кон стихозбирката „Ноември“ од Игор Анѓелков
пишува: Тони Ќосев
На крајот од секоја школска година, класниот раководител доделуваше книги за одличните ученици за прикажаниот успех. Според детската логика, колку подебела книга – толку подобар си бил од другите. Во шесто одделение мене ми доделија една тенка книга. Класниот ме убедуваше дека само јас сум можел да ја разберам. Како да не. За таа книга да ја разберам ми требаа години, предзнаења и знаења, животна зрелост. Насловот на книгата: „Странецот“ – Албер Ками, една од највлијателните книги во 20 век.

Ми пречи кога за книга се вели „книжуле“ во пежоративна смисла на зборот. Такви мали книги го менувале светот – од Лао Це и Конфучиј, преку Комунистичкиот манифест, до денес.
Збирката почнува со „Револуција“ и песната „Круг“ (Circulus vitiosus) во која се зборува за младешките идеали – Слобода, Правда, Вистина, Љубов, за маршеви, барикади, кренати раце (Victoria – победа). Како во песните на The Beatles – „Revolution“ („We all want to change the world“) и The Rolling Stones – „Street fighting man“. Во бурните шеесетти години, во времето на бурните протести и демонстрации во Америка, младите бунтовници дошле пред куќата на Боб Дилан и го повикувале да им биде водач во соборувањето на неправедниот систем на власта, а тој им одговорил дека е само обичен поет. Пред крајот на Византиската империја, кога Турците продираат во Мала Азија и доаѓаат под тврдините на Константинопол, црковните и световните власти организираат голем црковно-народен собир пред гробот на еден суров император, кој бил голем војсководец, му се молат – Стани и победи ги Османлиите.

Главна одлика на Игор е љубопитноста, незаситената жед за знаења, да види, да открие, да почувствува, да осознае… Кога пее за љубовта, тоа не е евтина лигава патетика, туку нежна посветеност и почит кон љубената. Во ова сурово време на конзумеризмот, се’ повеќе љубовта се повлекува пред материјалните интереси, па наместо љубовници имаме „партнери“ и „пријатели“, како тоа да е фузија на две компании. Каде се тука The Pogues и Shane MacGowan во „Dirty old Town“ („I kissed the girl by the factory wall“), Џони Штулиќ („Ooo ja te volim, Mozda ne razumijes ali volim te, Naizgled lijepa si“), Дисциплина кичме („Ја волим јако, ја волим снажно“), Ник Кејв со својот демонски глас („Do you love me?“), Elvis Costello – „I want you“…
Во песните „Воздух“ и „Гордост“ провејува болката од разделбата со саканата личност: Ета Џејмс – „I’d rather go blind“ и Шаде – „Love is stronger than pride“.
За мене, најсилна песна во целата збирка е „Гласник“ – рефлексија на Вилијам Блејк („Тигар“) и Милан Младеновиќ (ЕКВ). Црноокиот волк како силна метафора – гласник на судбината, кој го најавува времето за враќање во изветвениот кожурец. Песната „Врата“, пак, е посвета на Џим Морисон, Дионизиј на рок музиката.

Три песни прават мини семеен циклус. „Татко“ – потресна песна како кај Брус Спрингстин – „Мy fathers house“. „Мајка“ – со толку топлина синот пишува за својата мајка. „Бамји“ – ја отсликува компензаторно-комплементарната природа на сонот – неостварената желба за неродениот брат . Сите песни во збирката се искрена исповед на еден зрел автор.
Никола Пијанманов, еден од најдобрите македонски сликари, минималистички со стилизиран релјефен лист го отсликува целиот раскош на оваа збирка. Паднатиот лист („Autumn leaves“ – Eva Casidy), како симбол на доцната есен со двојно значење – есента како годишно време и есента како период во човечкиот живот. Oбвивката ме врати во времето на лонг плеј плочите и поп-арт уметникот Andy Warhol, творецот на легендарните обвивки на албумите на Velvet Underground and Nico („бананата“) и The Rolling Stones – „Sticky fingers“ (фалус во тесни припиени фармерки). Убава и едноставна илустрација како што е убава и едноставна и поезијата на Анѓелков, која потсетува на поезијата на Nick Drake, поет кој својата слава ја доби постхумно.
Колку е вештачка поделбата на поезијата на елитистичка и профана (секојдневна, субкултурна ). Поезијата е како голем океан со мноштво стилови, жанрови и видови и тоа е нејзината убавина, таа разновидност. Најважни се чувствата што ги побудува и моќта за промени во човечкиот ум.
Би завршил со Manic street preachers – „This is my truth , tell me yours“.

