Три песни

Круг

младоста ме повикува на улица
ушите ми горат
очите ми горат
срцето ми гори
за идеали
за вистински идеали
за Револуција на умот

луѓето маршираат
од разни причини
чекориме смело
како вистински пријатели

и Невенка ни се придружи
во очите ја нема вообичаената тага
таа се радува заедно со нас
мисли на пролет
на жолто
на мед
на Револуција на умот

луѓето маршираат
од разни причини
чекориме смело
како вистински пријатели

телата ги пробиваат барикадите
жените делат бакнежи
мажите победнички ги креваат рацете
мојот глас е разорен
ја пробива тишината
гледајќи во иднината

сонцето ни го осветлува патот
огнот ги гори непријателите
водата ги преплавува долините
низ воздухот лебди космосот

луѓето маршираат
од разни причини
чекориме смело
како вистински пријатели

но набргу
сето ова ќе изгуби смисла
и сѐ ќе биде исто
како и претходно

од каде доаѓа таа врева
драга
провери дали можеби
љубовта крцка на скалилата

За тебе

сакам
да напишам
песна за тебе
да не мине
залудно денот
песна од мене
песна за тебе
песна за денот
залудно минат
 
се трудам
да напишам
песна за тебе
за сите грижи
низ кои минеш
за сите мали
и големи нешта
што со умот
ги кинеш
 
пишувам
песна за тебе
за сета љубов
што ми ја даваш
за сета
криенка-миженка
што ја играш
додека
готвиш храна
 
ова е
песна за тебе
ова дефинитивно е
песна за тебе
песна од мене
за тебе
во овој прекрасен
залудно минат
ден

Бамји

сонував
дека чекорам
под небо во боја на бамји
минатата ноќ
сонував дека чекорам
под небо во боја на бамји
го барав неродениот брат
меѓу луѓето
оној што целиот живот
ми недостига
оној што ќе ме заштити од себе
што ќе ми даде совет
во најмала рака
прегратка
му реков
брат, знаеш,
долг пат поминавме заедно 
јас и ти, заедно

минатата ноќ
сонував дека чекорам
под небо во боја на бамји
додека стоеше под
сончевите зраци
сестра ми се насмевна
да, таа се насмевна
и ми ги подаде рацете
ѝ реков
сестро
во твоите очи
лежи сиот универзум
но знај
моето срце
многу пати беше скршено
и понекогаш
мојот ум е
премногу силен
за нештата на овој свет
затоа сестро
слушни ме само за момент
кога сум сам
знај, јас сакам да сум сам
тогаш го фрлам
лудиот дијамант од себе
и сите грижи исчезнуваат
бидејќи во тебе го гледам
нашиот дом
од детството

сонував
дека чекорам
под небо во боја на бамји
минатата ноќ
сонував дека чекорам
под небо во боја на бамји
со неродениот брат
и мојата сестра
и повторно
ја пронајдов
љубовта