На петнаесетина минути пеш од центарот на Загреб се наоѓа техничкиот музеј кој го носи името на најзначајниот научник во минатиот век, „виновникот“ за нашиот модерен начин на живеење, денес и овде. Не сум го посетил музејот посветен на Никола Тесла во Белград, но овој во Загреб ми даде и повеќе отколку што очекував. Техничкиот музеј на „Савска 18“ го прикажува историскиот развој на техничките решенија со кои човекот се обидувал, и во многу нешта успеал да ги совлада просторот и времето. Добредојдовте 😉
Мајската прошетка низ хрватската метропола беше навистина пријатна. Славниот музеј на модерна уметност „Мимара“ на големо се реновира и веќе некое време не работи (штета!, си помислувам), но овој посветен на Тесла не смее да ми избега. Но, пред да уживам во неговата содржина, на мапата забележувам дека веднаш до него се наоѓа кошаркарската сала во која игра славната „Цибона“. Ја преминувам улицата и зачекорувам во предворјето на храмот насловен по виртуозот кој, за жал, прерано замина на оној свет. Скулптурата на Дражен Петровиќ е прекрасна, и пред да продолжам кон денешната цел, си дозволив малку да поуживам во неа.
Повеќенаменскиот центар кој го носи името на најдобриот хрватски спортист на 20 век има капацитет од 5400 седишта, а околината е комплетно во знакот на Дражен и навивачите, кои го носат името „Смоговци“, познатата телевизиска серија од 80-те години на минатиот век, годините во кои доминираше баскет-виртуозот.
Интересно, на сити-лајт билбордите на влезот е потенцирано дека Дражен својата кариера ја започна во матичната „Шибенка“, со која, изненадувачки, во сезоната 1982-1983 ја освои шампионската титула во поранешна Југославија по контроверзната победа над Босна, по што започна вртоглавата кариера на помладиот Петровиќ, која финишираше со остварување на „американскиот сон“, со влез во НБА лигата.
Сето ова ме потсети на посетата на неговото родно место во Шибеник пред пет години, импресии за кои може да прочитате нешто повеќе во следниот текст:
Конечно, по оваа мала дигресија, се враќаме на музејот посветен на Тесла, кој уште од предворјето ги најавува содржините што ги нуди за посетителите. Освен регуларните, како мене, во текот на денот пристигнаа неколку групи на ученици од основните и средните училишта, кои заинтересирано ги гледаа експонатите кои му служеле на човештвото пред се’ благодарение на големиот научник од Лика.
Историјатот вели дека идејата за формирање на ваков вид музеј потекнува од крајот на 19 век, па во еден период во Загреб постоел Трговско-занаетчиски музеј. Вистинската историја на Техничкиот музеј започнува во 1954 година, кога е донесена одлуката за негово формирање, а во 1959 година музејот ја добил сегашната локација.
Иницијатор за основање на Техничкиот музеј бил универзитетскиот професор др. Божо Тежак, подоцна долгогодишен претседател на Советот на музејот, а прв директор бил Предраг Грдениќ. Зградата на музејот ја дизајнирал Маријан Хаберле. На 5 јуни 2015 година, со одлука на Градското собрание, Техничкиот музеј во Загреб го сменил името во Технички музеј „Никола Тесла“, на предлог на тогашниот градоначалник Милан Бандиќ.
Првите одделенија на Техничкиот музеј (Трансформација на енергијата, транспортните средства и рударството) биле отворени за јавноста во 1963 година. Одделот за трансформација на енергијата го прикажува историскиот развој на човечките решенија во обид да се трансформираат помалку вредните форми на енергија во поквалитетни и покорисни за човековите потреби. А на почетокот (горе) со серијата експонати за гаснење пожари, од опрема до возила, е прикажан развојот на оваа технологија, со посебен акцент на подрачјето на Хрватска.
Особено возбудлива беше рударската колекција која го прикажува развојот на техниката на експлоатација на минералните суровини, како и методите на бенифицирање и преработка на руди. Посебно интересен е моделот на рудникот со вкупна должина на рударските коридори од повеќе од триста метри, изграден под објектот на Музејот. Имав можност да влезам во подземјето, и чувството беше навистина необично и автентично. Сепак, сфатив дека никогаш нема да можам да бидам рудар (сега е и малку доцна за тоа), не поради тежината на работата (никогаш не бегам од работа, таа го оформува човекот), туку поради клаустрофобичниот момент по сознанието дека си длабоко под земјата, и ти нема спас 🙂
Се разбира, најатрактивен дел од музејот е современиот демонстрациски кабинет на Никола Тесла. Постојаната поставка на кабинетот, со вкупна површина од 260 м2, била отворена во 1976 година по повод 120-годишнината од раѓањето на научникот. Нејзината музеолошка концепција е специфична, бидејќи врши експерименти со реконструкции на најпознатите пронајдоци на Тесла направени според оригиналните дизајни и пријавите за патенти, во повеќето случаи користејќи методи и материјали од времето во кое живеел. Експонатите се изработени во работилниците на самиот музеј. Постојаната поставка е обновена по повод одбележувањето на годишнината од раѓањето на Никола Тесла (2006) под покровителство на хрватскиот Сабор.
Супер забавно и едукативно беше да се присуствува на демонстрацијата на дел од експериментите преку кои Тесла доаѓал до значајни откритија, со помош на учениците од едно средно загрепско училиште, кои беа гости во музејот. Можеби токму меѓу нив чучи некој научник кој чека да биде откриен 😉
Расположениот демонстратор беше и одличен педагог, кој низ хумор и современа „спика“ на средношколците во целост им го задржа вниманието, истовремено практично претставувајќи им дел од материјалот кој го учеле по техничките предмети во нивното училиште.
Најголема површина во централниот салон на музејот заземаат експонатите од превозните средства. Историскиот развој започнува со претставување на велосипедите, со експонати од крајот на 19 век (1885), па се’ до средината на 20 век, кога во 1965 година е претставен првиот „тркачки“ точак, кој потоа неколку децении ќе биде доминантен на улиците ширум светот.
По велосипедите, логично, следат моторциклите…
Од музејските ексклузивитети, би ги издвоил хидроавионот, хеликоптерот и старата подморница, надополнета со ретро-оделото за нуркање. Бесценето!
За љубителите на железничкиот сообраќај, музејот нуди пар прекрасни композиции со парни локомотиви, за враќање во времето на каубојците и Индијанците, или, ако сакате, во времето на индустријализацијата на Европа, кога континентот почнал да добива модерен шмек.
А првата кочија влечена од коњи низ загрепските улици e вистински раритет:
За љубителите на старите автомобили, еве еден мал хајлајт на експонатите во музејот, кои датираат уште од времето на прохибицијата, преку фиќкото, трабантот и легендарната „Буба“, па се’ до современите авто-претставници:
Од земјата повторно се вивнуваме во воздухот, со преглед на неколку атрактивни авиони од минатото, кои безгрижно лебдат над главите на посетителите, а меѓу нив и веселиот ретро-падобранец:
На катот горе, засебен дел зазема одделот за аеронаутика со планетариумот. Е тек тоа е посебно доживување, кое заслужува и засебен текст. Но, поради заокружување на доживувањето, сепак тематот ќе го финишираме со прекрасните експонати поврзани со вселенските истражувања.
Почнувајќи од телескопите за набљудување на небото, преку мапите, па се’ до орбиталните летала кои одамна универзумот околу нас ни го носат на дланка, оваа поставка е навистина атрактивна и заслужува особено внимание и посветеност.
Во одделот за астронаутика се сместени модели на најпознатите вселенски летала, лансери и орбитални станици, кои го покажуваат почетокот на развојот на аеронаутиката. Убаво беше да се видат моделите на „Спутник 1“, првиот вештачки сателит пуштен да орбитира околу Земјата;
првите советски и американски орбитални станици „Саљут 1“ (1971) и „Скајлаб“ (1973);
Модулите за врска меѓу Месечевата орбита и површината, „Игл“ и „Луноход“;
Меѓупланетарните летала „Сојуз“ и „Сатурн“;
па се’ до ракетниот носач „Сатурн 5“.
Конечно, по сите возбудувња, излегувам надвор на воздух, седнувам на клупата малку „да наполнам батерии“ и да запалам една цигара. Чинам дека заслужив!
Отспротив здогледувам една стара телефонска говорница, и си велам дека морам да му ѕврцнам на Тесла за лично да му се заблагодрам за сите нешта што денес ги видов, и кои ни го обојуваат современието во кое живееме.
Тој како да дремел на телефонот, веднаш ми крена, се расприкажавме на долго и на широко, тој српско-хрватски, јас македонски, и на крајот ми вели: „Земи му на малиот маичка со мојот лик од шопот на излезот, ќе му се допадне. Преку ден додека игра фудбал, ќе се наполни со светлина, а навечер ќе почне да свети, и полесно ќе го лоцираш“.
Ете што ти значи стариот лисец Тесла. Браво, браво, браво!!!