Романот „Кон светилникот“ објавен во 1927 година е едно од врвните дела на европскиот модернизам. Критиката го смета за најавтобиографски роман на Вирџинија Вулф, речиси психолошка поема. Во нејзините изјави за причините како дошла до точката да го напише ова дело, писателката вели дека се случил поради преголемата опседнатост со нејзините родители. Едноставно, и додека биле живи (мајка и’) и по нивната смрт (татко и’), таа вели дека „не можела да ги извади од нејзините мисли“. Но, откако го напишала „Кон светилникот“, таа опсесија исчезнала. Светилникот фигурира на кориците од мојот најнов роман „Ветрилиште“ како метафора за „враќањето дома“, таа вечна тема уште од Хомеровата „Одисеја“, и тоа беше доволна провокација да му се навратам на ова дело објавено пред речиси еден век.
