Минатиот петок, на 27 февруари, во Кинотеката на Македонија присуствував на промоцијата на монографијата „70 години македонски филмски плакат 1952-2022“. Кинотеката како издавач го организираше претставувањето на ова значајно дело, но за жал, без присуство на авторите кои фигурираат на корицата од изданието, а не беше присутен ниту најавениот промотор. Во нивно отсуство, на настанот свое обраќање имаа директорот на Кинотеката Бошко Грујоски, како и режисерите Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков.

Пред неколку години, при една посета на Кинотеката, забележав дека во холот се истаканти неколку постери од македонски филмови од втората половина на минатиот век, кои претставуваат вистинско архивско богатство. Беа толку бегло изложени,„ради-реда“, што се вели, што било кој можеше да ги одлепи и да си ги земе со себе. По мојата реакција, тогашниот директор напиша дека во архивата имаат толку многу од истите постери, што не било проблем што овие биле така неплански истакнати на паноата во холот.


За време на Новогодишните празници, пак, објавив серијал во три продолженија за филмскиот музеј во Торино, сместен во прекрасниот Моле „Антонелијана“. Таму цел еден кат е посветен токму на филмскиот плакат, како засебен сегмент поврзан со седмата уметност, кој го прикажува развојот на визуелниот дизајн низ децениите од филмската историја. Затоа се израдував кога прочитав дека нашата Кинотека издава монографско издание во кое се опфатени седум децении од развојот на филмскиот плакат на/за македонскиот филм. Затоа и присуствував на настанот, иако, си заминав малку разочаран.



Најпрво, очекував дека монографијата ќе биде отпечатена во тврд повез, затоа што не се објавува секоја година ваков тип на издание. Монографијата по автоматизам повлекува тврд повез, и Кинотеката морала да се потруди да најде додатни финансии, доколку недостасувале, за да го реализираат што попрофесионално ова издание, кое на тој начин би добило репрезентативен изглед. Нејсе.



Веќе споменатиот пропуст со неприсуството на авторите на двата текста во изданието исто така е непростливо. Ваков настан бара посериозна организација и истиот треба да претставува празник за филмската уметност кај нас. Вака, како што се случи, со неколкуминутни излагања на партиципантите на сцената во киното, се добива впечаток дека е направен „ради-реда“, што не е убаво. Исто така, и изложените плакати во холот, без некаков концепт, само се надоврзаа на безидејноста на целиот настан. А баш би било добро изложбата да беше во галеријата на библиотеката, која честопати ја користи и Кинотеката, каде плакатите би биле застаклени и врамени во соодветни рамки, истовремено следејќи приказна која уште повеќе ќе го вовлече посетителот внатре, во приказната. Штета!
За да нема забуна, јас само се обидувам да бидам конструктивен, се надевам дека овие мои забелешки нема да ги искористат „дежурните“ волци кои ќе се ситат на досега кажаното, а тие и самите молчат.



И на крајот, се разбира, она најважното, поглед на самото издание. Ако на страна го оставиме мекиот повез, тогаш она што не’ очекува внатре се двата одлични текстови на авторите Владимир Величковски и Валентино Димитровски, за жал, само на македоноски јазик. Велам „за жал“, затоа што воведниот текст на директорот има англиски превод. Ова издание финансирано од Министерството за култура и туризам, во тираж од 400 примероци, заслужува и поголем број на испечатени примероци, и паралелна англиска варијанта, затоа што претставува репрезент на историјата на македонскиот филм, кој може да биде и добар рекламен материјал при претставувањето на нашата кинематографија во странство.



Сепак, овој артефакт со драго срце ќе го чувам во домашната библиотека, бидејќи ги содржи филмските плакати од (речиси) сите македонски филмови, почнувајќи од првиот, антологискиот „Фросина“ на режисерот Восилав Нановиќ од 1952 година. Интересно е што на крајот од монографијата има уште неколку бонус плакати, алтернативни решенија за одредени филмови, па така, на пример, многу повеќе ми се допадна „алтернативниот“ плакат за „Исправи се делфина“ наменет за југословенскиот пазар, отколку оној, „домашниот“. Но добро, вкусови, нели 😉


Во минатото се сеќаваме на плакатите за филмовите изработени од Пикасо, Дали, Ворхол… а следствено на тоа, и домашните уметници како Кондовски, Чемерски, Динка… ги дизајнирале плакатите за македонските филмови. И ден-денес на познатите уметници им е голем предизвик кога ќе ги поканат да изработат плакат за одреден филм, затоа што тоа е првиот визуелен момент кој стигнува до перцепцијата на гледачот. Филмскиот плакат беше, и остана парче уметност која и во иднина ќе се развива во различни визуелни насоки, диктирани од времето.

