Мојот личен Суперхик(с)
Кога нештата се случуваат природно, без да ги силуваш, навистина испаѓаат убаво. За да ја елаборирам и образложам оваа почетна реченица, ќе морам да се вратам во далечната 1999 година, кога и започна мојата Суперхикс приказна. Тогаш бев млад и зелен новинар во културната редакција на (знам, чудно ќе зазвучи) во тие години перспективната ТВ Сител, како дел од попладневната програма претежно наменета за постарата генерација конзументи, во која се обидував да исфурам свој филм, креирајќи 30-минутно парче наречено „Нова машина“, во кое најредовна рубрика ми беше посетата на скопските гаражи каде свиреа знајни и незнајни јунаци од нашето музичко подземје, за кои потоа или воопшто веќе не слушнавме, или, напротив, како во случајот со Суперхикс, работата заврши со „Одличен: 5!“. Не дека постарите гледачи, што беше мој впечаток, не сакаа(т) рокенрол, но се обидував да го разбијам стереотипот во тој термин со претежно стерилни прилози посветени на, условно, „мртвата“ церемонијална култура, да уфрлам и нешто поразлично кое ќе привлече поинаква, пред се’ помлада публика пред ТВ екранот.
Суперхикс ги пронајдов во гаражите после Нова железничка станица, над кои сега се гради новата црква, којзнае која по број во Аеродром. Тогаш и тие млади и зелени, со речиси цел албум во прстите, но се’ уште без официјално деби издание. Добро се прозезавме час и нешто, за сето тоа потоа скоцкано во дваесетминутен прилог, кој содржеше и неколку музички точки изведени во живо, да испадне еден од подобрите во тој серијал. Подоцна бендот направи и одлично посетен концерт во Денсинг салата во МКЦ, и нивната убава музичка историја почна да се отплеткува. Тие пред пет години веќе прославија полнолетство, 18 години постоење, со голем концерт на Саем, а во петок ќе прослават уште еден убав повод, 23 години на сцената, со што веќе се влезени во сериозни, адолесцентски творечки води, во кои новиот албум „Underground Evergreens“ е издание кое ја содржи сета потребна тежина.
Она што кај Суперхикс ми беше симпатично во првите години, тој нивен ентузијазам во креирањето на сопствениот светоглед без никаков пардон, во кој фантастично функционираше спојот на ска-панкот и дувачката секција како нешто ново на нашата музичка сцена, подоцна се претвори во дистанцирање од нивната музика, која сакаше да допре до секој потенцијален конзумент преку теми како ултра хитот „Раде“. Во меѓувреме Суперхикс станаа големи, ја прошетаа Европа, свиреа на многу фестивалски сцени ширум Стариот континент свирејќи заедно со „Ману чао“, „Фејт но мор“ итн, а јас успеав да ги гледам на „Егзит 2008“ на главната сцена, додуша во 15 часот попладне пред банда македонски фанови, но нејсе. Многу години подоцна, откако искрено се исповедаа дека да напишеш „песни глупави лесни“ е најмачната работа на светот, сфатив дека ова е коцепт кој Петар и бандата доследно и чесно го „возат“ во манир на мудри играчи, и за тоа треба да им се симне капа.
За приказната да добие свој заокружен, природен и неизнасилен крај (барем засега, во овој текст), делумно се виновни Елена и Сибо од „Баклава“, кога еден сончев октомвриски ден поминаа во „Или-Или“ со новото ЛП на Суперхикс во рацете. Прочитав за промоцијата, но не бев во можност да поминам во ГТЦ. Тие ми кажаа дека било супер, и дека имало и лимитиран тираж на плочата со портокалова боја. Како скромен и на моменти пасиониран колекционер на плочи, се израдував кога не јас, туку мојата поубава и попаметна половина, која само што заврши со монтажата на тв-документарецот за бендот, ја купи „портоколадата“ како еден вид семејна своина на која, како што се покажа подоцна, сите и’ се радуваме. И со право, затоа што момците направиле феноменален албум и во музичка, и особено, во ангажирана смисла, со текстови кои се слика и прилика на Македонија овде и сега, а уметноста секогаш и се стреми тоа да биде, релевантна во моментот и референтна многу години подоцна, за што сигурен сум дека времето пред нас и ќе го потврди тоа. Интересно, насловот „Underground Evergreens“ нивната дваесетгодишна активност повторно ја враќа онаму од каде што тргнаа, од подземјето, од поетичните скопски гаражи од кои изникнаа многу таленти, надоврзувајќи се на таа естетика со евергрините како музички израз со кој му се подава рака на поширокиот круг на публика.
А страна
На почетокот Петар Младеновски во темата „Луда главо“ ја дава рамката во која ќе се движат неговите размислувања. „Насмевни се, луда главо, смеј се за секој нов проблем“ низ опуштениот аранжман кој како да ве тера да си замислите дека сте некаде на тропска плажа со коктел в рака, ни дава трошка надеж дека сепак не е се’ така црно како што изгледа, и дека лекот треба да се бара во насмевката, колку тоа и да е апсурдно.
„Рампарарам“ е насловот на втората тема и изразот низ кој се води целата кампања околу новиот албум. Но, покрај паролашкиот призвук, темата зад себе крие една фина, интимна приказна во која (анти)херојот се обвинува, или подобро, се охрабрува дека патот низ кој тој доаѓа до својата вистина, иако тежок, сепак е персонален и најсладок, и можеби единствениот избор кој човек треба да го направи.
„He-man“ е темата која низ хумористично/сексистички призвук се обидува отворено да прозборува за некои старо/нови тенденции во кои зад суперхеројот Хи-мен сепак се крие нешто Друго.
„Мајмуни“ и музички и тематски е надоврзување на нивниот хит „Африка“ од претходните плочи, лоцирајќи го мајмунлакот насекаде околу нас, а не само во Прилепа града како тамошен ексклузивитет.
„После толку години“ е опис на ситуација која на сите нам ни се случила. П1осле којзнае колку време сретнуваме стар познајник со кого почнуваме да правиме лаф-муабет, но откако ќе го свртиме филмот, сфаќаме дека со тој човек буквално ништо не не’ поврзува, затоа што тој отсекогаш бил г.мно, и ништо повеќе. Токму затоа и вокалот темата ја води кон тотален пресврт кон крајот, кадешто сета искрена пизма излегува на површина. Можеби и така требит.
А-страната на плочата ја заокружува уште еден пресек на турбо-релација со „сељаците кои ни го загадија градот“. Симптоматично насловена „Шабан Шаулин“, асоцирајќи на еден друг, ќелав Шабан од северот кој можеби и знае карате како Џеки Чен, во нејзината автентична изведба сесрдно помагаат и хип-хоп артистите Канџија и Токсара, кои се потпишани и како текстописци.
Б страна
Фантастично отворање на втората ЛП страна е текстуално минималистичката, но аранжмански најдинамичната „Возот замина“, која ангажирано ни раскажува дека возот е одамна заминат, а тие што се качиле, оставиле празнина зад себе, не навлегувајќи во понатамошно можно морализирање на темата.
Одлично надоврзување на отворените рани следи во втората тема насловена „Жал ми е за децата“, можеби и клучна на албумот. „Не гледам вести, и не купувам весници, се хранат со туѓи несреќи…“ се развива во „И не знам зошто, на секој рид по една џамија, и црква на секоја раскрсница, а сите ја пиеме – истата вода“, за на крајот, откако низ рефренот е констатирано дека „жал ни е за децата“, да провее трошка свест дека веќе ни е преку к.р од политика, и ни треба само малку разум, чувства и човечка добрина. Доволно за антологија.
Албумот продолжува со нежната „Мојот дом“ во која авторот на текстот постоењето на домашното огниште го крева на пиедестал, како нешто без кое ниту една личност не е она што би требало да биде.
Пресвртот на втората страна се случува од четвртата до шестата, последна тема, во кои Суперхикси почнуваат да се занимаваат со темата „слобода“. „Мики Ли“ е формула која бендот повторно успешно ја наметнува, со тоа што овој пат протагонистот кој го опејуваат, иако е штипски сограѓанин на Раде Рогожаров, сепак е непознаница за пошироката јавност, освен ако не го гледале краткиот филм на Сашко Потер Мицевски, „(Вон)земјанинот Ли“, во кој делувањето на необичниот Мики Ли можеби има ектратерестријални корени, којзнае.
Единствената обработка на албумот е онаа на легендарните КУД Идиоти, нивната општо позната „Ми смо овде само због пара“, која Суперхикс ја обработува на свој, ска-панк начин, низ еден пожесток вокално-музички пристап кон темата од страна на сите во бендот, како прекрасен кавер на хероите од минатото кои извршија влијание врз многу бендови на балканските простори.
И како заокружување на целата приказна, конечно – ослободување. „Конечно слободен“, со одличен концептуален и ангажиран албум зад себе, бендот ги исфрлил сите стрели кон нас, и сега може спокојно да ужива во сработеното.
Пред крајот, би сакал да напоменам дека овој албум ми е особено важен затоа што го конзумираме семејно. Помладата генерација музички конзументи веќе ги пее песните на глас, честопати барајќи да се врати некоја тема од почеток (фаворити: Возот замина, Мојот дом, Конечно слободен…), но најчесто ме прашуваат „што значи ова, а што она“ во текстовите, па неретко се наоѓам во ситуација да објаснувам за нешта кои, всушност, бараат подлабока анализа, па еве, упатувам апел, ако има кандидат, да го стори тоа со еден сосема поинаков, постручен осврт од овој мојов. Децата се отворени за се’, и баш ми е драго што многу од текстовите, и покрај тоа што, секако, тие не ги сфаќаат на оној, вистинскиот начин, сепак ќе станат дел од нив, за многу години подоцна, кога ќе им се навратат, да ги сфатат вистинските поентирања, кои во неколку случаи се однесувале токму на нив и нивното егзистирање во овој град, во ова време, во оваа со децении транзициона држава на југот од Европа.
Резиме: Суперхикс во петок во малата сала на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје најавија дека ќе го отсвират новиот албум комплет, но и уште дваесетина други теми, правејќи пресек на нивната бајаги-кариера за овие простори. Го слушам Петар при гостувањето на пар телевизии деновиве, повторно во утрински и не-знам-какви-програми, кога веќе нема асолен телевизиски музички магазин или концепт сличен на овој, како упатува апел до уредниците и до сопствениците на медиумите да престанат и понатаму да ја сервираат турбо-фолк не-културата на младите генерации, со што неговата улога добива едно пошироко делување кое всушност сите ние наназад се обидуваме да го наметнеме како можен начин на еманципирано живеење во, за жал, разрушеното општество од многу аспекти, и колку и да звучи како борба со ветерници, сепак, мора да се труби до крај. Затоа одењето на концерт на македонски бенд со своја, автентична музика, е приоритет број еден во следните години.
Напред Суперхикс!!!