Постхуманизам дома

Да бидам искрен, темата за ПЕН конференцијата на прв поглед ми беше далечна, исплашен од сите тие големи и значајни зборови и терминологија од чие значење може човека да го заболи глава. Но сепак, морам да признам, уживав во разните интерпретации на големите умови на темата, бидејќи прецизно го дефинираат времето во кое живееме и, на крајот на краиштата, во кое твориме и оставаме нешто зад себе. И како навлегував во суштината на темата читајќи разни текстови, сфатив дека јас, на некој начин, всушност веќе го живеам постхуманистичкиот период. Не се сметам себеси за пост-човек, напротив, но преку заедничкиот живот што го живеам со моето семејство, сфаќам дека новото време длабоко продрело во мојот начин на минување низ секојдневните предизвици, попатно несвесно прифаќајќи многу нешта. Изреката вели: „Ако не можеш да ги победиш, тогаш придружи им се“. И навистина е така, и така мора да биде. Впрочем, и прилагодувањето на новонастанатите ситуации читам дека е интегрален дел од постхуманизмот, така што… опушти се и пливај, си велам. Час низводно, час спротиводно, сеедно, важно е да се плива. Во чиста и бистра вода, или во гомна, сеедно. Пливај!

По разни животни премрежија, со сопругата сфативме дека една од главните наши битки во процесот на воспитување на децата е секојдневниот предизвик да се пронаоѓаат нови начини како тие, нашите сакани деца, да ги спречиме што помалку да поминат време пред екранот на мобилниот телефон, лап-топот, таблетот или персоналниот компјутер. Оние приказни за тоа како беше „во наше време“, какво детство имавме ние, веќе не поминуваат. Сепак, ние со драго срце се присетуваме на анегдотите од тоа време, за кое често сакаме да кажеме дека било безгрижно, со надеж дека нешто ќе остане од тоа и во главите на нашите деца. И да, одвреме-навреме се случува тие да не’ потсетат на некоја случка што сме им ја раскажале, поврзувајќи ја со некое нивно „модерно“ доживување, така задоволувајќи еден од критериумите на постхуманизмот, дека ништо не е чисто во својата форма и израз, ништо не е налик на Бога, туку се’ е хибридно, надополнето, надоградено, измиксано…

Клишето вели дека живееме во пост-свет во кој технологијата навистина го детерминира нашето секојдневие, и ние мораме да се прилагодиме на новонастанатата ситуација. Најдобар пример за тоа се токму новите генерации, нашите деца кои веднаш по раѓањето се ставени во фолдер со буква од грчкиот алфабет (генерација Икс, Игрек, Зед… и не знам уште што). Но прашањето кое постојано си го поставуваме е дали овие нови генерации ќе најдат начин да ја понесат иднината на своите раменици онака како што ние замислуваме дека треба, или тие ќе најдат некој сосема нов начин, подобар и поефикасен од нашиот, се разбира, користејќи ги новите технологии? Па да, втората претпоставка е таа вистинската. А нам ни останува само да се прилагодиме… и да пливаме.

Пред некое време ќерка ми ми соопштува дека се’ повеќе почнува да го користи „ЧатЏиПиТи“ за одредени цели. Желбата за пишување, чинам, и’ е наследена од нас, но немав храброст да ја прашам дали можеби одредени делови од есеите што ги пишува се производ на вештачката интелигенција. Тоа би било навредливо и за обајцата. Затоа разговорот го носам во етичка насока, прашувајќи ја колку треба да се потпреме на мислењата на нешто што вештачки го создал човекот. Всушност, дали тие размислувања не се истовремено и човечки, затоа што и онака вештачката интелигенција е создадена од човекот, па следствено на тоа, и нејзиното размислување, ако родовски така ја позиционираме, е дел од човековиот ум, само на еден поинаков начин!? Ова отвори цела лепеза од можности за размислување, и така дојдовме до заедничката одлука дека треба да погледнеме некои филмови, кога веќе читањето во периодов кај неа е во мала криза поради училишните обврски.

За да не бидам настојчив и напорен, гледавме само два филма: „Одисеја 2001“ и „Блејдранер“, кои, се разбира, се адаптации на прозни дела, новелата „Сонуваат ли андроидите електрични овци?“ од Филип К. Дик и расказот „Стражар“ од Артур Кларк.

„Дејв…“, го моли компјутерот Хал 9000 колегата-космонаут да не го исклучува, откако откажа неговата послушност. „Тоа ме боли!“, продолжува Хал. „Значи, човекот повторно го има последниот збор“, ликувам. „Со едно шрафцигерче може да го зезне компјутерот, и тоа е тоа“. „И да се зезне самиот себе“, вели ќерка ми. „Што ќе прави потоа сам во вселената?“ прашува со право. „Човекот и онака е сам во вселената“, филозофирам јас, и додавам „додека не се открие спротивното“.

Се надоврзавме на темата откако по некое време го гледавме и „Блејдранер“. „Значи, што е поентата на филмот?“, прашав. „Колку и да се моќни Репликантите, ги гледале антологиските случувања во вселената околу Орион и Тенхаузеровата врата, но потоа повторно се враќаат дома, на Земјата, кај својот творец, доктор Тајрел, за да побараат формула за продолжување на нивниот лимитиран живот од само четири години“, задоволно поентирам. „Аха“, се подготвува контраофанзива, „значи повторно доаѓаме до прашањето за Бог. Зошто доктор Тајрел се поставува како Бог? Тој ги создал, но не мора да владее со нив. Јас сум твое дете, но понатамошниот живот си го трасирам сама, нели“, поентира и таа, и си заминува.

Во тој момент сфаќам дека не сме ниту први ниту последни татко и ќерка во историјата кои отворено дискутираат на разни теми по гледањето на одредени филмови, но и дека самиот чин и начин на кој го правиме тоа дефинитивно не сместува во некое пост-време во кое се’ e динамично и променливо, и се’ е со отворени можности. Во случајов излеговме од фолдерот „Марвел“ и „Ди-Си комикс“, кои ги продуцираат нејзините омилени филмови и каде дел од овие теми се обработуваат, но на начин прилагоден на нивните генерации, прикажувајќи го пост-човекот со нови трансформации во вид на јунаци со супермоќи, вампири, врколаци, зомбија… Но со самото тоа што ќерка ми прифати да излезе од матрицата и да погледне „стари“ филмови заедно со мене, веќе од нас создава ново, заедничко мислечко тело кое дојде до одредени заеднички заклучоци, за што ми е особено драго.

Испровоциран од овој креативен момент, во следниот период решив да им се навратам на некои од моите омилени книжевни ес-еф херои. На првото место на таа листа е веќе споменатиот Филип К. Дик, кој е еден од првите писатели кој во годините кога жанрот ја доживуваше својата најголема експанзија, во 60-те и 70-те години на минатиот век, успеа да докаже дека добрата научно-фантастична литература не е обременета со роботи и надворешни светови, туку таа се случува овде и сега. Таа поента многу ми се допада – нашата сегашност е истовремено и наша иднина, што значи дека ние постојано живееме во едно пост-време, илити, ние сме под „дифолт“ постојани постхуманисти.

Од Дик се префрлив на Вилијам Гибсон и неговата „Неуромансер“ трилогија. Уф, ме измачи. Кибер-панкот беше новина во 80-те и 90-те, вистинско освежување на жанрот, но со напредокот на денешната технологија, дури и изгледа малку демоде. Таков беше мојот впечаток при препрочитувањето. И на крајот од таа моја книжевна ретро-авантура, се фрлив на Урсула Легвин и на култниот роман „Левата рака на темнината“. Далечен свет, висока интелигенција, но повторно меѓучовечки односи и теми за размисла и разработка, само во поинаков, ес-еф контекст. Па да, тоа е тоа.

И да завршам. После сето ова, се радувам за две работи. Првата е што по пишувањето на овој текст, сфатив дека сакал-нејќел, јас сум дел од постхуманизмот, не само временски, туку и по начинот на размислување и делување, и воспитување на моите деца… или подобро, нивното превоспитување на мене во нова насока. Ние продолжуваме паралелно да егзистираме во истиот простор и време, но со сосема различни вредности и поглед на светот, детерминирани од она што ни го нуди новата технологија и колку временски, во текот на едно деноноќие, сме зависни од неа. Но резултатот на крајот е очигледен – ние, како постара генерација, очигледно набргу ќе заминеме од овој свет, колку и да сме совладале и сфатиле дел од неговите механизми, а нашите поколенија се тие кои навреме го фаќаат возот за да можат да се возат во него и во понатамошниот дел од животот.

Втората радост е тоа што овој текст не е напишан со помош на вештачката интелигенција. Се разбира, дел од работите и’ ги препуштив на човековата фантазија, и во тоа всушност лежи возбудата на еден авторски текст и воопшто, на книжевноста и литературата, во можноста за хибридизација на реалното и имагинарното. Но зарем не го прави тоа и вештачката интелигенција, миксајќи ги сите тие информации со кои е потхранета, како една голема модерна сезнаечка Александриска библиотека? Нејсе. Јас, всушност, не ни знам како се користи вештачката интелигенција за создавање на еден текст, или на било што, и планирам да се држам до таа определба и во иднина. Знаете зошто? Затоа што се’ ми се чини дека ако се осмелам да го сторам тоа, зад огледалото ќе се појави Сара Конор… се сеќавате, онаа снажна и привлечна госпоѓа од „Терминатор 2“, мајката на идниот водач на луѓето против машините… е, таа Сара ќе го извади цигарчето од устата и ќе го изгаси врз моите прсти кои ќе се обидуваат да комуницираат со „ЧатЏиПиТи“ или со некој од неговите браќа и сестри. А тоа, верувајте, не сакам да го доживеам, затоа што, едно е да те мачи машина, а сосема друго човек… да не речам – жена 🙂