Разговор со Теона и Лабина Митевски, „ЈАС СУМ ОД ТИТОВ ВЕЛЕС“

Како и „Сенки“ на Манчевски, и второто остварување на Теона Митевска „Јас сум од Титов Велес“ го следевме во неколку етапи. Првата од нив беше фестивалската премиера во Битола. Сестрите Митевски ги интервјуиравме во горниот хол, веднаш по импресиите од првата прикажувачка претстава на нивниот нов филм. И додека Лабина загрижено гледа и внимава што ќе каже нејзината сестра, Теона опуштено зборува за истражувањето, градот Велес и машко-женските односи во филмот. Еве ги интегрално текстот на прилогот и изјавите на соговорничките. По дебитантскиот филм „Како убив светец“, кој Теона Митевска го снимаше со директорот на фотографија Ален Маркоен, овој пат таа со новата соработничка, белгиската кинематограферка Виржин Сен-Мартен, се претставува во сосема поинакво светло, во новото остварување „Јас сум од Титов Велес“. На македонската фестивалска премиера во Битола присуствуваше голем дел од екипата на филмот, видно возбудени, бидејќи домашната публика е најмеродавната при оцената на филмот. „Јас сум од Титов Велес“ е приказна за едно дисфункционално семејство, во која фигурираат ликовите на трите сестри: Афродита, Сафо и Славица. Тешкиот живот во загадениот град, како и повремените сценаристички провокации со егејското прашање и неможноста да се дојде до виза, предизвикуваат мачно чувство во стомакот, но прекрасната фотографија на Сен-Мартен го прави сето тоа поподносливо.

Виржин Сен-Мартен: Ова е приказна за Титов Велес и затоа беше лесно да се снима таму. Велес е интересен град бидејќи е фотогеничен, не е многу убав или многу грд, туку е микс и од двете работи. Светлото таму во текот на ноќта е интересно, бидејќи сите ги менуваат светилките и ставаат жолти, зелени, и многу е убаво. Но, никој не го забележува тоа, освен јас, бидејќи имам око на кинематографер.

Теона Митевска: Јас сум многу инспирирана од секојдневието и локацијата на градот, Велес во секој поглед ме фасцинираше, и во однос на симболиката на името, Титов Велес, и во однос на таа некаква индустриска историја и што се случува денес со неа, тоа е милјето на самата приказна кое има ефект врз животот на сите три жени што ги играат главните карактери во филмот.

– Како и во вашиот заеднички првенец, така и овде во двојна улога – актерка и продуцент. Тешко ли е да се искоординираат и двете обврски за време на сетот?

Лабина Митевска: Мислам дека во овој филм бев многу внимателна, зашто при продукција на првиот филм на Теона, „Како убив светец“, направив многу грешки, сакајќи во исто време да бидам и продуцент и да играм главна улога, а тоа не одеше. За овој филм шест недели пред да почнеме со снимање, престанав да се занимавам со продукција бидејќи улогата бараше сериозни подготовки. Самиот факт дека не зборуваш е тежок, како актер научен си својата експресија да ја искажуваш преку зборови, но истовремено научив многу за себе како актерка.

– Колку вашиот нов заеднички филм е машки, а колку женски? Односно, на која публика повеќе ѝ се обраќа?

Т.М. Денеска актерот Петар Мирчевски ми кажа – Теона, ова е многу женски филм, но и многу машки.

Л.М. Мислам дека филмот има многу пораки – социјални, општествени, прелеани во женскиот свет. На крајот на краиштата, ја носи пораката дека Афродита верува во нешто подобро, во своите соништа, верува дека утре ќе биде подобро, дека заминува во свет во кој подобро ќе живее, за разлика од овој свет во кој сега се наоѓа.

– Како и Милчо во „Сенки“, и овде низ филмот провејува егејското прашање како момент, кој се споменува и загатнува, но не е докрај легитимен, дефиниран и разработен.

Л.М. Филмот го загатнува егејското прашање, бидејќи главната хероина потекнува од тој дел, и многу отворено зборува за сето тоа, и тоа има тежина и му дава големина на филмот. Мислам дека овој филм мора да се гледа двапати за да се фатат сите нешта во него. Тој е пролеан со убавината на пејзажот и карактерите, но има и некои мали приказни што доаѓаат со целиот тој пакет, со товарот што го носи целото семејство, како и секоја од сестрите поединечно.

– Колку овој филм е автентичен, ако знаеме дека велешани со години протестираат против загадувањето на околината во нивниот град? Дали тој аспект беше интересен за истражување при пишување на сценариото?

Т.М. Јас сум режисер по професија, но ете, пишувам и сценарија, што за мене е предизвик, но треба доста време. Мислам дека ова сценарио го пишував година ипол. Сега, сепак се работи за драма и за измислена приказна за три сестри, но во секој случај, важно ми е истражувањето, важно ми е колку повеќе знаеш за она што го зборуваш, толку е поуспешен крајниот продукт.

Во 193. издание на магазинот ја проследивме информацијата дека филмот на сестрите Митевски ќе биде дел од престижното Берлинале. Самиот текст ги содржи сите информации, не треба ништо повеќе да се додаде, ниту одземе.

Второто долгометражно остварување на Теона Митевска, „Јас сум од Титов Велес“, кој ќе биде прикажан во престижната програма „Панорама“ на годинешниот 58. Берлински филмски фестивал, со времетраење од  7 до 17 февруари, ќе има дури пет официјални проекции отворени за публиката, кои се така распоредени, што ќе можат да се видат во текот на целиот фестивал. Главното премиерно прикажување е закажано за 13 февруари, но филмот на Митевска ќе има проекции и на 8 и 9 февруари, како и на 14 и на 15 февруари, и плус една проекција на филмскиот маркет, која ќе се случи на 10 февруари.

Ваквиот распоред,  интересно, е многу редок и невообичаен. Филмовите почесто имаат најмногу по три проекции и тоа сместени во одреден период од фестивалот, во првата или во втората половина, па ако не сте на цел фестивал, тогаш многу од нив морате да ги пропуштите. Но, „Јас сум од Титов Велес“ ќе може да се види за цело време и тоа на јавни проекции, после кои публиката ќе има можност да разговара со авторката и co дел од екипата.

„Јас сум од Т. Велес“ во Берлин ќе го претстават режисерката и авторка на сценариото Теона Митевска, потоа, Лабина Митевска, која е продуцент и игра една од главните улоги. Покрај Лабина, од актерската екипа на фестивалот ќе бидат присутни и Николина Кујача, Ана Костовска и Џевдет Јашари. Таму ќе биде и белгискиот копродуцент, со оглед на тоа што „Јас сум од Титов Велес“ е направен во копродукција со Словенија, Франција и со Белгија, а исто така и белгиската директорка на фотографија, Виржини сен Мартин, и сценографите Оливие Мајндингер од Германија и Вук Митевски од Македонија.

По променадата на Берлиналето, „Јас сум од Титов Велес“ повторно во „Филмополис“ број 197. Повод – домашната кинопремиера во Велес и во Скопје, каде што разговаравме со Лабина Митевска за импресиите од настапот на престижниот германски фестивал.        

Веројатно искуството собрано на меѓународните фестивали направи и премиерата на „Јас сум од Титов Велес“ во Домот на АРМ во Скопје да изгледа навистина добро. Црвен килим, бенд во живо, рекламен материјал, давање автограми беа дел од предвидената и остварена програма пред званичното започнување на официјалната проекција на филмот. Најсвежи се сеќавањата од учеството на неодамна завршениот филмски фестивал во Берлин, каде што филмот се прикажуваше во програмата „Панорама“.

Лабина Митевска: Во Берлин имавме извонреден прием, имавме шест проекции, пет за публика, а во Берлин салите се огромни, една сала брои меѓу 600 и 800 седишта, и сите беа претходно распродадени. Потоа имавме прашања и одговори, и јас и Теона ги пофаливме дека се најдобрата публика во светот, бидејќи сите внимателно седеа, следеа и поставуваа прашања за филмот.

Една од главните цели на учеството на Берлиналето беше и понатамошната дистрибуција на филмот, мисија која, според продуцентката и главна актерка во филмот, завршила успешно.

Л.М. Понатамошниот живот на филмот е прекрасен. Значи, досега е продаден на 13 територии, меѓу кои во Америка и во Канада, таму дистрибуцијата започнува во јануари 2009 година во МОМА во Њујорк. Во балканските земји филмот ќе почне да се прикажува во мај, а до крајот на годината нè очекуваат уште 40 фестивали, а од тоа нема ништо поубаво.

„Јас сум од Титов Велес“ ќе може да се види на редовниот репертоар во Домот на АРМ во Скопје, а филмот, според дистрибутерот „Манаки филм“, ќе има премиери и во неколку градови низ републикава. Што се однесува до уметничката визура низ чии рецептори треба да помине восприемањето на филмот, жртвувањето, носталгијата, борбата против однапред запишаната судбина, но и одлучноста да се направи нешто во врска со тоа се неколкуте тематски одредници што може да се насетат, но не и докрај да се почувствуваат.

Л.M. На крајот, сето она од што се плашевме дека ќе ја одбие публиката, дека е уметнички, авторски филм, сепак испадна дека не е баш така. Постои добар и лош филм, и кога имате добар филм, си го наоѓа патот, без разлика дали станува збор за авторско дело.

(Разговорите се емитувани во „Филмополис“ бр. 177, 193 и 197, а транскриптите и воведниот текст се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *