Кон „Стела“ на Стојан Вујичиќ

Најавуван како прв долгометражен филм за деца и млади во македонската кинематографија, „Стела“ не успеа да доживее соодветна премиера во предвидениот термин оваа пролет поради корона вирусот. Уште долги месеци потоа тажно изгледаа автобусите на ЈСП развозувајќи ја платената реклама насекаде низ градот, а беше неизвесно и дали филмот воопшто и ќе се прикаже оваа година. Но, добрите вести стигнаа во септември, и по премиерата на отворањето на „Синедејс“, тој  можеше да се погледне и на редовниот репертоар на ре-отворените кина во „Синеплекс“.

Филмот почнува нагло и веднаш не’ втурнува во приказната за дисфункционалното семејство, во кое многу нешта не се в ред. Бракот помеѓу Македонецот (Дејан Лилиќ) и Германката (Христина Поповиќ) не функционира, а највеќе страда Никола (Петар Маниќ), кој, освен тоа, е малтериран и од врсниците во училиштето. По обидот за самоубиство, нештата дома само навидум се менуваат, и тој се решава за бегство. Каде? Во Галичник!

Сценариото на Ева Камчевска на хартија можеби имало потенцијал оваа стереотипна приказна задоволувачки да биде претставена на големиот екран, но, за жал, тоа не е случај. Дебитантот Вујичиќ, освен тоа што остава хичкоковски потпис како продавач на леб во пекарницата, не успева до крај да не’ убеди дека ги имал сите конци во рацете. Да, лебот е убава метафора како поврзаност со старото огниште, меѓутоа, неколку детали не ја прават комплетната слика. Филмот многу наивно не’ префрла од една во друга сцена каде односите меѓу ликовите не се развиваат, туку стојат во место, а токму тука лежел и целиот потенцијал на оваа сторија наменета за младите гледачи. Доколку им се обраќате на новите генерации, воопшто не треба да ги потценувате со решенија кои не се достојни за коментар. Пренаивно изгледа бегството на малиот со македонските камионџии, а потоа и пристигнувањето до селото од каде потекнува татко му. И не само тоа. По долгото трагање, родителите конечно сфаќаат каде да го најдат, и токму во моментите кога треба да остават се’ зад себе и да одат да го гушнат, тие се двоумат дали да одат да го видат? Веројатно ниту еден родител не би се думал. Но, доволно е родителска етика во текстов.

Главното промашување на филмов е тоа што неговиот наслов е името на кучето кое треба да биде оној главен, носечки мост за премин од турбулентните во помирувачките води во семејството, но тоа воопшто не е така. Во најголем дел од сцените доминираат изгубените мајка и татко, кои делуваат емотивно незрело и како да не знаат да се носат со ситуацијата. Стела е само еден убав пес кој одвреме-навреме ќе се појави во кадарот, и кој воопшто не придонесува за посакуваниот пресврт.

Исто така, и 11-годишниот Никола е безгласен лик кој иако не го говори добро јазикот на неговиот татко во новата средина во која се наоѓа, сепак е оставен да лебди во меѓупросторот, па Петар Маниќ, кој можеби е талентирано младо момче кое камерата очигледно го сака, не можел до крај да го изрази својот потенцијал бидејќи, едноставно, тоа не му било дозволено. „Не сакам семејство“, вели во првиот дел од филмот на германски јазик. Но, зошто го вели тоа? Кој е историјатот зад таа силна изјава? Во ниту еден момент не го дознавме тоа, а очигледно е дека неговиот проблем не е само јазичната бариера поради која е приморан најчесто да молчи, што го прави толку неприроден. Штета! Оваа констатација важи и за останатите актери во филмот. Лилиќ и Поповиќ се стерилни и стегнати, Тони Михајловски како галичкиот мудрец само се обидува да ја улови виртуозноста која Мето Јовановски ја достигна во неколку слични улоги, а Мони Дамевски во епизодната улога, со пар интересни реплики, на крајот успева да и’ даде боја на својата ролја.

Импровизираните дијалози во вториот дел од филмот, како противтежа, за момент успеваат да бидат заменети со убавите пејзажи со кои изобилува галичката околина. Зеленилото, планините и сонцето не’ оттргнуваат од безизлезот, кој пред крајот не’ води кон најдобрата сцена, смртта на дедото. Тоа е убава, „македонска“ смрт, откако духовите ќе се смират, а децата ќе се вратат дома. Можеби за оваа сцена и вредело да се сними филмот.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *