Скопје на поштенски марки

По повод 75-годишнината од ослободувањето на Скопје, Македонски пошти, како што вообичаено се прави по повод вакви значајни јубилеи, ја промовираше новата поштенска марка. На неа е претставен споменикот „Ослободители на Скопје“ од 1955 година на вајарот Иван Мирковиќ, кој, интересно, е направен од бронзата на спомениците кои гордо стоеле покрај Камениот мост за време на СХС, а кои, откако биле симнати, долго време стоеле во магацин во Даут пашиниот амам, за на крај да ја најдат својата соодветна примена во новата скулптура која и ден-денес е поставена во дворот на владината зграда (голема благодарност за овие информации до писателот Благоја Иванов).

Во ИЛИ-ИЛИ од минатата година ја имаме книгата „Скопје на поштенски марки“ на авторите Климе Поповски и Виктор Габер. Со поднаслов „Историја и мотиви“, страсните филателисти на едно место ни го претставуваат главниот град низ поштенски марки, чија презентација е проследена со соодветни текстови, како мал историјат на Скопје низ децениите наназад, и еден поинаков увид во културно-историските збиднувања на овие простори во текот на 20 век. Двојазичната книга (македонски и англиски) минатата година ја доби наградата „Голем позлатен медал 2018“ на филателистичката изложба во Верона, Италија, како доказ за нејзината вредност и значење.

Во воведното поглавје насловено „Краток историски преглед“, Поповски и Габер ни претставуваат неколку стари поштенски марки, кои веројатно претставуваат вистински предизвик за колекционерите. Првата од нив е токму грбот на градот Скопје од 1969 година, по повод 25-годишнината од неговото ослободување.

Најстарите поштеснки марки датираат од првите децении на 20 век. Марките издадени во 1911 година по повод посетата на Скопје н султанот Мехмед V се со драгоцена вредност, а веднаш по нив се и оние од 1916 и 1940 година, на кои е прикажано Скопје и нашата држава под бугарска и српска власт. Од 40-те години се претставени марки кои исто така излегле во различен историски контекст. Првата, издадена 1941 година, е издадена веднаш по заземањето на Скопје од страна на бугарските војски, а на следните, од 1948 и 1949 година, фигурираат грбот на Народна република Македонија и 5-годишнината од АСНОМ.

Во ова поглавје е претставена и марката со една од најстарите гравури на градот, онаа од 1594 година, со фокус на Калето, а дека се внимавало на различни јубилеи доказ е и марката од 1998 година издадена по повод 125-годишнината од изградбата на железничката линија Скопје-Солун, која, за жал, веќе не функционира, 21 век со својата динамика одамна не’ гази.

Второт поглавје во книгата е насловено „Културни споменици и објекти од минатото“, и истото си кажува се’. На страниците што следат ги гледаме најрепрезентативните градски објекти како Калето, Даут-пашиниот амам, Камениот мост, плоштадот, но и старите Офицерски дом и Народна банка, за кои старите Скопјани постојано тагуваат.

Во третото поглавје, пак, се претставени поштенските марки со мотиви од културно-историските споменици во околината на Скопје. На воведните марки издадени од квислиншка Србија во 1941 година и во федерална Југославија (1953, 1962 и 1969) се претставени детали од фреските „Оплакување“ и „Два голуба“. Тука се и Марковиот манастир, Клисурата на реката Треска и нејзините пештери, како и народните носии.

Во делот посветен на „Модерно постземјотресно Скопје“, фасцинираат поштенските марки издадени по повод Неделата на солидарноста во 1964 и 1980 година, потоа, оние со универзитетскиот комплекс „Свети Кирил и Методиј“, со НУБ „Свети Климент Охридски“, Телекомуникацискиот центар, Природонаучниот музеј…

Во овој дел особено се впечатливи серијата марки издадени во 1986 година на кои се претставени делата на уметниците Франтишек Музика, Рафаел Каногар, Виктор Вазарели, Бернар Бифе и Пабло Пикасо, сите од подарок збирката на МСУ во Скопје.

Во делот „Значајни личности кои живееле и твореле во Скопје“, можеме да забележиме колекционерски марки со ликовите на сликарите Лазар Личеноски и Никола Мартиноски (и нивните дела), композиторот Тодор Скаловски, актерот Петре Прличко, писателот Петре М. Андреевски, неизбежната Мајка Тереза…

 

И во последниот дел, посветен на меѓународните спортски настани кои се одржале во нашиот град, иако малку, сепак, биле одбележани со пристојни поштенски марки. Тука е спортската едрилица „Илинденка“ од 1955 година, како прв репрезент на нашето моделарство и едриличарство, па легендарната 20 Шаховска Олимпијада од 1972 година, 14 Светско првенство во кајак на диви води, Светското првенство во ракомет за младинки од 2003 година, Првото поединечно светско првенство во куглање од 2006 и Европското првенство во ракомет за жени од 2008 година.

Се’ на се’, книгата на Поповски и Габер е нешто што треба да се има дури и во случај да не сте загреан филателист, кој примероците од овие марки секојдневно би ги барал под дрво и под камен.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *