На стогодишнината од ФИПРЕСКИ – почесна награда за Клаус Едер во Минхен

Минатиот месец, на 42то издание на Филмскиот фестивал во Минхен, довчерашниот генерален секретар на ФИПРЕСКИ, Клаус Едер, заслужено ја доби почитта од меѓународната заедница на филмски критичари. Почесниот говор го одржа германскиот критичар Тило Видра, кој потоа му ја додели статуетката на славеникот. Од неговиот текст објавен на веб-сајтот на ФИПРЕСКИ го пренесуваме текстот посветен на г-нот Едер, кој зад себе има 38-годишно искуство во водењето на најстарата и најценетата организација на филмски критичари во светот.

Роден 1939 година во Аугсбург, Клаус Едер студирал германски јазик и литература на Универзитетот во Штутгарт од 1959 година, а бил уредник на месечното списание „Филм“ од 1966 до 1968 година. Исто така, објавувал рецензии и есеи во списанието „Филмкритик“ – своевремено еден од најважните и најиновативните медиуми на филмското новинарство на германски јазик (1957-1984).

Од 1968 година работел како филмски критичар на радио програмата „BR 2“. Пред студискиот микрофон – без разлика дали во Минхен, во радиодифузниот центар на Баварското радио или на фестивалите ширум светот – тој беше важен глас на германската филмска критика неколку децении, важен глас во сите значења на зборот. Во тоа време Едер напиша и неколку книги – биографиите на Луис Буњуел и Никита Михалков, како и на Артуро Рипштајн и Нагиса Ошима, меѓу другите. Покрај тоа, тој е коавтор и на две книги со Александар Клуге.

Во 2002 година, тој курираше серија од 30 филмови од германскиот повоен период – „По војната, пред ѕидот“ – за реномираното њујоршко филмско друштво во Линколн Центарот. Во 2007 година, курираше и серија ДВД филмови за Гете-институтот во која беа претставени делата на Хелмут Коутнер, германски повоен режисер кој долго време беше неправедно заборавен, пишувајќи ја и придружната брошура. Од 1986 до 2007 година тој беше програмски директор на меѓународната програма на Минхенскиот филмски фестивал, а исто така работеше и како консултант за голем број меѓународни филмски фестивали.

Токму таму, на почетокот на неговиот ангажман на угледниот Минхенски филмски фестивал, се случи нешто многу значајно во животот на Клаус Едер: 1987-та беше годината кога тој ја презеде и функцијата генерален секретар на ФИПРЕСКИ, организацијата-чадор за сите национални здруженија на филмски критичари ширум светот, иницирана во Брисел во 1925 година, која годинава ја слави својата 100-годишнина од формирањето и постоењето.

Патувањето траеше цели 38 години, сè до крајот на 2024 година, кога Клаус Едер одлучи да го напушти ФИПРЕСКИ. Во текот на овие речиси четири децении, Едер имаше одлучувачко влијание врз ФИПРЕСКИ, помагајќи во нејзиното обликување. Тој состави безброј жирија низ целиот свет, жирија во кои беше претставена секоја нација, жирија на фестивали кои тешко би можеле да бидат поразлични во однос на структурата, големината и програмската ориентација, жирија кои најчесто создаваа долготрајни пријателства.

Запрашан што посакува за себе и за нашата професија на филмски публицисти, филмски критичари и автори на филмски книги, Клаус Едер одговори: „Секако, посакувам филмската критика да остане независна професија и страст“. Тоа е желба која, се разбира, е искрена и чесна, но тешко остварлива во времиња кога медиумите се во комплетен слободен пад насекаде низ светот.

Уште еден цитат од г-нот Едер, кој убаво го сумира она што денес го претставува ФИПРЕСКИ: „Пишувањето за филмови може да биде многу лично. Секогаш ги гледав колегите што ги запознав низ целиот свет како дел од едно големо семејство, а често и како пријатели.“

Во овој дух, ФИПРЕСКИ му се заблагодари на Клаус Едер на фестивалот во Минхен за речиси 40 годишната работа во Меѓународната федерација на филмски критичари – во комбинација со желбата да продолжиме да бидеме едно големо семејство.

©FIRPESCI 2025, Thilo Wydra

Photo: Sophie Mahler / Filmfest München