„Животот на смртта“ од Перо Георгиев

Денес од печат излегува нова книга од ИЛИ-ИЛИ, овој пат поразлична од она на што дoсега беа навикнатие читателите. Сигурно во текот на изминатите месеци по социјалните мрежи сте се сретнале со прекрасните цртежи на Перо Георгиев, придружени со кратки, но мудри текстови, со надеж дека истите ви се допаднале и сте уживале во нив. Овој пат подредени во тематски поглавја и сместени на едно место на 240 страници, оваа драгоцена графичка книга насловена „Животот на смртта“ сигурно би ја посакал секој библиофил во својата домашна библиотека.

„Животот на смртта“ сам по себе е еден од поинтересните наслови на кои сум наишла во тековната издавачка продукција. Во контекст пак, на „содржината“ којашто ја крие/ја носи во себе, насловот е во совршена корелација и со неа. Насловувањето на нештата, понекогаш, како во случајов со првенчето на Перо Георгиев, е и нивно најдобро дефинирање. „Животот на смртта“ е графичка микропроза. Во време на засилена актуелност на т.н. графички романи, Георгиев создал една своја, автентична форма што слободно може да се именува како графичка микропроза. Затоа, излегувањето на книгата од Перо Георгиев има тројно значење: еднаш за него – за да ни се претстави како многу занимлив и свеж автор какви што нема многумина во нашата книжевна средина; вторпат за издавачот – зашто ги збогатува своите постојни едиции и третпат – за отворање на македонскиот книжевен контекст со гранични, хибридни синтези и поджанрови. Оливера Ќорвезироска

баба ми ја тргаше косата од пред очи и правеше пат за поширок поглед. товарот што го носеше ја врзуваше исто толку за стопалата колку и за прашањето кое рацина го мачеше: за што ли навистина беше ленка родена? без сон за сон.

Серијата на создадени дела кои можеби најмногу соодветсвуваат со заедничкото именување текст-цртеж на Перо Георгиев, дивергира кон неколку епистемолошки категоризации. Графичкиот (цртачкиот) спектрум изобилува со мноштво на композитни пораки кои минуваат низ три клучни стилски преобразби: интимен свет, општествено опкружување и универзални вредности. Текстуалните предлози навидум конвергираат кон истите теми кои се обработуваат во цртежот, но тие поседуваат сопствена автономија на мислата, која вешто се преобразува низ екстензија на нови исцртани или илустрирани замисли. Она што ја прави оваа графема или прозна сликовност невообичаена и исклучителна е опсегот на теми и проблематики кои го окупираат интимниот свет на Георгиев, подготвеноста за воспоставување на општа дискурзивна полемика и своевидна артикулација во облик на социо-естетика. Натали Рајчиновска Павлеска

тешкото
потешкото помина, најтешкото остана: како да го сочуваме тоа волшебство на кое може бескрајно да се расправаме и пак да се разбереме.
(да не било тешко, немаше да го има ниту тешкото ниту пак тешкото од блаже конески.)

Перо Георгиев (1970) е архитект и дизајнер. дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје.

поетите умеат да се носат со смртта.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *