Клупа

Во една сеопфатна енциклопедија посветена на републиките и нивните карактеристики во поранешна Југославија, посебен дел беше посветен на метрополите. Илустрирани со различни фотографии што ги претставуваа нивните најпознати знаменитости, главните градови Белград, Загреб, Љубљана, Сараево и Титоград, помалку или повеќе, го нудеа најдоброто што го имаа. Првата фотографија со која се претставуваше Скопје беа неколку дечки и девојки на една клупа, некаде низ една од населбите на Карпош. Двајца од нив седеа на неа, а двете девојки и уште едно момче, сите на возраст во своите рани дваесетти години, стоеја пред или покрај клупата, притоа, според погледите, поставеноста на телото и одредени ситни движења фатени со фотоапаратот, разговарајќи на одредена тема. Со тоа авторите на оваа богата енциклопедија, случајно или намерно, го овековечија вистинскиот симбол на градот на солидарноста во сите овие децении наназад, нејзиното величество – клупата.

Клупата на работ од градскиот парк беше местото на кое дење-ноќе најчесто поминуваше Били. Таа речиси беше неговиот втор дом, негово алтер-его. Билјан, како што му беше вистинското име, живееше недалеку оттука во една трошна куќа што се распаѓаше, во едно старо скопско маало што со години ѝ пркосеше на урбаната мафија, бидејќи локацијата беше навистина атрактивна за нови градби. Но, со години мештаните успеваа да им одолеат на општинските криминалци, иако им ветуваа брда и долини во замена за нивното парче земја. Тие беа задоволни од она што го имаат и иако неколкуте трошни куќи изградени по земјотресот беа на работ од пропаста, сепак навиката да се биде во нив и да се вдишува нивната душа преполна со мириси насобрани со децении наназад, кај мештаните предизвикуваше вистинско задоволство.

Одвреме-навреме Били, кога ќе му збоктисаше, знаеше да каже дека е подготвен за замена на трошната куќа со два или три стана, кои потоа би ги продал и би си земал една вила крај Охридското Езеро, но тоа очигледно го кажуваше само во моментите на криза. Сепак, тој повеќе време поминуваше на клупата недалеку од неговиот дом отколку во него и најчесто му беше сеедно, но од солидарност кон соседите кои добро се познаваа меѓу себе, сепак ја поддржуваше опцијата да се опстои колку што е можно подолго тука, на сопствената грутка, на чекор од центарот на градот, кој им беше на дофат.

Били на клупата јадеше, спиеше, пушеше, читаше, но најчесто беседеше на различни теми, од филозофија до политика. Беше страшен ерудит кога беше млад, но како поминуваа годините, тој пламен кај него како да згасна, што се препознаваше во губењето на сјајот во неговите очи. Порано можеше со часови да дискутира дали качувањето на човекот на Месечината е вистина или измама, вадејќи многу аргументи за или против, во зависност кое беше неговото уверување или, пак, за распадот на Југославија, кој страшно го погоди неговото семејство. Татко му никогаш не закрепна од таа страшна епизода што предизвика војна на поранешните заеднички простори, додека мајка му до неодамна колку-толку се држеше, додека и таа не доживеа мозочен удар и заврши на гробиштата во Бутел. Били тие години го затекнаа токму во периодот кога растеше и созреваше, кога со полни гради сакаше да го запознае и да комуницира со светот околу себе, но го избра најлошиот пат и се навлече на хероин. Тој пеколен прав во деведесеттите го имаше насекаде во неговиот град по многу евтина цена и Били не можеше да ја избегне неговата заводлива моќ. Веќе неколку години тој е чист, иако за зависниците никогаш докрај не можеше да се каже дека се чисти, но Били веќе одредено време успешно му бега на злото и за него може да се каже дека е редок пример на успешен реконвалесцент. Како последица од неговите излети во непознатото, на неговите раце беа видливи стопените прсти. Тие беа потсетник на неговиот непредвидлив живот, во кој секој ден се будеше на нова локација, неретко во сопствените блуеници. Само среќата го спаси да не отиде на оној свет, среќната ѕвезда под која беше роден, како што често знаеше да каже.

Денеска на гости кај Били дојде пријателот од темното минато, единствениот со кој остана во добра релација. Домаќинот направи чај за обајцата и седнаа во тесното дворче пред куќата, каде што имаше една пластична масичка со две столчиња. Бени беше од ситуирано семејство и секогаш имаше пари за она што ќе посака да го направи, а негова најголема страст беше научната фантастика. Тој продолжи да се занимава со „спорт“, но успеваше сето тоа да го исконтролира благодарение на силната волја, но и умот со кој го возеше „змејот“. Сепак, видлива беше неговата ослабеност во сите овие години, за разлика од почетоците, кога блескаше со сиот свој младешки сјај. Како негов заштитен знак остана кожената јакна што сè уште ја носеше, иако можеше да си дозволи уште пет такви во истиот момент, за разлика од Били. Нивното пријателство неколкупати беше ставено на испит, но никогаш не потклекна пред предизвиците и на крајот секогаш и обајцата излегуваа како победници.

„Како ти оди, стари?“, го праша Били, вадејќи ја кесичката чај од јаболко и цимет од својата шолја.

„Не е лошо. Знаеш, секој ден сум ваму, во радиото, и го правам она што го сакам – слушам музика, пуштам музика, кога ми е здодевно, гледам по некој СФ-филм, читкам по некоја книга и така“, Бени накратко си ги опиша деновите во медиумот во кој влезе неодамна и, според неговите зборови, конечно се пронајде себеси. „Парите не ми се проблем, знаеш и самиот, но ми фалеше некаков фокус, нешто на што ќе му се посветам, а тоа е токму радиото, кое го сакам највеќе на свет.“

„Убаво се снајде, блазе си ти“, задоволно рече Били.

„Ти? До каде си со твоите читанки?“, возврати Бени.

Били пред две години реши да го заврши факултетот на средината од петтата деценија од својот живот, а потоа веднаш да се запише на постдипломски студии. Читањето и разбирањето на теориската литература отсекогаш му одело, но годините на заборав го спречија сето тоа да го заокружи во предвидениот рок. На почетокот дури му се насмевнуваше и асистентското место на Филозофскиот факултет, но сето тоа падна во вода кога почна да си игра со „хорсот“.

„Моите читанки добро врват. Ме знаеш мене, собирам од овде, од онде, и на крајот дојдов до навистина добра литература. Ќе им покажам на оние административци од професори како се магистрира, а потоа и докторира“, се засили Били. „Човек мора да ги надмине сопствените суети за да го достигне невозможното во филозофијата и уметноста.“

И навистина, кога Бени фрли поглед настрана, гледајќи во внатрешноста на куќата чија влезна врата беше отворена, насекаде можеа да се видат само книги – на подот, на симсот од подотворениот прозорец и, секако, на огромната полица што го опфаќаше целиот централен ѕид на дневната соба. Били речиси секој ден ги посетуваше неколкуте книжарници во градот ловејќи го најдоброто што го имаат, а честопати можеше да се види и во книжарниците на кејот, каде што се продаваа стари изданија што датираа уште од постоењето на поранешната држава. Тука се криеја вистински бисери, но требаше да имаш добар нос за да ги уловиш во сопствената мрежа. Со нив, тој ги пополнуваше дупките во знаењето и од ден на ден стануваше сè посилен во тезата што сакаше да ја одбрани на факултетот.

„Ако го испи чајот, ај да одиме да седнеме на клупа, можда ќе помине некој од старата гарда или некој од новиве дечки. Има доста интересни деца во околинава, секоја недела запознавам по некое ново дете кое ми изненадува со нешто ново и продуховено“, рече Били и стана од столчето. Бени го допи чајот и кимајќи со главата ја одобри идејата на неговиот пријател.

Кога си на клупата, имаш совршено добар поглед кон куќите што му пркосат на забот на времето. Тие се наоѓаат на почетокот од Градскиот парк и кога Бени, по подолго време, со бистар поглед сеопфатно ги погледна, следуваше прашањето што беше сосема неминовно да се постави.

„Сè уште се држите овде, а? Нема да се продадете за грст долари?“, праша зајадливо, а сепак добронамерно, затоа што ја познаваше целата приказна од порано. Затоа при изговарањето на последниот збор се појави широка насмевка на неговото испиено лице, кое ги покажа неговите не баш сјајно зачувани заби.

„Има неколку фактори зошто е тоа така, а најважен меѓу нив е човечкиот фактор. Не можеш да ја избркаш баба Борче или мајстор Илија до неа. Или Рики, најлудиот коцкар на светот. Па, тој ќе ги убие на лице место тие што ќе дојдат да рушат“, констатираше Били.

„Значи, вие на некој начин сте над законот?“, и понатаму се смееше Бени.

„Знаеш, деновиве интензивно го читам еден од најбрилијантните умови на 20 век, Лудвиг Витгенштајн“, почна тема Били, една од неговите омилени. Штом навлезе во зоната на филозофијата, тогаш е на сопствена територија. Можеби клупата на која седеа го инспирираше да влезе во свој елемент. Сепак, тоа беше негова клупа и сите во маалото го знаеја тоа.

„Го знам стариот австриски волк, си ми зборел за него, но не сум го читал. Знаеш дека сум по ес-ефот“, возврати Бени. „И, што вели тој? Каква врска има со вашава ситуација, баш ме интересира.“

„Имав среќа пред некоја недела на бувљакот. Кој би рекол дека баш таму ќе го најдам тоа ремек-дело“, продолжи Били, а Бени се поднамести на клупата и ја префрли левата врз десната нога, заземајќи опуштена положба, зашто знаеше дека следува мало предавање од несудениот асистент-професор на Филозофскиот факултет.

„Книжето е мало, има само седумдесет страници, а се вика ’Трактатус лоџико-филозофикус‘, но толку е јако, што се смета за едно од највлијателните, ако не и највлијателното филозофско дело во 20 век.“

„На македонски го најде?“, потпраша Бени набрзина.

„Не, на хрватски“, одговори Били и продолжи: „Книжето зборува за вистинитоста или невистинитоста на секој можен исказ, на секој можен разговор. Но, на крајот забегува во друга крајност, сфаќајќи дека сето тоа е само обид да се допре до границите на спознајноста, само метод што служи за патување до онаа точка по која нема враќање, а за возврат добиваш нешто неискажливо“.

„Брат, јас ги сакам утопијата и дистопијата, знаеш и самиот, ама мислам дека малку си забегал со твојов Витгенштајн“, се уфрли Бени меѓу возвишените реченици на пријателот.

„Ќути, за никаде е Лудвиг, за малку ќе полудев обидувајќи се да го сфатам, ама вредеше. Сето ова ќе го вметнам во докторската, која ја имам во главата, само треба да седнам и да почнам да ја пишувам“, рече Били и запали тутун што долго го виткаше низ прстите додека говореше за австрискиот филозоф.

„И знаеш што?!“, се сети Били, „лудаков се побил самиот себеси, сето она што го напишал во трактатот. И во аманет на издавачите им оставил секогаш во иднина кога ќе го реобјават книжето, со него да оди и книжето ’Филозофски истражувања‘, како негово дообјаснување, за оние што не сфатиле. А многумина не го сфатија, само го величаат без да знаат што зборувал.“

„Ха-ха-ха“, се насмеа Бени, „тоа е како средбата на Ајнштајн и Чаплин. Физичаров му рекол дека му се диви зашто целиот свет го разбира и му се воодушевува, а тој не кажал нити еден збор, бидејќи играше во неми филмови, нели. А комичаров му возвратил дека тој уште повеќе му се воодушевува нему, зашто никој не ја сфатил Теоријата на релативитетот, а сепак сите го величаат како најзначаен човек во историјата“, заврши Бени, надоврзувајќи се на темата.

Откако фино се насмеаја, старите пријатели продолжија да пушат во тишина. Ветрот што доаѓаше од паркот носеше пријатно освежување, кое им годеше и на обајцата. Тогаш пред нив помина Никац, младо момче од зградите отспротива. Тој исто така беше студент на Филозофскиот факултет и најмногу го влечеше етиката. Били се израдува што го гледа и го запозна со Бени, претставувајќи го како нова надеж на македонската филозофска мисла.

„Но, скромен е тој“, додаде, „засега не сака да се истакнува, а со мене прави многу квалитетни муабети овде, на клупава. На нашава клупа, така Никац?!“

„Така е Били“, се согласи Никац срамежливо.

„Зборуваме за Витгенштајн“, го провоцираше Били со намера да го вклучи во муабетот. На Никац, и покрај почетната скромност, толку му требаше.

„Знаеш ли што прочитав за него пред некој ден?“, се фати младиот етичар на јадицата.

„Кажувај, баш нè интересира“, беше нетрпелив Били.

„Знаеш колку мангупот ја сакал вистината и бил во потрага по неа. Е, за да напредува, тој се откажувал од сè – од книгите што ги напишал, кои го прославиле…“

„Да, баш тоа ми го збореше Били пред малку“, рече Бени.

„Но, за мене најголемо откритие беше кога прочитав дека се откажал и од семејното богатство што го наследил. Таков мислител сепак не доаѓа од никаде, туку од семејна лоза со традиција“, заклучи Никац и се поднасмеа. „И знаете кому му го подарил наследството, кое не било баш мало?“ ги праша Никац постарите собеседници наспроти себе.

„На УНИЦЕФ, да го ебам“, испука Бени набрзина.

„Е не, грешка. На своите најблиски роднини, кои биле полни како брод и на кои тоа воопшто не им требало“, соопшти младиот етичар.

„И што? Продолжил да живее кобајаги немал ништо, а у ствари парите и имањето му биле кај роднините?“ зачудено праша Били, палејќи нова цигара.

„Така е, пријатели“, продолжи загреаниот Никац. „Тоа е таканаречена етичка грешка што ја направил, во тој момент, најумниот човек во Европа. Од друга страна, пак, последните години ги поминал како учител во неколку села во јужна Австрија и според сведочењата на мештаните, се однесувал доста окрутно кон словенските деца, често навредувајќи ги. Така што, ’тел-ми-абаут-Витгенштајн-аген‘“, поентираше Никац триумфално од негов аспект.

„Па, тоа ти е вистински доказ за односот на супериорната Европа кон нејзините провинции“, заклучи Били.

„Да, да, добра поента“, се согласи Бени, кој внимателно го следеше целиот разговор.

„Ти реков дека има бистри деца во маалово“, задоволно заклучи Били, гледајќи кон пријателот.

Тогаш Никац се прости од нив и замина, а старите познајници продолжија во тишина да ги пушат своите цигари, една по друга.

„Секогаш ми е убаво ко ќе дојдам кај тебе“, рече Бени. „И што правиме сега?“

„Што знам?! Се мислам дали да ти ја подарам мојана трошна куќа, иако не ти треба, бидејќи имаш и повеќе од доволно, само за да можам да навлезам подлабоко во филозофската мисла?!“, се пошегува Били со пријателот, кој почна да се смее и да го удира по рамото, сесрдно прифаќајќи ја неговата шега.

Ноќта неусетно се спушти над градот и дојде време за разделба. Били и Бени цврсто се гушнаа и со зборовите „чувај се“ се простија еден од друг, до некоја следна средба. Филозофот се прибра во куќичето од каде што немаше бегање, напуштајќи ја клупата на која имаше вдлабено со ноже десетици имиња и пораки од локалните мангупи, додека повремениот џанки се качи на автобусот што по неколку станици ќе го однесе во неговиот светлоуреден ќумез. Вистински урбан блуз.

(Расказот е дел од збирката „Двојна експозиција“, ИЛИ-ИЛИ, 2022)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *