Арсенал: Кога нешто посакуваш и долго го очекуваш

„По 22 години од онаа славна Венгерова генерација со Кемпбел,  Виеира, Пирес, Љунберг, Бергкамп, Анри… Арсенал е шампион во Премиер лигата. Честитки за Артета и момците, и се разбира, за сите Ганерси во срцето. За заокружување на сезоната, на 30 мај во Будимпешта, напад и на европскиот трон. Go Gunners Go!!!“

Поубав хајлајт за пост на ФБ не сум можел да смислам. Надополнето со соодветни слики, се чинеше дека се’ е кажано. Но деновиве чувствував дека сето ова бара подробно образложение. Така стигнав(ме) до овој текст, во кој се обидувам субјективно да го доловам чувството на триумф после толку години чекање. Затоа што на крајот, кој чека – ќе дочека, вели народната. А кога нешто долго очекуваш, тогаш триумфот е уште поспецијален. Успехот не е инстантен, туку си го градел со години. Темелот е здраво поставен, критериумите се високо кренати, и работата во иднина само може да се надградува. Поп-арт гуруто Енди Ворхол велеше: „Work. The most important thing is work“. И беше во право. Се препознавам во оваа приказна, затоа и го сакам Арсенал.   

Љубовта кон Арсенал се појави во текот на 90-те години, на крајот од милениумот, кога поранешната држава крваво се распаѓаше, а тимовите за кои навивав (Вардар и Партизан) се наоѓаа на крстопат, размислувајќи како да се продолжи понатаму во тие луди и безмилосни времиња. Тогаш в раце на адолесцентот му падна книгата „Стадионска треска“ на Ник Хорнби. Популарниот англиски писател од џигер ги извадил сите фрустрации поврзани со неговиот омилен тим, се разбира, подметнувајќи му ги на главниот лик во приказната. Романот ме освои „на прва топка“, и почнав посериозно да го следам клубот од северен Лондон.

Најпрво, да бидам искрен, ми беше одбивна црвено-белата боја. Ич не ја сакав Ѕвезда и нејзиниот „капиталистички“ тим во време на социјализам и братство-единство. Но преминав преку тоа бидејќи Арсенал по сензибилитет многу повеќе наликуваше на Вардар и Партизан, отколку на Ѕвезда, која беше еден вид „Манчестер јунајтед“ во регионот. Потоа, никот „Топџии“. Голем противник сум на оружје и војни, како и поголемиот нормален дел од планетата Земја. Но ајде, преминав и преку тоа, гледајќи метафорично на знакчето, како еден вид значенска мотивација за напад, шут, погодок… Топот во шахот најпрво е небитна фигура, затворен таму некаде, во ќошот од таблата, но во завршницата, откако ќе се отворат сите опции, се покажува и тоа како битна во соборувањето на кралот. Или, бидејќи се работи за Англија, на кралицата 🙂 „God save the Queen“, пееше Џони Ротен во 70-те, големиот фан на Арсенал.

Но во Арсенал гледав и нешто сосема друго, една поинаква вибрација што се одржа до ден-денес. Неговите почетоци се поврзуваат со работниците од предградието на Лондон, кога фудбалот и генерално и’ припаѓаше на работничката класа, пред да го преземат капиталистите. Покрај тој битен факт, ми беа драги и поради тоа што кога сите англиски клубови ги изнакупија разно-разни „матни“ светски милијардери, сопственоста на Арсенал остана во границите на „нормалното“. Не трошеа милиони на „ѕвезди“, Арсенал не подлегна на тоа искушение, туку се обидуваше од релативно непознати играчи да создаде вистински асови. И најчесто успеваше во тоа. И најважното од се’, во омилениот клуб се случи онаа приказна насловена „кога ученикот ќе го надмине учителот“, а тоа е многу важно во процесот на созревање на еден тим. Тука лежи силата на еден колектив. Но, до сето ова треба постапно да дојдеме во текстот. Како и Арсенал низ годиниве наназад. Затоа, да се вратиме на 90-те.

Се работеше за време кога медиумите беа во подем, и преносите од странските првенства беа престиж меѓу македонските телевизии. Премиер лигата беше, и остана една од највозбудливите на стариот континент. Токму во тој период, на преминот во новиот милениум, кога не’ плашеа дека поради „милениумската бубачка“ светот ќе отиде „по ѓаволите“, а тој, со паѓањето на Берлинскиот ѕид, веќе на големо се престројуваше во нов колосек, чии последици ги чувствуваме денес, во лондонскиот клуб се појавија нови ветришта. Имено, во 1996 година за Арсенал потпиша францускиот стратег Арсен Венгер.

Премиер лигата веќе имаше четиригодишно искуство зад себе, во кое како владетел се наметна Алекс Фергусон со неговиот Манчестер јунајтед. Последните титули на Арсенал беа пред формирањето на супер-лигата, во 1988/1989 и 1990/1991 година, но генерацијата на Симан, Адамс, Мерсон, Смит… веќе замина во легендите, и време беше за нови предизвици. Со успеси зад себе во домашното првенство со тимот на Монако, а потоа и со Нагоја на далечниот Исток, Венгер беше добро решение за клубот. Тој веднаш влезе „во филм“, направи добра селекција на играчи, наметна комплетно ново поимање на играта во кое сите уживаа, и тоа на Арсенал инстантно му ја донесе првата премиерлигашка титула веќе во сезоната 1997/1998 година. Потоа следеа и оние во 2001/2002 и 2003/2004.  

И она што е најинтересно, дипломираниот инженер и магистер по економија на Стразбуршкиот универзитет, кој зборуваше течно неколку јазици, имаше незабележителна кариера како фудбалер, но како тренер се запиша во историјата на играта. Тој е најуспешниот менаџер во историјата на Арсенал според бројот на трофеи, како и менаџер со најголем стаж во клубот според бројот на натпревари (755 заклучно со 7 март 2010). Исто така, Венгер е единствениот небритански менаџер кој освоил „двојна Круна“ во Англија (првенство и куп), во 1998 и 2002. Во сезоната 2003-04, пак, стана единствениот менаџер во Премиер Лигата кој ја завршил сезоната без пораз.

Би рекле, слично како Жозе Мурињо, кој беше тапа на теренот како фудбалер, но генијалец крај теренот како тренер (ако Венгер случајно го прочита текстов, сигурно ќе ме замрази, затоа што со Жозе беа големи противници, па дури и пар пати се задрапаа за палтата за време на еден натпревар, па мораа да ги раздвојуваат 🙂 ).

Венгер сфати дека мора да замине по трите титули во Англија и единственото финале во ЛШ во 2006, кога несреќно загуби од Барселона со 2-1, со црвен картон и пресврт, по водството од 1-0. Истовремено и сјајната генерација спомената на почетокот од текстов беше на залез на кариерата, откако десет години играа на врвно ниво, а природата почна да си го прави своето. Во меѓувреме како играч, а подоцна и како помошник-тренер, занаетот го калеше вредното шпанско момче Микел Артета.

Фудбалската кариера на Артета започна во бе-тимот на Барселона, но не можеше да се пробие во првиот тим, и на крајот беше позајмен во ПСЖ. Потоа потпиша за Глазгов Ренџерс со кого ја освои домашната титула, ФА купот и Лига Купот во сезоната 2002/2003. По успехот во Шкотска, по трагата на неговите баскиски корени, Артета се врати во Шпанија во Реал Сосиедад, но не успеа да добие стандардно место во првиот тим и беше позајмен во Евертон. Потоа, за време на транзицијата на Арсенал, дојде во клубот во 2011 година, а капитенската лента ја доби во 2014 година.

Артета освои две ФА купа и два ФА „Комјунити Шилдс“ со Арсенал, пред да истече неговиот договор на крајот од сезоната 2015-16. Потоа следи печењето на тренерскиот занает на клупата во „Сити“, за конечно, во 2019 да стане менаџер на клубот, и во првата деби-сезона, да го освои ФА купот на Англија. Кога Микел Артета се појави на својата прва прес-конференција како менаџер на Арсенал, беше прашан што значи Арсенал за него. Неговиот одговор беше следниов:

„Кога играв во Англија, почнав да сфаќам што значи Арсенал. Очигледно, роден сум во Барселона, а клубот што имаше најсличен стил, вредности и визија беше Арсенал. Имав сон, а тоа беше да играм за овој фудбалски клуб. Имаше еден човек, неговото име е Арсен Венгер, кој веруваше во мене и ми даде можност да играм за овој клуб. После тоа, тој ме направи и капитен, и не би седел тука ако тој немаше визија да ми даде можност да уживам во овој неверојатен клуб.“

И повторно држи вода онаа приказна од претходно, дека фудбалер кој немал завидна кариера, може и тоа како да стане успешен тренер. Артета играше за младинската репрезентација на Шпанија до 21 година, но поради големата конкуренција, тој никогаш не беше повикан во трофејната шпанска репрезентација, која во тие години ги освои и европското и светското првенство. Но затоа како менаџер, со Арсенал му оди сјајно. Неговата старетегија на градење на тимот чекор-по-чекор се надеваме дека ќе даде уште поголеми резултати во следните години. И додека „Сити“ купуваше што и да посака Пеп, на тој начин освојувајќи осум титули, и секако, да не заборавиме како дрско го „тролаа“ Арсенал дека пак ќе бидат лузери и втори во лигата, лондонскиот тим трпеливо градеше-и-градеше-и-градеше… и така лека-полека дојде до крешендото, до врвот на Премиер лигата, враќајќи ја титулата по 22 години во витрините на „Хајбери“… пардон, на „Емирејтс“ 🙂 Сега веќе ништо не е невозможно за нив. Сега дури и Делбој (Дејвид Џејсон), конечно, може да здивне 😉

Пред крајот, и нешто off-topic. Драго ми е што најлутиот лондонски ривал Тотенхем ќе обезбеди опстанок во лигата. „Сакај го својот непријател“, велел Исус на времето. За оние што не знаат, приказната за ривалството датира од почетокот на 20 век, поточно, од 1913 година. Првично, Арсенал се наоѓал во Вулич, југоисточен Лондон. Бидејќи биле далеку од Тотенхем, двата тима немале ривалство. Сепак, борејќи се со малата посетеност и финансиските тешкотии, мнозинскиот акционер на Арсенал, сер Хенри Норис, донел смела одлука да го пресели клубот преку Темза во Хајбери, во северен Лондон. Ова било директно посегнување по она што Тотенхем го сметал за нивна ексклузивна локална територија, веднаш предизвикувајќи гнев кај Спарси и блиските клубови.

Непријателството експлодирало во 1919 година, кога Првата дивизија на Фудбалската лига, по завршувањето на Првата светска војна и паузата притоа, се проширувала со два нови тима. Челзи завршил деветнаесетти во последнатата сезона и му било дадено едно од местата за да избегне испаѓање. Второто место, по таа логика, би било за Тотенхем кој завршил последен, дваесетти, па се „ваделе“ дека исто како и Челзи, требало да останат во лигата. Арсенал играл во втората лига и завршил дури шести. Користејќи ги своите силни политички врски, сер Норис успешно лобирал кај комитетот да гласа неговиот Арсенал да влезе во првата лига наместо Тотенхем. Оваа контроверзна одлука се смета за катализатор што го трансформирал едноставниот географски спор во длабока, долготрајна омраза меѓу двата клуба.

Јебига, сега може ќе помислите „па овие Арсенал испаднале педерчиња“, но тоа е приказна која се случила пред повеќе од еден век во специфични, постовоени времиња, и таа, секако, не го намалува интензитетот на чувството на радост после новоосвоената, 14 титула на Арсенал. Because – WE ARE THE CHAMPIONS!!!

И на крајот, се наметнува едно сосема легитимно прашање: зошто овој романтичарски текст, кој е сосема надвор од контекстот на нашето живеење овде и сега, не е текст за Вардар и новата шампионска титула која ја освои во македонското фудбалско првенство, пар денови пред Арсенал? Одговорот, за жал, сите го знаеме, нема потреба од арчење време.

Сега само останува во недела во 17 часот, на стандардното место, во „English pub“ на Градски, со фановите на Арсенал на раат да го проследиме дуелот со „Кристал палас“ и да наздравиме, без никакви стресови. Се исплатеа годините чекање, грицкање нокти, фрустрации… и навистина вредеше. Прашајте го Ник Хорнби, тој најдобро знае 🙂 Следна станица – Будимпешта, и лов на европскиот трон.

Сега можете, „Ганерси“, доволно сте зрели и за тоа! GO-GUNNERS-GO!!!