Кон „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов
Кинематографери: Фејми Даут, Самир Љума
Монтажер/продуцент: Атанас Георгиев
Македонската документаристика има долга и богата традиција зад себе, со вредни автори кои неретко освојувале награди на југословенските, европските и светските филмски фестивали. Впрочем, историски така и започнала целата македонска и балканска филмска приказна, со документација на секојдневието низ камерата 300 на браќата Манаки. И еден Стојан Попов не би бил тоа што е доколку во 70-те години не го калел својот филмски занает преку документарниот филм и славната трилогија составена од „Оган“ (1974), „Австралија, Австралија“ (1976) и „Дае“ (1979), кој доби номинација за Оскар, што претставува куриозитет во македонската документаристика до ден-денес. Се сеќавам каков одглас доби и еден подоцнежен доку-филм во 80-тите, ми се чини насловен како „Глас“, за животот на едно благородно старче во некое од нашите запуштени села, свирејќи на кавал (за жал, никаде не можев да дојдам до информација за него, што јасно укажува на една од болките во нашето општество – архивирањето на информации), кога како клинец свечено седнавме пред телевизорот и со нетрпение ја очекувавме премиерата на Телевизија Скопје, бидејќи родителите рекоа дека се работи за важен филм кој освоил меѓународни награди. Од таа декада во сеќавање ми остана и документарниот филм „Пчеларник“ на еден од доајените на македонската документаристика, Мето Петровски, 15-минутно брилијантно парче во продукција на „Вардар филм“ кое метафорично зборува за тие времиња, а преку пчеларникот го симболизира вечното вриење во овој дел од Европа, балканското „буре барут“, синтагма од која подоцна Дејан Дуковски направи цела кариера. Пчеларникот и пчелите всушност се сигнификативен премин кон она што во овие пар месеци се случува околу документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Ни помалку ни повеќе, тие освоија три награди на престижниот „Санденс“ во Парк Сити, Јута, за првпат во историјата на овој филмски фестивал со долга традиција зад себе. Со тоа тие на најдобар начин се надоврзуваат на кратката хронологија од почетокот на текстот, потврдувајќи дека оваа земја отсекогаш негувала квалитетни документаристи.
Не толку одамна, во филмскиот магазин „Филмополис“ секој јануари правев комплетна посвета на случувањата на најзначајниот и најценетиот независен филмски фестивал во светот, потајно посакувајќи на некое наредно издание да блесне и некој наш, македонски филм. Очигледно во тие години немавме квалитетен филмски производ, можеби ниту волја и храброст од авторите да се конкурира на „Санденс“, но работата тргна во одлична насока, и сега само во две последователни години имаме два лауреата (да потсетиме дека лани и режисерот Горан Столевски ја доби наградата за најдобар краток филм за прекрасниот „Види ја ти неа“). Со тоа македонската кинематографија навистина е на добар пат, особено по десетината меѓународни награди на „Исцелител“ во претходниот период и влегувањето на „…Петрунија“ на Теона Митевска во официјалната селекција на годинашното Берлинале, успех кој некој упорно сака да си го припише на своето конто, иако знаеме колку споменатите автори макотрпно работеа и, народски, „се окозија“ за да стигнат до некаква позиција својот авторски труд да го извлечат надвор од овие граници, рамноправно носејќи се со останатите далеку побогати светски продукции. Но, со волја и ум – сè е можно.
Во недостаток на квалитетна програма на македонските телевизии, својот мир го пронаоѓам во следењето на каналот National geographic, а како надградба на тој мој интерес е купувањето на истоимениот српски месечник како еден вид мој колекционерски ритуал, па така успеав да ги соберам броевите од дури пет години наназад. Во јулскиот број од 2017 година впечаток ми остави, и ја запаметив како квалитетна фотографска репортажа, приказната „Последниот ловец на мед“, која доби и насловна страна со една фантастична фотографија на која „ловецот“ се качува на импровизирани скалила кон небесата, со намера да го собере медот од најголемите диви пчели на планетата Земја, потфат кој сепак му обезбедува каква-таква егзистенција во сиромашниот Непал. На сите фотографии очигледен е ризикот на кој е изложен припадникот на племето Кулунг, кој на работ од бездната го собира невротоксичниот мед од огромното саќе, нешто слично како и Атиџе, хероината во „Медена земја“, филм кој авторите го отвораат со воведен кадар од прекрасната природа во источна Македонија (некаде меѓу Велес и Штип), во која претставничката на јуручката заедница совршено се втопува, за потоа веднаш да ја видиме на опасниот раб од карпата, каде само таа може да другарува со дивите пчели. Токму работ навестува дека она што ќе го посведочиме како гледачи во следните 80 минути е на работ од возможното, и тоа од неколку аспекти: дека воопшто постои ваква приказна во нашата околина, дека Атиџе е последната одгледувачка на диви пчели на Стариот Kонтинент, дека филмската екипа успеала да сними ваков документарен филм, дека наши соседи се прекрасни луѓе кои и на работ од својата егзистенција остануваат она што треба да бидат – луѓе, дека во време на енормно загадување во нашите градови во нашата блиска околина имаме прекрасна природа која се надевам дека нема да ја извалкаме, дека социјалните служби, и воопшто, институциите во државава за ништо не ги бива, итн итн.
А Атиџе е едноставна каков што всушност и треба да биде животот. Во првите десетина минути авторите не’ запознаваат со нејзиниот живот во трошната куќичка, каде живее со 85-годишната речиси неподвижна и полуслепа мајка, како и со нејзината дневна рутина да им пее на пчелите и со нив да го подели медот кој е нејзин билет за егзистенција – половина земам за себе, а половина им оставам на пчелите. Но, „Доколку еден го скрши правилото, сите ќе ја платат цената“, вели слоганот на филмот. Во таа идилична атмосфера, и покрај уратините наоколу и немањето на електрична енергија, снимателите Фејми Даут и Самир Љума ни даваат една филмски поетична слика во која доминира жолтата боја, алудирајќи на сонцето и медот, како исклучителни извори на животна радост. И тогаш следи неминовното – соочувањето со Другиот. Најпрво, вообичаено, контактот е пријатен (Атиџе го открива детето во себе и заедно со младите членови на семејството игра детски игри, им пее и лудува заедно со нив на нишалката на дрвото во дворот), потоа дружбата се претвора во интимни исповеди крај ноќното огниште (мајката на децата се исповеда, но и Атиџе ја отвора душата), за на крајот да надвиснат темни облаци над пријателството. Хусеин е добар човек, но седумте усти кои чекаат да бидат нахранети од неговата снаодливост од него прават нечесник. Одеднаш одгледувањето на добиток не е доволно, па мора да го преземе и „бизнисот“ со медот на Атиџе. Меѓутоа, и тука се гледа мајсторството на филмската екипа, во полуинсценираните сцени во кои посетителот од градот го тера газдата да му го продаде целиот мед, а тој, знаејќи дека ќе го наруши односот со Атиџе, на лицето му се чита дека не му е сеедно. Aвторите на „Медена земја“ продолжуваат да грабаат понатаму длабоко во филмското сиже, умешно ловејќи ситуации за кои веројатно им требале денови и денови, прикажувајќи го хаосот во многучленото семејство преку насилниот однос со домашните животни, а кревката душа на хероината преку осаменото бдеење во сопствената соба. И да, старата мајка навестува дека нив Бог ќе ги казни, и така бива. Педесет телиња умираат, Хусеин почнува да се кара со жената и со децата, заминувањето е неминовно, а Атиџе ѝ помага на желката да излезе од коритото во кое е заробена. Пролетта е на повидок, музиката, со која се отвори приказната, истата на крајот, ја заокружува во еден висок емотивен набој, а белилото во кое потонуваме ни дава надеж дека ова е само еден од можните светови за кои во иднина би морале да се грижиме навреме да ги заштитиме. А авионите од некоја си таму цивилизација летаат ли летаат, и го сечат небото со бели линии…
Обично за еден квалитетен документарец се вели дека се потребни седум до девет години макотрпна посветеност и фокусираност на темата, а авторите успеаја во тоа за три до четири години. И признаваат, им се посреќило, затоа што приказната тргнала со откривањето и снимањето на Атиџе, меѓутоа, „Медена земја“ не би бил тоа што е доколку не се појавело и многубројното семејство на Хусеин во соседството. Со животот и посветеноста кон природата и пчелите на Атиџе тие би останале во рамките на репортажа со цел можеби еден ден да биде емитувана на споменатиот National geographic, но со појавата на турското семејство, приказната добива сосема нова димензија, и по многубројните снимателски часови во различни временски услови, на крајот да добиеме приказна која има такви универзални вредности проткаени со фолклорни мотиви (борбата на пеливаните е вистински погодок!). Токму затоа, „Медена земја“ е совршен документарен филм од сите аспекти на филмските закономерности. Едноставно, авторите ги искористиле сите можни подароци кои им ги дала ситуацијата во која се наоѓале, а како бонус на тоа е исклучителната фотогенична фигура на 50-годишната Атиџе, последниот Мохиканец на мајката природа , која е прилично сугестивна и убедлива во она што го живее и работи, гордо носејќи ја препознатливата зелена марама на главата и жолтата кошула, а и камерата неизмерно ја сака. („You are so beautiful“, оди темата на една од едвај слушливите радио станици кои нашата хероина се обидува да ги скроти на распаднатиот приемник, како најзначаен емотивен момент во целиот филм). И затоа намерно го избегнувам терминот „документарец“, за да не се помеша со ТВ репортажата како жанр, туку „документарен ФИЛМ“, бидејќи сето она што го гледаме на големото платно остава впечаток како да гледаме комплетен игран филм, само со натуршчици, пред сè благодарение на мајсторството на т.н. Endschnitt на монтажерот Атанас Георгиев, чија амалгамска улога во екипата има свој длабок и препознатлив импакт.
На крајот, уште еднаш, браво за Тамара, Љубо, Фејми, Самир и Фаца, мала но компактна екипа, во која секој подеднакво е заслужен за квалитетниот финален производ. Наградите на „Санденс“ за најдобар документарен филм, најдобра фотографија и специјалната награда за влијание за промена се само појдовна точка во одисејата која овој проект ја има пред себе. Европската премиера следи веќе во април на престижниот филмски фестивал во Нион, Швајцарија, а потоа ќе има проекција, и се надеваме награди, на уште десттина фестивали на сите светски меридијани. Со екипата имавме можност да се дружиме на пресот во МКЦ по враќањето од Парк Сити, како и за време на проекцијата на филмот за новинарите и двете затворени проекции овие денови во киното „Милениум“, а македонската премиера е најавена за август, во рамките на десеттото, јубилејно издание на фестивалот за документаристика „Македокс“. Наесен се надеваме дека следи и македонската кино дистрибуција, откако продуцентот Георгиев објави дека документарниот филм во меѓувреме ќе се прикажува во кината низ Северна Америка пред потенцијална публика од 8-10 милиони гледачи. Но сè ми се чини дека крајот ќе го краси делото: следниот февруари е новото издание на Оскарите, а „Медена земја“ ги има сите предиспозиции конечно македонската кинематографија да ја вброи меѓу добитниците за престижната статуетка. Зошто да не!?
П.С. Како вистински однос кон својата муза, екипата на филмот ја продолжува својата одговорност и создаде голема кампања за поддршка на вкусното злато од „медената земја“. Купете и Вие мала тегличка со мед и подарете ја на блиските
(Текстот е објавен на kinoteka.mk)