Анархо-спиритуален сон за животот

На актуелното издание на Скопскиот филмски фестивал (29 март – 6 април) една од програмските содржини што предизвикува особен интерес кај публиката е „Sound and fury“, во чии рамки изминативе две години можевме да ги видиме прекрасните рок-документарци за „Пиксис“, „Рамоунс“, „Секс пистолс“… Оваа година фестивалскиот селектор ни ги подарува приказните за Филип Глас, Бридерс, Едо Маајка, Фадо музиката… И генерално, последниве години претходно малку подзаборавениот жанр како повторно да се враќа на сцената, веројатно поради промената на поимањето на музиката, кадешто Интернет-мрежата одигра голема улога, па бидејќи луѓето станаа гладни за вистински херои во чии ставови и светогледи и самите ќе се препознаат, започна екранизирањето на животот и делото на старите бунтовни музички волци како Боб Дилан, Џони Кеш, Леонард Коен… а во моментов и една дама е во фокусот, панк хероината Пети Смит.

Рокументарецот „Пети Смит: Сон за животот“ своите официјални светски премиери ги доживеа на Санденс фестивалот и потоа и на Берлиналето, онаму кадешто најдобро може да се доживее магијата на подвижните слики. Едноставно, фановите на њујоршката музичка легенда беа воодушевени и од тоа што го видоа на платното и од контактот во живо со големата уметница, која на пресовите , освен одговорите на прашањата поврзани со филмот, приредуваше и мали акустични концерти, со нови и свежи стихови од нејзината работилница.

Најзаслужен за крајниот квалитетен производ е режисерот, продуцент и снимател Стивен Себринг, кој од период во период малтене живеел со Пети во изминатите 12 години, следејќи ја на сите нејзини свирки. Резултатот е прекрасно 109-минутно парче преполно со детали од животот и кариерата на музичарката, зачинето со спиритуални и филозофски погледи на светот, не заборавајќи притоа на мајчинството во кое Смит ужива од средината на 80-те, како и нејзината втора голема страст – сликањето. И тоа не е се’ уште е активна на политички план и немојте да се изненадите доколку нејзините ставови во овие времиња звучат поанархично од кога и да е. Затоа што уште од првиот, веќе легендарен албум „Horses“ од 1975 година, Пети Смит се’ уште го сонува животот.

https://www.youtube.com/watch?v=-kuyNvpWSsA

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 1 април 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *