На 18 јануари напишав: „Синоќа во Берлин беа доделени 38-те европски филмски награди, во прекрасно шоу кое сосема се разликува од оскаровската помпезност и кое уште еднаш не’ потсети дека европскиот филм е автентична приказна што треба да се негува. Во сериозна конкуренција од квалитетни остварувања, апсолутен победник со шест европски статуетки е филмот „Сентиментална вредност“ на Јоаким Трир, филм кој едни го сметаат за преценет, други за ремек-дело, а трети за повторување на она што Бергман сакаше да го постигне во неговите остварувања, што може да се смета и за референца. Во секој случај, филм што треба да се погледне и коментира“.
Тогаш се зачудив како може „Сират“ на Оливие Лаше да биде номиниран речиси во истите категории како и филмот на Трир, а да добие пет европски статуетки само во техничките (кастинг, монтажа, снимател, продукциски и звучен дизајн), но не и во главните категории (најдобар филм, режија, сценарио, актери…)? Решив да направам споредбена анализа, но дури откако ќе го изгледам „Сират“, што конечно деновиве и се случи. И? Размислувањето e на крајот од текстот, а дотаму… дотаму треба да се стигне 😉

Јоаким Трир е данско-норвешки филмаџија. Презимето не’ потсетува на контраверзниот Ларс од минатото, а Норвешка во филмот и литературата отсекогаш „мирисала“ на меланхолија. Тие две совршени комбинации му обезбедија завиден багаж зад себе, филмови кои критиката ги опишува како „меланхолична медитација во релација со егзистенцијалните прашања поврзани со љубовта, амбицијата, сеќавањата и идентитетот“. Сето ова кулминираше минатата година во прекрасниот филм „Сентиментална вредност“, кој ги содржи сите претходно споменати атрибути.

„Сентиментална вредност“ е филм за сладокусци затоа што содржи многу елементи кои и претходно сме ги виделе во седмата уметност („филм во филм“ е една од нив), но тие се толку интелигентно вклопени еден во друг што на крајот самото дело навистина импонира, затоа што во ниту еден момент не ве навредува како гледач. Главен елемент во филмот на Трир е соочувањето со траумата. Семејната трагедија што се има случено, славниот режисер (Стелан Скарсгард) ја провлекува низ сите свои филмски дела, притоа оддалечувајќи се од она по кое најмногу копнее, „нормалната“ комуникација со обете ќерки, за кои конечно, после толку години, изјавува дека се „неговиот најголем успех во животот“.

Одлуката да го напише сценариото кое претставува врв во неговата завидна кариера ќе му помогне да се соочи со болката поврзана со случајот со неговата мајка во минатото. „Пред 15 години имав 55. Кога остаревме?“, му вели режисерот на пријателот-продуцент, а овој му возвраќа: „Долго време ти требаше да стигнеш до тука. И нема правење компромиси. Си се бавел со темава, но никогаш толку длабоко и соголено“. Се разбира, таа ќе добие успешна реализација на големото платно само под еден услов – доколку главната ролја ја одигра неговата ќерка (Ренате Реинсве). Но таа одбива од пркос, како отпор кон сите тие години наназад во кои доминантниот татко се однесувал променливо и ги оставил на несигурна емоционална почва. За разлика од неа, помладата ќерка (Инга Ибсдотер Илеас) е „поразумна“, и претставува катализатор помеѓу двата недопирливи света. Во татко-ќеркинското помирување одлична улога ќе одигра и американската актерка која најпрво ја прифаќа улогата (Ел Фанинг), за на крајот, согледувајќи и проникнувајќи во целата семејна драма, да се откаже од неа со надеж дека ќе биде прифатена од онаа личност за која таа и е наменета. На тој начин, кругот идеално се затвора.
„Сират е мост меѓу рајот и пеколот. Оние што го минуваат знаат дека е тенок како влакно, а остар како сабја“.
Со ова воведно објаснување почнува стоминутното патување во сировиот свет на модерните номади низ пустините на митското Мароко. Наспроти карпата на која се видливи наслагите создавани милиони години, момците и девојките местат моќен саунд систем и го започнуваат својот танц со ѕвездите. Додека прашинките светкаат низ ласерската светлина, журката на отворено не’ потсетува на ослободувачките 90-ти години, кога светот засекогаш се промени, а последиците ги чувствуваме токму во овие, денешни денови. И се’ би било во ред доколку не се појави војската за да ги растера протагонистите. „Никому не пречиме, ние само танцуваме“, искрени се тие. За драмата да добие човечка димензија, се појавува таткото со синчето, кој со месеци ја бара ќерката.

Дури откако поминува половина час, го добиваме насловот на филмот на екранот, потсетувајќи не’ на воведната реченица за мостот како премин меѓу рајот и пеколот. Овие луѓе тргнуваат на „пат за никаде“, всушност, тие никогаш и не застанале, како обистинување на ликовите од филмскиот серијал „Лудиот Макс“. Тие без сателитска помош шибаат низ убавата и сурова Сахара повремено слушајќи вести на радио за акциите на НАТО, тие се слободни и нестварни, жените се рамноправни со мажите, купуваат бензин од мештаните на магариња, јадат она што го имаат, и постојано се прашуваат дали крајот на светот е зад аголот!? Но тој никако да се појави.

„Сират“ е полн со сирова енергија надополнета со жестока музика која филмскиот ритам постојано го крева на ново ниво, особено кога ќе треба да се совлада планинскиот тесен пат, како Хемфри Богарт кога пренесува злато со камионите во „Богатството на Сиера Мадре“ на Џон Хјустон. Но овде златото е слободата на делување и битисување која овие откачени протагонисти избрале да ја живеат без никакви компромиси. Сепак, колку и да е вреден, животот е кршлив, и зад себе има своја приказна. Во моментите на пауза, ликовите за момент ги споделуваат своите животни трауми, но никогаш не дознаваме зошто Биги (Ричард Белами) ја нема десната дланка, а Естебан (Бруно Нуњез) левата нога, како и причините зошто ќерката го напуштила семејното огниште, иако братчето вели дека ќе се израдува кога ќе ги види. Бегството од сопствената траума води само кон една работа – неизбежна смрт, а таа е олицетворена во лицата на милиони бегалци и раселени лица кои со воз патуваат крај минските полиња кон неизвесната иднина, што претставува светско секојдневие во новиот милениум.
Правејќи сума сумарум на досега напишаното, се наметнува констатацијата дека токму храброста при соочувањето со семејната траума е она што „Сентиментална вредност“ го прави филмиште, со препознатливи тематски референци поврзани со големиот Ингмар Бергман, кој во сите негови филмови се обидуваше да ги разјасни човековите постапки после одредени животни трауми. Овој филм е снимен во препознатливата традиција на европскиот уметнички филм, а особено ми се допадна оној момент кога во крешендото на приказната, кога се кршеа копјата, лицата на тројцата семејни протагонисти, таткото и обете ќерки, се прелеваа едно врз друго. Поради сето ова, филмот си обезбеди стартна точка која му даде предност меѓу членовите на Европската филмска академија во однос на „Сират“, а клучната разлика што беше пресудна меѓу конкурентите е таа што филмот на Трир зборува за соочувањето со траумата, а филмот на Лаше за бегството од неа.
Се разбира, тоа не е недостаток на „Сират“, затоа што тој не се занимава со сеќавањата, туку со актуелниот момент во светот, со современието во кое сите ние живееме како во еден огромен котел кој тивко крчка врз оганот додека не експлодира. Но овој другиот момент, семејните односи во кои секој, макар делумно, ќе се препознае, е онаа сигурна карта на која „Сентиментална вредност“ на крајот излегува како победник, барем меѓу „салонските“ промислувачи на седмата уметност. Во секој случај, и обата филма се силни остварувања кои ја одбележаа минатогодишната европска филмска сезона, но и светска, знаејќи дека и двата филма се номинирани во категоријата „Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“. Дали некој од нив ќе го „лапне“ Оскарот, останува да почекаме до 15 март 😉

