Мразам ФЕМинизам

пишува: Бисера Анѓелков

Го мразам феминизмот. И не, не го мразам движењето и секако не жените, туку самиот збор. ФЕМинизам. Фем. Женственост.

Па што всушност е женственост? Според Кембриџ речникот, таа се дефинира како факт или квалитет на поседување карактеристики што традиционално се сметаат за типични или соодветни за жена. Она што ме збунува, сепак, е каква врска има самото тоа да се биде жена со залагањето за еднаквост на прво место? Зошто движење што ги оспорува основните прекршувања на човековите права носи име вкоренето во женственоста?

Кратката лекција по историја и јазик вели дека зборот „феминизам“ потекнува од старофранцускиот збор „féminin“, кој доаѓа од латинскиот збор „femina“, што значи „жена“, а наставката –изам потекнува од латинската наставка –ismus, која ја претвора именката во практика (Larkin, 2023). Зборот „феминизам“ на англиски првично се користел без политичка конотација; едноставно значел нешто поврзано со жените. Политичкото движење на феминизмот било дефинирано дури за време на „Првиот бран на феминизмот“, децении подоцна, кога жените протестирале за своето право на глас. Соодветно на тоа, претпоставувам дека движењето кон еднаквост може да се поврзе само со жените, бидејќи ние сме тие што мораме да се бориме за права кои мажите веќе ги имаат.

Сепак, од своето потекло, феминизмот прерасна во нешто многу пошироко од движење што се занимава исклучиво со женските прашања на нееднаквост. Тоа ја крева свеста за незаконитостите што имаат поширока шема, ги разоткрива клучните општествени неуспеси и, на крај, рамнодушноста на општеството кога станува збор за нив. А овие глобални проблеми не се важни само за жените. Тие се важни за безбедноста на сите луѓе ширум светот. Поради оваа причина, името „феминизам“, со својата буквална импликација на „женски прашања“, е во најмала рака погрешно.

Ова погрешно именување исто така придонесе за широко распространетите погрешни информации и дезинформации (се осмелувам да кажам – и омраза) околу движењето, особено на интернет, каде што феминизмот често се отфрла веднаш само поради неговото име. Феминизам. Самото присуство на „фем“ во зборот ја поттикнува претпоставката дека движењето не се однесува на мажите, што доведува до тоа многумина веднаш да се исклучат од разговорот. Затоа и насловот „Го мразам феминизмот“. Тој е контрапродуктивен. Ненамерно ги прави мажите незаинтересирани за есеј што треба да го прочитаат за да има промени во светот. Го мразам поради тоа како неговото име го ограничува кругот на луѓе кои се чувствуваат повикани да слушаат.

Исто така забележав колку често феминизмот погрешно се сведува на слика на непријателство наместо на еднаквост. Некои дури тврдат дека феминизмот е за омраза кон мажите, тврдење што суштински погрешно ја разбира неговата цел. Феминизмот првенствено бара еднаквост. Во самата дефиниција стои дека ова движење се залага против сексизмот. Омразата кон мажите, додека некој се нарекува феминист, би била лицемерна бидејќи директно се спротивставува на основната вредност на движењето. Барањето еднаквост навистина подразбира неприфаќање и предизвикување на патријархатот, но тоа е сосема различно од осудувањето на мажите како пол. Феминизмот, како име, им дава на дезинформираните уште повеќе причина да веруваат во таквите погрешни информации.

Но против каков сексизам всушност се борат феминистите?

Па, почнува од мали нешта; мали како разговорите што сме навикнати секојдневно да ги слушаме, и големи како стандардите со кои сме израснале уште од мали.

Овие стандарди често се толку длабоко вкоренети што остануваат незабележани. Очекувањата околу спортот и хобијата, како наједноставен пример, покажуваат како родовите норми влијаат врз сите. Девојчињата често се обесхрабруваат да играат спортови како фудбал или кошарка, па дури и се исмејуваат ако се обидат да играат „машки спорт“. Слично на тоа, момчињата и мажите кои се занимаваат со активности како хор или балет често се изложени на хомофобични навреди затоа што покажуваат интерес за нешто што се смета за „немашко“. Тоа им штети на двата пола, но на различни начини. Младите момчиња се обесхрабруваат да ги пронајдат своите интереси без да бидат исмејувани дека се „женствени“, што директно влијае на нивната самодоверба и на стандардите што им се наметнуваат за тоа што ги прави „мажи“, на крајот делејќи ги мажите и жените според хобија наместо да ги третира како луѓе со различни интереси. За девојчињата, пак, поставените норми ги учат дека е срамно да имаат одредени хобија, а истовремено се исмејуваат ако пробаат „машки хобија“ затоа што се девојчиња. На крајот, овие норми не им штетат само на жените; тие ги ограничуваат луѓето од сите родови. Еднаквоста не значи да се издигнат жените над другите, туку да им се овозможи на сите поединци слободно да ги следат своите интереси без родови ограничувања. Ова поставува едно централно противречие: ако последиците од овие стереотипи ги засегаат сите, зошто движењето што ги предизвикува и понатаму се нарекува „ФЕМинизам“? Дали само жените треба да се грижат за секојдневниот сексизам и штетните стандарди што ги спречуваат сите да пробаат нови хобија во кои можеби и би уживале?

Важно е да се забележи и следново: жените кои се придржуваат до традиционалните стандарди, како на пример да изберат да бидат домаќинки, не се проблем. Феминистките низ историјата се бореле токму за тоа: правото на избор. Ако жената може да избере да биде адвокат, таа може да избере и да биде домаќинка. Изборот е суштината. Проблемот, наместо тоа, се појавува кога жени тврдат дека „никогаш не би можеле да бидат феминистки“ затоа што имаат такви стереотипни женски хобија или затоа што не мразат мажи. На тоа имам две работи да кажам.

Прво, феминизмот не е за омраза кон мажите. Никогаш не бил. Она на што се спротивставува е нееднаквоста кон жените поради веќе постоечките патријархални стандарди. Второ, и најважно, да не беше феминизмот, ти – како жена која „никогаш не би можела да биде феминистка“ – немаше да можеш да одиш на училиште, да добиеш соодветна здравствена грижа, да гласаш, да поседуваш имот, да избираш каква работа сакаш да работиш и да заработуваш пари. И списокот продолжува. Затоа да го „мразиш“ феминизмот како жена значи во суштина да ги користиш овие права, а истовремено да го отфрлаш движењето што ги обезбедило, за ти денес да можеш да го живееш својот живот како што сакаш.

Но да се вратам: родовите стереотипи се само почетокот на оваа бескрајна приказна.  Иако овие суптилни сексистички коментари и норми влијаат на чувството на еднаквост кај некои, за други постојат многу посериозни реалности. Движењето подига свест и се залага против трговијата со луѓе, родово базираното насилство, насилството врз ЛГБТК+ лицата, недостатокот на пристап до образование, силувањето и заканите кон репродуктивната и телесната автономија. И одеднаш разговорот повеќе не е толку безопасен како оној за спортот.

Она што ме нервира е тоа што сите овие проблеми наводно се „феминистички“ проблеми. Женски. Наместо, да речеме, прекршувања на човековите права. Ова не се прашања на лично мислење или социјална преференција; ова се злосторства. Но преку самиот јазик – преку именувањето на феминизмот – тие се претставуваат како „женски прашања“. Тоа имплицира дека убиствата во име на „честа“ во Пакистан, женското генитално осакатување во Кенија или присилните бракови на малолетни девојчиња во Нигерија не се глобални кризи на човековите права, туку женски проблеми. Тоа е погрешно.

Но знам едно нешто. Сигурна сум дека ако феминизмот се викаше „еквализам“ или нешто слично, што не е поврзано со жените, јас немаше ни да го пишувам овој есеј. Би сакала феминизмот да има поинакво име. Бидејќи име што се однесува на „сите“ не предизвикува толку гнев и недоверба како што често предизвикува нешто поврзано со жените. Би го сакала затоа што би нè потсетувало на единство и соработка; дека сите сме родени на оваа планета Земја заедно и дека треба да се почитуваме врз основа на нашата заедничка човечност. Би сакала име што поканува учество наместо веднаш да предизвика повлекување само затоа што движењето изгледа како да припаѓа на другиот пол. На крај, би сакала име што не е толку лесно да се мрази. Во општества обликувани од длабоко вкоренети стандарди за машкост, феминизмот лесно се отфрла уште пред неговата порака да биде слушната.

Сепак признавам дека ова отфрлање не се должи само на јазикот. Се должи и на она што тој јазик го претставува. Во општества обликувани од силни стандарди на машкост, феминизмот лесно се игнорира пред неговата порака да биде слушната затоа што ги разнишува долгогодишните хиерархии. Лесно е да се мрази бидејќи ги симнува тие хиерархии од пиедесталите на кои отсекогаш стоеле. Непријатно е. Секако дека е. Кога човек се соочува со нееднаквост, тоа може да изгледа заканувачки ако долго време имал корист од неа. Но општествениот напредок никогаш не бил удобен, а еднаквоста не може да се постигне ако оние со најголема моќ одбиваат да учествуваат во разговорот.

И ако ниту едно од овие прашања не разбуди ни малку интерес или грижа кај вас – затоа што ви изгледаат географски или културолошки далечни, или едноставно затоа што ви недостига емпатија, колку и да не сакате да признаете – тогаш токму вие сте причината зошто феминизмот постои. Никогаш не кажувајте дека феминизмот „отишол предалеку“ кога сè уште не стигнал до девојчињата од девет години кои  присилно се мажат за педесетгодишни мажи на другата страна од светот.

Феминизмот не значи да се решат сите овие проблеми. Тој не бара спасување на светот, рушење на секој систем или секојдневно носење на тежината на глобалната неправда. Реално, феминизмот започнува со многу помала премиса од оваа. Започнува со признавање. Со одбивање да се сврти погледот настрана. Со спротивставување на нееднаквоста дури и кога изгледа далечна, непријатна или незгодна за вас. Феминизмот не е да се имаат сите одговори за светските проблеми, туку да се препознае дека овие неправди постојат и да се отфрлат системите што им дозволуваат да продолжат. Во својата суштина, тоа едноставно значи да се каже: верувам дека сите луѓе треба да бидат еднакви. Тоа е вистинскиот феминизам. И самото верување се бори против вековите на нормализирана нееднаквост. Тоа е само чекор во вистинската насока.

Затоа, да, го мразам феминизмот. Го мразам колку лесно може да биде погрешно разбран или злоупотребен. Ја мразам стигматизацијата околу него, предизвикана од погрешно информираните и претенциозните. Конечно, мразам дека морам да пишувам есеј за тоа како името на феминизмот треба да се смени, бидејќи промената која што ја барам во името, повторно им годи на мажите. Ова значи дека ништо поврзано со жените нема да биде сфатено сериозно дури не се поврзани и мажите. И тоа е токму делот од сексизмот против кој што се бориме како феминисти.

Но сè додека еднаквоста сè уште треба да се брани, феминизмот мора да постои. Затоа што верувањето во еднаквост никогаш не треба да биде контроверзно, дури и ако зборот не е лесен за сакање за сите.

Библиографија:

  • Larkin, C. (2023). What’s The Meaning Of ‘Feminism’? [online] Babbel Magazine

Фотографии:

  • Насловна фотографија: A strike on International Women’s Day, 2017 – CNN
  • Последна фотографија: Слободен печат / Методи Здравев