањо Ласиќ, Љуба Тадиќ, Раде Шербеџија… реализираше визуелен спектакл, кој и’ ја донесе Златната арена во Пула на Мира Фурлан за најдобра актерка во споредна улога. Но, ве молам, доколку се’ уште не сте нурнале во светот на “Киклоп”, сторете го тоа по вистинскиот редослед, бидејќи преводот од хрватски јазик на Владимир Јанковски е за чиста петка. Вие сте на потег 😉