„Збор-два-три…“ Поговор за „Дријади“

Отсекогаш сум сакал да напишам книга за деца и млади, затоа што мојот „читателски занает“ таму некаде, во најраната возраст, започна токму со читање на книги за најмладите. Убавината на тој процес ми влезе под кожата, и потоа немаше враќање назад.

Внимавајќи на читателските потреби на новите генерации, во првиот роман за деца и возрасни насловен „Дријади“ се обидувам да бидам прецизен и практичен, да доминира едноставноста на изразот и добро изградените карактери. Нема долги реченици, нема непотребни раскажувања кои би го оттргнале вниманието на читателите, туку директно влегување во суштината на нарацијата. Се надевам дека овој пристап ќе наиде на добар прием меѓу младата генерација, која според моите сознанија, сака да чита современи приказни од нашето секојдневие кои се случуваат „овде и сега“.

Истовремено, во приказната важно беше да се отворат темите на пријателството, младешката љубов, односот со родителите, погледот кон неизвесната иднина која сите нас не’ очекува…

Со објавувањето на оваа книга, сакам да размислиме и за една друга важна тема поврзана со нашето образование: колку лектирите што ги читаат нашите деца се соодветни и интересни за нивната возраст? Во ситуација кога нема широка дебата во општеството по ова прашање, се надевам дека оваа книга е совршен приказ за тоа како треба да изгледа едно современо прозно дело кое отворено зборува за темите кои ги засегаат младите, истовремено предизвикувајќи ги да го прочитаат и да дискутираат за него.

Ви благодарам за одвоеното време, поздрав од…

Авторот