Авторска архива: Игор Анѓелков

„Во 3 наутро“, изложба на фотографии на Иван Блажев

Во галеријата на Кинотеката на Македонија, на 14 декември (среда), во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии и ќе биде промовирана фотокнигата „Во 3 наутро“ од фотографот Иван Блажев. Промотори на книгата се Владимир Мартиновски и Игор Анѓелков, а изложбата ќе може да се посети до 28 декември 2016 година.

Обраќањето кон бројната публика отприлика течеше на оваа линија:

„Најпрвин, му благодарам на Иван Блажев за поканата да бидам еден од промоторите на вечерашнава изложба, и секако, благодарност и за Вашето присуство вечерва, во едно мачно, постизборно Скопје.

Кога го прашав Иван: Зошто јас како промотор на неговата нова изложба?, тој ми спомена дека му дошле два аспекта на ум – издавачкиот и филмскиот, но јас би го додал и третиот аспект – неверојатното слично, да не речам исто размислување во однос на неговата работа сиве овие години наназад.

Читај повеќе

Задруга

(документаристичка приказна)

На покана на мојот драг пријател Владимир Јанковски, и на обострано големо задоволство, и оваа приказна стана дел од збриката раскази која навлегува во темата за ‘Другиот’, нешто што интелектално ме провоцира со години наназад, иако по прифаќањето за создавање на истата и’ претстоеше обмислување, пишување, оживување… За нејзиното присуство на овие страници пред се’ е заслужен Благоја Иванов, кому и му го посветувам овој мој краток ракопис, пишуван по  неколкугодишна апстиненција, чувствувајќи дека ова враќање на страниците од бела хартија кои треба да бидат испишани со безброј зборови и значења, е добар мотив конечно да седнам и да го напишам мојот следен роман, кој долго го пишувам во главата, но никако да го оформам во конкретен текст.

Читај повеќе

Кон „Златна петорка“ на Горан Тренчовски

Дебитантскиот долгометражен филм „Златна пeторка“ на Горан Тренчовски, кој зад себе има еден куп реализирани сценарија како на театарските штици, така и на телевизискиот екран, претставува школски пример за тоа како треба да се реализира филмска идеја со скромниот буџет со кој располагате. Тргнувајќи од една трогателна приказна за петте ликвидирани струмички студенти во 1951 година и распостилајќи ја истата се’ до денешен ден, имате впечаток дека навидум се работи за комплетен филм кому ништо не му недостасува. Но, по најавата на продуцентот дека од истиот ќе се направат и пет телевизиски епизоди, се остава простор нештата кои останале недокажани дека ќе ги видиме во серијата во поразвиена форма, што од друга страна, пак, и го оправдува чувството по завршувањето на проекцијата дека сте гледале добро прилагодена телевизиска драма на големото платно.

Читај повеќе

Кон „Ослободување на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија

Како и во многу наврати во блиското ни минато, и премиерата на филмот “Ослободување на Скопје” беше долго најавувана вест, за конечно (светската) да се случи летово на легендарниот филмски фестивал во Пула, а македонската на стандардното место, на фестивалот на филмска камера “Браќа Манаки” во Битола. Судбината на скопската кино-премиера пак, ја одложија неочекуваните тектонски поместувања на плочата под нашево Скопје, на што не беше имун кровот на киното “Милениум”. Во меѓувреме филмот беше прикажан и во Сараево и Финска, за конечно, на 1 октомври , да дојде до пошироката македонска кино публика.

Читај повеќе

Кон „МАТУРА“ на Кристијан Мунгиу

Сè што ќе снимат Романците, вреди злато. И во минатото сум пишувал за оваа балканска кинематографија, како една од ретките на овие простори што на совремието со сите негови доблести и (многу повеќе) недостатоци му гледа директно во очи, без никаква шминка. Кристијан Мунгиу е еден од претставниците на оваа романска школа, која во овој милениум собра еден куп награди на значајните светски фестивали од „А“ категорија. По неговиот успех со првенецот „Четири месеци, три недели и два дена“ во 2007 година, кога во остра конкуренција ги изненади сите и ја собра „Златната палма“, филмскиот мајстор и лани во мај се врати на „местото на злосторот“ и ја доби „палмата“ за најдобра режија за неговото последно остварување „Матура“ (Bacalaureat), што беше добра препорака да се погледне овој филм. Читај повеќе

„ГОТЛЕНД“ од Мариуш Шчигел

Готленд“ е трогателна приказна за критичкиот ум под стегите на комунистичкиот режим, соочен со апсурдни ситуации, додека приватниот живот перверзно бил искористуван од властите, со цел да биде замолчен.

Главните ликови на „Готленд“ се: основачот на познатата фабрика за чевли „Бата“, славниот естраден пејач Карел Гот, љубовницата на нацистот Гебелс, скулпторот на најголемиот споменик на Сталин во светот, внуката на Кафка, која им го давала своето име на користење на автори ставени на црна листа во комунистичкиот режим за да може и понатаму да издаваат, младото момче кое се самозапалува по угледот на Јан Палах, 30 години по неговата смрт, познатиот чешки драматург Јан Прохаска и многу други.

Читај повеќе

„Аквариум“ од Кристина Тот

Во овој роман сите се сираци. Девојчето посвоено кон крајот на четириесеттите (Ромче посвоено од Евреи што го преживеале Холокаустот), нејзините воспитувачи, родителите, нејзиното дете и сопругот, сите роднини и познајници: сите без исклучок недостатокот на љубов го сметаат за единствена прифатлива состојба што можат да ја доживеат. Луѓето си го живеат својот живот во една трошна галерија на една зграда со излупени ѕидови и мириси на варила, тука се борат за живот, на дофат на бедата и оддалечени светлосни години од животот што го замислуваат како нормален. Сепак, задушените емоции понекогаш избиваат и на тие точки се менува нивниот живот. Тој потиштувачки, тесен, но истовремено и проѕирен свет го преставува аквариумот.  Читај повеќе

„ЈУГОСЛАВИЈА, МОЈА ДЕЖЕЛА“ од Горан Војновиќ

„Југославија, моја дежела“ раскажува за триесетгодишниот Владан Боројевиќ, кој со својата мајка живее во љубљанскиот кварт „Фужине“, метафора за „Југославија во мало“, место кое постојано се менува и добива нов облик. Тој преку Интернет дознава дека неговиот татко, поранешен офицер на ЈНА, не е мртов, како што му кажала неговата мајка пред седумнаесет години. Владан, кој е дете од мешан брак, веднаш тргнува на патување низ бившите југословенски републики за да ја дознае вистината за сопствениот татко и неговото семејство. На тоа патување, Војнович на прекрасен начин успева попатно да ги протне големите прашања за смислата на војната, семејството, жртвувањето, отуѓувањето… Насловот на романот е мотивиран од популарната парола во осумдесетите години во Словенија, која гласи: „Словенија, моја дежела“.

Читај повеќе

„Календарот на Маите“ од Зоран Фериќ

„Календарот на Маите“ е роман за љубовта, но и за староста, за минливоста на времето. За насловот, авторот бил инспириран од романот „Под вулканот“ од англискиот автор Малколм Лаури, кој зборува за елиптичноста и релативноста на времето и во него впишаните животни судбини. Календарот е симбол на двојственостa што времето во својата минливост, во своето течение и во новото започнување, секогаш ја подразбира. Во верзијата на Фериќ тоа е приказна која жанровски покрива разнолико подрачје, тоа е семејна сага, љубовен, еротски, општествен роман, роман за убавината и за ужасот, за сѐ она што на овој или оној начин го дефинира животот на човекот. Или да се „заузди“ смртта, што е еден од лајтмотивите на Фериќ.  Читај повеќе