Не, Чехов не живее тука!

Кон „Јас сум од Титов Велес“ (I AM FROM TITOV VELES, 102 мин.) на Теона Стругар Митевска

улоги: Лабина Митевска, Ана Костовска, Николина Кујача, Џевдет Јашари, Петер Мусевски


Хаотичната архитектонска структура на македонските градови, доколку сме само малку (кинематографски) побогата држава, може да биде неисцрпна сценографска инспирација за домашните филмаџии, но и во ваква ситуација, со (во најдобар случај) неколку филмови годишно, оваа констатација може да се покаже како фина подлога за интересен филмски проект. Режисерот Светозар Ристовски  во 2003-та мудро го „искористи“ својот роден град за снимање на неговиот издржан првенец „Илузија“, за еве, по неколку години (случајно или не), истиот град (Титов) Велес, да биде местото на случувањето на дејствието во второто долгометражно остварување на Теона Стругар Митевска, „Јас сум од Титов Велес“.

По регионалната премиера на филмскиот фестивал во Сараево, светската премиера во Торонто, домашната фестивалска премиера на „Браќа Манаки“ во Битола, и врвот, учеството во селекцијата „Панорама“ минатиот месец на Берлиналето, филмот на Митевска конечно пристигна пред домашната публика, веројатно најмеродавната за оценка на неговиот квалитет. Иако одамна нема киносала, градот-домаќин Велес успеа да организира свечена премиера на филмот. Моментот беше погоден поради повторното актуализирање за отворање на велешката Топилница, озлогласената фабрика која, според граѓаните, но и според авторката на филмот, е виновна за тоа што се случува со луѓето во градот на Рацин.

„Јас сум од Титов Велес“ ја раскажува приказната за трите сестри – репрезентки на тешкиот социјален живот во долгото ни транзициско општество. Афродита (Лабина Митевска), Сафо (Николина Кујача) и Славица (Ана Костовска), секоја од нив (заглавена) во посебен свет, сочинуваат дисфункционално семејство кое се обидува да го оствари својот замислен (но недофатлив) сон. Жртвувањето, носталгијата, борбата против однапред запишаната судбина, но и одлучноста да се направи нешто во врска со тоа се неколкуте тематски одредници кои може да се насетат, но не и до крај да се почувствуваат. Доколку Митевска сакала легендарните „Три сестри“ на Антон Павлович Чехов да ги смести во македонско милје, браво за намерата, меѓутоа, има нешто каде овие две приказни се разидуваат, нешто што литерарниот мајстор го вика „трагедија на животната инерција“. Да, надежта постои и отсекогаш постоела како виртуелен излез, меѓутоа, ‘шминкерските’ решенија во филмот, кои му даваат доза на несериозност, и згора на тоа, попатното уфрлување на ‘егејскиот’ момент (како и кај „Сенки“ на Манчевски), укажуваат на сценаристичките слабости, кои не може, а да не ги видите. Но, едноставно, Чехов не живее тука, нели. Затоа, веројатно во целата оваа работа пресудна е улогата на снимателот.

По работата со директорот на фотографија Ален Маркоен во дебитантскиот филм „Како убив светец“, во кој мрачната приказна за бунтовникот без (или со) причина честопати е насликана со камера од рака, овој пат Митевска игра на женска карта, соработувајќи со младата, но веќе искусна белгиска кинематограферка Виржини Сен Мартен, која се вљубува во Велес на прв поглед. Нејзината визуализација на замислените, но не секогаш докрај реализирани идеи на авторката, е навистина импресивна, за што заслуга, според Мартен, има и самиот град, чии лавиринт-улици се како надреалните соништа на Салвадор Дали, со чудни светилки во разни бои што го збогатуваат шарениот декор.

Сепак, тоа не е доволно за комплетноста на едно филмско дело, особено поради фактот што карактеризацијата на трите сестри во текот на дејството е само загребување по (комплексната) површина на темата, не успевајќи да се навлезе подлабоко, во темните одаи на беспомошноста, каде што врескаат веќе споменатите „трагедии на животната инерција“ на Чехов. На крајот на краиштата, доколку филмот на Митевска по неговото искрено гледање и поимање имаше јасна порака што кореспондира со чувствата на гледачот, тогаш и овој текст немаше да има толку (зборови во) загради, што е фин показател дека има нешто што недостасува, нешто што е недоречено, неиздржано, недоквачено…

(Објавено на 4.3.2008 во „ГЛОБУС“ и во книгата „ФИЛМ.МКД“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *