Архива за месец: декември 2019

„Лудвиг“ во Будимпешта

Музејот на современа уметност „Лудвиг“ во Будимпешта се наоѓа на неколку станици со трамвај од центарот, во комплексот „Мупа“, во чии рамки има и коцертна сала за филхармониски и разни други музички настани. Музејот е животно дело на Ирене и Петер Лудвиг, љубители на уметноста, поддржувачи, колекционери, кои во далечната 1989 година успеале да ја освежат уметничката сцена на Будимпешта со отворање на ваков прекрасен објект. Нивната визија и ден-денес го облагородува градот и го држи на мапата на светски градови во кои може да се проследи современиот уметнички крик на актуелните уметници, но и на оние од поблиското минато.

Читај повеќе

Од Мелиес до Кјубрик, од Месечината до Јупитер и назад…

Историја на филмскиот жанр – НАУЧНА ФАНТАСТИКА

Иако филмаџиите на остварувањата од „вестерн“ и „мјузикл“ жанрот, во текот на филмската историја си поигруваа со филмската форма за да привлечат колку што е можно поголема публика во кино-салите, сепак тие не успеаја да се здобијат со голема група фанови која „до смрт“ ќе биде вљубена во приказните што ги раскажуваат овие филмови. Тоа дефинитивно им успеа на авторите кои ни ги подарија најубавите приказни во жанрот „научна фантастика“

Читај повеќе

„Божиќна картичка од курвата во Минеаполис“ на Том Вејтс

На прагот е уште еден Божиќ, кој со години повторно и повторно ме потсетува на една единствена песна – „Christmas Card From A Hooker In Minneapolis“ на Том Вејтс. Оваа химна поместена на неговиот албум „Blue valentine“ од 1978 година е сублимат на сето она што на овој празник го чувствуваат многумина загубени души низ светот, оние чиј светоглед не е конзумеризмот, туку битката за сопствениот мал живот кој го имаат. Темата асоцира на Вејтс во сала крај пијано, со црвени завеси зад него, со доволно никотин и бурбон во неговото грло, но и доволна доза на болка во срцето за да ја испее оваа песна со многу чувства. Она што фасцинира е тоа што стиховите, всушност, се содржината на божиќната картичка од насловот на темата, во која некогашната љубов на Чарли му се исповеда во најдобро светло, за на крајот да се случи оној клучен switch, по кој паѓаат розевите очила, а горчливата реалност излегува на површина. Blue valentine е единственото ЛП од маестрото во мојата колекција, кое редовно се врти на домашниот грамофон токму за време на Божиќните и Новогодишните празници. Cheers!

Читај повеќе

„Овци од гипс“ од Јурица Павичиќ

Денес од печат излегува последната планирана книга од нашата работилница за оваа година, одличниот роман „Овци од гипс“ на мојот сплитски колега, писателот и филмски критичар Јурица Павичиќ, со кого летово имавме фина дружба на негов терен. Не ја пропуштајте книгава, одлична е! Истата предизвика мноштво реакции кога премиерно излезе во Хрватска, поради тоа што обработува многу чувствителна тема, со дејствие во 1992 година во Сплит, родниот град на авторот. Преводот од хрватски јазик е на Дејан Василевски. 

Читај повеќе

„Барселона в зори“ на Фонт/де Блас

Во изминатиот период се случија еден куп настани во Барселона: демонстрации, апсења, борба за независнот, анархија… иако градот и понатаму си функционира како туристичка мека број еден во Европа. Сето ова ме потсети на еден легендарен стрип насловен „Барселона в зори“ кој деновиве повторно го препрочитав, и сфатив дека иако во него приказната се случува пред еден век, многу нешта се’ уште се исти. Сторијата базирана врз вистински настани, потпишана од сценаристот Хуан Антонио де Блас, а графички обликувана од легендарниот цртач Алфонсо Фонт, не’ навраќа кон настаните на 08 ноември 1923 година и обидот за пуч на Хитлер. Во време кога десничарите во многу европски земји се’ повеќе доаѓаат до израз, овој стрип албум лиценцно издаден пред десет години од белградската издавачка куќа „Весели четвртак“ повторно е актуелен.

Читај повеќе

Кон „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски

По еден куп кратки остварувања (одличниот и наградуван „Матасари“!) и документарни филмови (претежно со историска тематика) зад себе, Охриѓанецот со филмска диплома од романскиот универитет „I. L. Caragiale“, Илија Пиперкоски, конечно сними и прв долгометражен филм, нешто за што сонува секој филмаџија. „Дедо и внук“ е приказна која на хартија, според режисерот, фигурира уште од 2013 година, и еве, по шест години, имаме можност да ја видиме онаму кадешто и’ е местото, на сребрениот екран. Авторот го задржа правото официјалната премиера да ја одржи во својот роден град, со што на најдобар можен начин ја поддржа идејата за децентрализација на културата актуелна во годиниве наназад.

Читај повеќе

„Средни години“ од Алеш Мустар

Денеска од печат излегува новата книга во едицијата „Поеза“ на ИЛИ-ИЛИ, и за прв пат – превод, поточно, препев. Се работи за збирката поезија „Средни години“ на словенечкиот автор Алеш Мустар, во препев на Лидија Димковска.

Читај повеќе

Ајде да си играме каубои и Индијанци

Историја на филмскиот жанр – ВЕСТЕРН

По век и кусур историја на светската кинематографија, природно се јави потребата да ви ги претставиме „чистите“ филмски жанрови, оние што уште од почетокот се наметнаа како освојувачи на срцата на публиката. Тоа ќе го направиме на едноставен начин, хронолошки, преку имињата на филмаџиите, нивните наслови и најважните настани околу кои се кршеле копјата при појавувањето или изумирањето на одреден жанр. За почеток на овој серијал, изборот падна на „најфилмскиот“ жанр воопшто, вестернот

Читај повеќе

„Во слава на Леонардо“ во Музеј на град Скопје

На 24 октомври во славниот париски Лувр беше отворена изложбата по повод 500-годишнината од смртта на италијанскиот ренесансен сликар Леонардо да Винчи (1452-1519). По еднодецениски преговори и подготовки, на најсеопфатата изложба досега се претставени околу 160 дела на славниот уметник, и освен оние кои веќе се во каталогот на Лувр, вклучувајќи ја и „Мона Лиза“, можат да се видат и дела позајмени од колекциите на други институции од целиот свет. На 26 ноември и нашиот Музеј на град Скопје, во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН, се приклучи кон иницијативата за славење на ликот и делото на да Винчи со изложбата насловена „Во слава на леонардо“, на која се претставени дела од 12 македонски уметници инспирирани токму од сликарското творештво на италијанскиот ренесансен гениј.

Читај повеќе

Два огледи, еден роман: Молчи со отворена уста

Во четвртокот (28 ноември) во МКЦ клуб ресторанот се одржа промоцијата на вториот роман „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков. Во прекрасна атмосфера со многу насмеани лица, која музички ја обликуваше маестро Мухамед Ибрахими на акустична гитара, промоторките Елизабета Баковска и Калина Малеска со својот настап успеаја во целост да го привлечат вниманието на присутните, кои внимателно и љубопитно ги проследија нивните промотивни говори. Молкот беше и повеќе од посакуван за да се чујат излагањата на двете писателки, токму оној молк за кој и зборува авторката на книгата, а за кој и Баковска и Малеска се осврнаа во своите текстови. Во продолжение, интегрално, нивните гледишта за романот кој отвора многу прашања и кој треба да предизвика интересни книжевно-политички полемики, доколку сме нормално општество со здраво интелектуално јадро.

Читај повеќе