По повод 100-годишнината од раѓањето, промоција на реизданијата на култните книги на Миљенко Смоје, „Хрониките за Мало и Вело мисто“, на затворањето на „Сплитско лето“. Учествуваа Феѓа Клариќ, Јосип Антиќ, Ивица Иванишевиќ и дизајнерката на кориците (и кутијата), Тисја Кљаковиќ Браиќ.
Смоје во своите книги од Далмација создава митско место, преку описи кои обележаа неколку генерации на јадранските простори. Романот „Вело место“, пак, е еден од ретките во светската книжевност кој го опишува растењето и менувањто на градот Сплит преку приказната за локалниот фудбалски клуб Хајдук.
На промоцијата присуствуваше и легендата на сплитскиот тим, Боро Приморац, кој го постигнал првиот официјален гол на новоотворениот стадион „Пољуд“ во 1979 година.
Говорниците раскажаа многу анегдоти за Смоје со кого и лично се познавале, секако, проследени со многу локален хумор, вклучувајќи ги и оние поврзани со снимањето на серијата, која кога во текот на 80-те се емитуваше на ЈРТ, сите населени места се празнеа, а гледачите со нетрпение ја очекуваа секоја нова епизода. Режисер на проектот беше Јоаким Марушиќ, а главните улоги ги толкуваа Борис Дворник, Здравка Крстуловиќ, Мустафа Надаревиќ, Шпиро Губерина…