Освен пишувањето и дружбите со прекрасните домаќини, времето на писателската резиденција во Пазин го пополнував со квалитетни прошетки низ Истра. Шетајќи низ центарот на симпатичниот истарски град, еден ден наидов на плакат на кој пишуваше дека туристичката агенција крај која поминував секој ден организира еднодневна посета на Голи оток. Не се премислував многу и веднаш го уплатив аранжманот кај сопственичката Ингрид, која најави дека ќе биде наш водич. Супер, помислив, конечно ќе можам во живо да ја видам и почувствувам приказната за најконтроверзниот остров во минатото, чија слава и значење единстено можеби ја засенува Вис. Но, за разлика од него, Голи оток и ден-денес како референца неретко се употребува во секојдневието и во политичките дебати на овие простори, метафорична сенка која веројатно никогаш нема да можеме да ја надраснеме.
Читај повеќеТаг архива: Пазин
Зип-лет за „Довидување Пазин“
Во текот на тринеделниот престој на книжевната резиденција во Пазин, мои драги соседи беа дечките и девојките кои работеа на зип-линијата чија патека ве вози над длабоката пазинска јама. Мојот балкон и првата платформа се оддалечени 5-6 метри, и во периодите кога подолго бев осамен работејќи на новите ракописи, баш ми беше драго кога ќе ја чуев екипата со новата група посетители, како врескаат додека адреналинот им шиба во срцето. Сето ова претставуваше добра психолошка подготовка за мојот писателски прелет над јамата, кој го оставив за претпоследниот ден, пред заминувањето.
Читај повеќеИзложба „Добредојдовте“
Со изложбата насловена „Добредојдовте“, градот Пазин минатата година ја одбележал 75-годишнината од посетата на Меѓународната комисија за разграничување на Јулијската краина, односно Истра, меѓу Италија и Југославија. Изложбата се отворила на 18 мај и било најавено дека ќе трае до 31 декември 2021 година, но поради големиот интерес и посетеноста, како и поради важната тема која ја обработува, таа може да се посети во средновенковниот „каштел“ и во текот на оваа, 2022 година.
Читај повеќеКуќа за писатели, Пазин
Денес точно напладне се случи претставувањето пред публиката во “Куќата за писатели” во Пазин, кое одеше и онлајн, додека зад нас беше активен зиплајн 🙂
Читај повеќеИстaрски музички задоволства
Без музика навистина не ја бива работата 🙂 Имам среќа и задоволство во текот на мојот престој во Пазин да присуствувам на неколку свирки кои ја задоволија мојата жед за живи настапи, особено по двете години пандемиска апстиненција, со чест на исклучоците, нели. Овој крај уште на сцената во поранешна Југославија значеше за напреден и иновативен, изнедрувајќи еден куп возбудливи бендови. Пулската и риечката отсекогаш биле добар пример за тоа како треба да функционира една музичка сцена, а во оваа јунска музичка понуда, меѓу другите, ги гледав, за прв пат во животот, и „Атомско склониште“. Да, да, се’ уште постојат. Маестро Бруно Лангер со двајца млади момци ја растури сцената пред средновековната тврдина во Пазин. Стеј тјунд 😉
Читај повеќеИстарските „Фрески без граници“ во Драгуќ
Истра е вистински бисер на Јадранот. Во средишниот дел е преполна со мали места кои се предизвик за шетање и уживање во нив. Мотовун веќе е глобално познат по филмскиот фестивал, Хум фигурира како најмал град во светот, со вкупно 13 жители, за Пазин уште во 19 век пишувал Жил Верн… Сите нив ги поврзува тоа што во својот атар имаат цркви кои изобилуваат со прекрасно фрескосликарство. Благодарение на моите домаќини, имав можност да го посетам соседниот Драгуќ, каде во „Куќата на фреските“, во присуство на званици од Хрватска и Италија, се отвори изложбата насловена „Фрески без граници“, на која се информирав и уживав во претставеното и изложеното.
Читај повеќеВелосипедска авантура во срцето на Истра
Првата асоцијација за Истра секогаш се монденските летувалишта како Ровињ и Пореч, и секако, неизбежната Пула. Меѓутоа, мојата локација е во Пазин, во централна Истра, и сакав да ги откријам убавините на овој живописен јадрански полуостров онаму каде што гравитираат помалку туристи, а природата ве остава без здив. Благодарение на тоа што на почетокот на јуни се одбележува роденденот на градот, добив можност Истра да ја истражам со велосипед. Во организација на Туристичката заедница на централна Истра, на 21 мај, 02 и 11 јуни, на сите заинтересирани кои ќе се пријават им се даде можноста со професионален водич, бесплатно, да направат тура во должина од околу 30 километри, со висинска разлика околу 500 метри, и со оценка на стазата како „средно тешка“. Притоа, за првите двајца пријавени следеше бесплатен е-велосипед. Но, бидејќи доцнев со пријавата за 11 јуни, изнајмив една супер „дваес-деветка“ и си го направив кеифот.
Читај повеќеВо утробата на карстната јама
Уф, како звучи насловот на текстот, небаре е Жил Верн во прашање 🙂 Токму името на славниот француски писател е она кое често се среќава во прекрасниот Пазин, сместен во срцето на Истра. Веќе со години наназад, овој административен центар на велелепниот полуостров на северот од синиот Јадран организира книжевна резиденција, на која сум гостин овој месец. Досега уште неколку македонски писатели биле дел од „Куќата за писатели“, или оригинално, „Hiža od besid“, сместена веднаш до средновековниот „каштел“, под чии ѕидини зјае легендарната „пазинска јама“, која ја овековечи споменатиот основоположник на научната фантастика, Жил Верн, во својот роман „Матијас Сандорф“ издаден во далечната 1885 година. Сите овие информации нафрлани во првиот пасус од овој текст бараат опуштена и систематична обработка, додека надвор капе ситен пролетен дождец. Затоа, одиме кроце и по ред.
Читај повеќе