Свежи се сеќавањата од последното издание на филмскиот фестивал во Кан, кога на најпосетената конференција за новинарите по повод светската премиера на филмот „Антихрист“, се случи непријатност копга неколку новинари вербално го нападнаа режисерот Ларс фон Трир, при што паднаа и тешки зборови на кои Данецот остана мошне „ладен“. Филмските познавачи бараа од него јавно да каже што сакал да постигне со овој „одвратен филм“, на што тој одговори дека само „режира малку поинакви приказни од останатите, и тоа е тоа“.
Ништо ново кога станува збор за еден од креаторите на манифестот “Догме 95“, највозбудливото движење во филмската уметност во последниве пар декади. Секогаш кога фон Трир ќе сними ново остварување, истото го следат разни контроверзии, вистинити или лажни приказни за нивното настанување или реализирање, кои подоцна прераснуваат во еден вид урбани митови. Редоследно, тоа се случи и со актуелниот „Антихрист“, според многумина, највознемирувачкиот филм на авторот досега, чија енергија може да влијае врз вашиот нежен стомак долго време по завршувањето на проекцијата. Но, ќе се согласите, тројниот добитник на „Златната палма“ во различни категории им е потребен на филмските фестивали за да го разбие сиот лажен сјај што циркулира на црвениот килим. Да не ги заборавиме и случувањата околу филмот „Танчар во темнината“ во 2000 година, кога исландската поп-дива Бјорк смртно му беше налутена на фон Трир, за на крајот, кога ја доби „Палмата“ за најдобра жеснак улога, страстите конечно да се смират. Едноставно, неговите филмови се вистински празник за сите оние кои не ги сакаат праволиниските приказни во кои наводно нешто се случува, а всушност, воопшто не е така.
Конечно, контроверзниот филмаџија може да здивне, бидејќи Кан е веќе одамна зад него, а во изминатите летни месеци новиот филм беше дел од кинорепертоарот на неколку европски земји, при што реакциите на публиката, па и на критичарите, повеќе гравитираат кон плусот отколку кон минусот. „Тоа е идеална ситуација, некои луѓе го сакаат, а други го мразат филмот, со што на некој начин се создава импакт меѓу публиката“, заклучува фон Трир во едно интервју. „Исто така, доколку нешто многу го сакаат, или истовремено, многу го мразат, тоа е добро за вас како автор, како еден вид огледало во кое себеси се обликувате од секаков материјал“.
За разлика од раскошниот кастинг во неговите досегашни остварувања, во кои неретко фигурираа и тотални натуршчици, режисерот овој пат поради природата на филмот, еден вид интимен проект, се одлучи негов носител да биде одличниот актерски двоец Шарлот Гејнзбург и Вилјем Дефо. Тие се брачен пар кој по неочекуваната смрт на нивното дете решава да се рехабилитира заминувајќи да живеат осаменички во куќа близу шумата, каде надоаѓачката психолошка болка, која во еден непресметлив момент ќе доведе и до сечење на гениталиите, ќе ги донесе до работ на лудилото. Нивните несакани, но сугестивни искуства како суперлепило стануваат дел и од интимата на гледачот, па затоа ова дело не им се преопрачува за гледање на оние со слабо срце. За одлично одиграната ролја, Гејнзбург ја доби годинашната „Палма“ во Кан, со што фон Трир се покажува и тоа како таличен за актер(к)ите во неговите остварувања.
Куриозитетот поврзан со овој филм е тоа што е ставен во ќанровскиот фолдер „хорор“, што претставува прво искуство од ваков вид за данскиот режисер. Според него, исто како што столарот понекогаш сака да направи и маса, така и тој се обидел малку жанровски да експериментира. Инаку, Вилјем Дефо беше човекот од кого протече информацијата дека за време на снимањето на филмот фон Трир цело време бил во депресија, но дека токму тоа направило „Антихрист“ да делува моќно, како и фактот што во ова сценарио авторот внел најмногу елементи и размислувања од неговото лично животно искуство. Сепак, и покрај тешкотиите при снимањето на многуте специфични сцени во кои фон Трир сакал окото на камерата да стане составен дел од сцената, тој ја покажал сопствената големина како уметник несебично помагајќи им на актерите кога биле во криза, особено на понеискусната Гејнзбург, која имала проблеми со глумењето на сцените со напад на паника, кога не можела баш најдобро да се снајде.
Во текот на овој месец „Антихрист“ ќе почне да се прикажува и во кината во Германија, Белгија, Романија и Холандија, по што во октомври ќе го скокне Атлантикот и ќе обиде да и’ се додвори на пошироката американска публика. Знаејќи ја ситуацијата со киноприкажувачката дејност кај нас, единствено ни останува да се надеваме дека последниот филм на фон Трир ќе можеме да го погледнеме на големото платно на некој од домашните фестивали. Впрочем, како и досега.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 1 септември 2009 година.