Брилијантноста на старите волци

Конечно, се случи и тој величествен момент: по „Жега“ на Мајкл Мен, требаше да поминат 13 години за фантастичните Роберт де Ниро и Ал Пачино да сфатат дека мора да снимат уште еден заеднички филм. Резултатот се вика „Праведно убиство“ и е генијален!

Минатиот месец во својот дом во Конектикат почина еден од најголемите актери на својата генерација, Пол Њумен. Тој, заедно со најголемиот меѓу најголемите – Марлон Брандо, и со уште пар останати имиња, ставија печат на цела една ера на владеење на Холивуд во светски рамки. И доколку овие имиња и’ припаѓаат на старата генерација актери, тогаш онаа средната, која започна со експонирање во втората половина на 60-те, а зенитот го достигна во следните две децении, дефитивно ја обележаа имињата на Роберт де Ниро и Ал Пачино. Нивната магнетна привлечност на големото платно, и пред се’, разните трансформации со кои ја китеа секоја своја наредна ролја, засекогаш ги зацементираа во врвот на актерскиот занает.

Во историјата на седмата уметност вистинско внимание врз актерските креации во одреден филм почнува да се обрнува по завршувањето на Втората светска војна, кога и самата филмска индустрија го смени својот начин на размислување. По форсирањето на млади ѕвезди од типот на Џејмс Дин, чија филозофија на размислување „живеј брзо и умри млад“ набргу предизвика вистинска културна револуција, со текот на годините работите се искристализираа и стана многу јасно кој е кој на сребрениот екран. Денешната ситуација со новите холивудски филмови, пак, кои мизобилуваат со актерски имиња чиј талент во најмала рака е сомнителен, и кои бргу паѓаат во заборав, е сосема различна, и како што вели Гвинет Палтроу во едно интервју: „Мојата кариера е во надолна линија затоа што секогаш во Холивуд ќе има некоја помлада и попривлечна од мене, која за помалку пари ќе ја заврши работата“. Токму затоа, заедничкото појавување на легендите де Ниро и Пачино во ист филм треба и мора да се смета за голем триумф и за настан на сезоната.

Многумина сметаат дека помеѓу овие двајца актери отсекогаш постоел антагонизам, но тие тоа го одрекуваат, велејќи дека пред се’ се големи професионалци. Гласините започнаа пред 30 години, кога обајцата за прв пат се појавија во ист филм, во вториот дел на славниот „Кум“ на Ф.Ф. Копола. Но фактите велат дека ниту еднаш не се појавуваат во иста сцена, што значи дека воопшто и не се дружеле на снимањето. Неправдата беше исправена благодарение на Мајкл Мен, чија желба да ги спои двајцата во заеднички проект конечно се оствари во полицискиот трилер „Жега“ од 1995 година, во кој детективот (Пачино) е на праведната, а криминалецот (де Ниро) од другата страна на законот.

По овој успешен излет поминаа долги 13 години, доволно време актерските ѕвезди во веќе поодминати години да сфатат дека мораат да снимат уште еден заеднички филм. Додуша, иницијативата повторно доаѓа од режисерот, во случајов Џон Авнет, но неминовноста на крајот беше спакувана во целовечерен филм насловен „Праведно убиство“, на радост на филмофилите ширум светот.

100-минутниот „Праведно убиство“ е трилер во вистинска смисла на зборот, жанр кој последниве години ја загуби својата вистинска вредност. Се работи за супериорно филмско парче препорачливо за фановите на актерите, но и за останатите филмски сладокусци. За разлика од „Жега“, ликовите што ги играат актерите овој пат се на вистинската страна од законот, играјќи двајца ветерани во њујоршката полиција кои се во потрага по серискиот убиец во Големото јаболко. Но, филмот на Авнет и не е толку богат со подслоеви како крими-драмите со кои де Ниро и Пачино ја изградија својата репутација, но негов главен адут е хуморот, нешто што пак недостасува токму кај нивните култни остварувања од минатото. Затоа овој проект, и покрај сета негова тематска сериозност, носи и доза на ведрина, која зрачи од искуството на актерските ветерани.

Злобниците филмот го оценија како „ѓубре кое, да не беа де Ниро и Пачино, бргу ќе падне во заборав“. Тие исто така нагласуваат дека заедничкиот настап во „Праведно убиство“ е за да се спасат нивните кариери. Сепак, Роберт де Ниро и Ал Пачино и понатаму се оние, вистинските „стари волци“ од кои новите генерации актери можат само да учат, па дури и од вакви остварувања, и тоа е факт кој никој не може да го побие.

@Текстот е објавен во магазинот Клуб 360“ во ноември 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *