Песни 4 – Чарлс Буковски

Во последниот дел од серијалот песни од генијалниот американски поет Чарлс Буковски, пишувани во последните десет години од неговиот живот (1984-1994), започнуваме со маестралните стихови: „Тие лица кои секојдневно ги гледаш низ улиците, не се создадени без никаква надеж – биди нежен кон нив: како и ти, и тие не се спасиле“. Зарем треба нешто повеќе да се додаде? Уживајте 😉

На работ

Уморен сум од чекање да дојде животот,

беше толку спор при доаѓање

и толку брз при заминување.

После многу ноќи

Мојата смрт

после толку ноќи

како што е оваа,

ќе изгледа логично,

разумно и

(како понекоја од моите песни)

добро напишана.

Каде сум бил

Бев на чудно патување

но беше без никаква смисла.

немав идеи.

немав план.

спиев.

само спиев и чекав.

не бев осамен.

не чувствував самосожалување.

само бев заробен во животот во кој

не можев да најдам смисла.

тогаш бев млад човек

стар илјада години.

а сега сум стар човек

кој чека да се роди.

Основно

Кратка песна

како краток живот

можеби не е она најдоброто

но главно е полесно.

Ова е кратка песна

на крајот од долгиот живот

што седи овде

и гледа во тебе,

а потоа вели:

adios!

Кому му треба?

Ја гледате оваа песна?

Напишана е без пијалак.

Не ми треба пијачка за да пишувам.

Можам да пишувам без пијачка.

Жена ми вели дека можам.

Јас велам дека можеби и можам.

Јас не пијам, а пишувам.

Ја гледате оваа песна?

Напишана е без пијалак.

Кому сега му треба пијачка?

Веројатно на читателот.

Што да правам?

Вистина е:

болката и страдањето

помагаат при создавањето

на она што го нарекуваме уметност.

Да имав избор

никогаш не би ја избрал

оваа проклета болка и страдање за себе

но тие секогаш ме пронаоѓаат

додека приходите од авторските права

и понатаму пристигнуваат

на мојата адреса.

Ве молам

Во ноќите сега мислам за годините

и жените исчезнати и засекогаш загубени

не жалејќи по исчезнатите жени, не жалејќи дури ниту

по засекогаш загубените години

кога

би имале сега само малку мир – една година мир,

еден месец мир, една недела мир –

не мир за светот – само себичен дел мир

за мене

да се нишкам во него како во зелена топла вода,

само дел, само еден час од некој мир,

да, во ноќта во која мислам за изгубените години

и жените исчезнати во оваа ноќ

која е многу долга

мрачна и самотна

ноќ.

Јој!

Кога и да видам моја фотографија

помислувам:

Исусе Христе, види го тој грд

подгрбавен риба-кит!

Не беше чудно што имав толкав проблем

да ги префрлам од каучот во спалната.

И морав да се начукам

пред да се обидам.

Боговите се добри

Песните стануваат се’ подобри и подобри

а јас и понатаму добивам на хиподромот

и дури и кога ќе наидат лоши моменти

подобро се носам со нив.

Како да има некоја ракета во мене

подготвена да биде лансирана

од врвот на мојата глава,

и кога ќе се случи тоа,

нема да жалам

по она што ќе остане.

Розевкаста свила

Само препуштете ме на ветрот

турнете ме преку работ од кујнскиот стол

таму каде небото паѓа во морето –

до последниот неименуван крај

кој еден ден сите ние ќе го доживееме

и конечно ќе осознаеме.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *