„We could be heroes just for one day“, David Bowie
Архива за категоријата: Филм
Филмската критика кај нас не функционира како што би требало, но се обидувам сето тоа да изгледа пристојно, будно следејќи и пишувајќи за случувањата во македонската кинематографија, но и пошироко. Во оваа рубрика со неколку подрубрики ќе прочитате се’ што успеав да проследам во изминатите две декади, откако ја следам Седмата уметност, со напомена дека најголемиот дел од текстовите се интегрален дел од моите две филмски книги, „Филм.мкд“ и „Филмски град“, а дел од нив се објавувани и на веб страните kritika.mk, kinoteka.mk и сл.
Вечерва симболично се простив од Сплит со присуство на проекцијата на култниот филм „2001: Одисеја во вселената“, со што Кинотеката „Златна врата“ го започна одбележувањето на јубилејот „55 години од постоењето“, со проекција на Кјубриковиот филм по повод 50 (и кусур) години од неговата премиера. Ова ми беше прв пат класикот да го гледам на сребрениот екран, во затемнетата сала на кино храмот, во која имаше околу педесетина гледачи, претежно млади луѓе.
Доделени наградите на 12. Фестивал на медитерански филм Сплит
Синоќа во летното кино „Бачвице“ финишираше 12-то издание на „Фестивалот на медитерански филм Сплит“ (ФМФС), кој оваа година, освен Кинотеката „Златна врата“, доби и трето кино, во предворјето на „Домот на младите“, кое поради одличната посетеност, директорот Ален Мунитиќ најави дека ќе биде простор кој ќе го експлоатираат, секако, во позитивна смисла, и на следните фестивалски изданија. Оваа година ФМФС ги сруши сите досегашни рекорди на гледаност на роекциите, што значи дека фестивалот има нагорна развојна линија, а и како не би имал, кога јуни е полн со туристи, иако поголемиот дел од посетителите, според организаторот, го сочинуваат мештаните кои сè уште не се разбегале по околните острови. Фестивалот го затвори шведското остварување „Занесени“ на режисерите Манс Марлинд и Бјорн Штајн, кое беше надвор од компетиција, и оправдано, бидејќи оваа слатка приказна базирана врз вистинската приказна за војната меѓу два забавни парка за време на Втората светска војна беше баш филм за заокружување на сработеното во претходните десет фестивалски денови. Но, пред проекцијата се случи она што сите го очекуваа, доделувањето на наградите со симболично име „Јадица“.
Деновиве во Сплит е актуелен 12. Фестивал на медитерански филм (ФМФС), кој освен проекциите од официјалната конкуренција во ударниот термин од 21.30 во летното кино „Бачвице“, филмовите ги прикажува и во прекрасната сплитска Кинотека во воведниот термин од 19 часот. Сместена на почетокот од централната улица на римската летна резиденција, Диоклецијановата палата, веднаш штом влезете од северната порта низ „Златната врата“, овој филмски храм годинава слави јубилеј 55 години од постоењето, кој пристојно ќе биде одбележан во текот на претстојната есен.
Синоќа во неофицијалниот главен град на прекрасната Далмација започна 12-то издание на „Фестивалот на медитерански филм Сплит“ (во продолжение: ФМФС). Сплиќаните, но и туристите со кои градот веќе изобилува (посетителите од азискиот континент со своите фотоапарати во Далмација се најбројни и највпечатливи), на свој начин, опуштено и со девизата „полако“ го наполнија прекрасниот простор во летното кино „Бачвице“ седејќи на тревата, на клупите, на „ѕидчето“ и каде уште не, и создадоа атмосфера типична за овие медитерански простори, овој пат славејќи ја Седмата уметност. Директорот на фестивалот Ален Мунитиќ и останатите гости, според протоколот, ни посакаа добредојде на новото издание на фестивалот, кој нуди богата програма од 70 филмови од 32 медитерански земји, со посебен програмски фокус врз земјите од Јужна Америка и Шведска.
Во една дождлива пролетна мајска вечер, на средината од 9-то издание на Филозофскиот филмски фестивал, во полуполната кино сала на Кинотеката бевме во можност премиерно да го гледаме бугарскиот омнибус „8 минути и 19 секунди“ како дел од официјалната фестивалска селекција за наградите, која брои шест наслови од различни кинематографии, вклучувајќи го и овој. Во мојата последна книга со филмска есеистика „Филмски град“ поместена е рецензијата за еден од највозбудливите бугарски филмови во последнава декада, „Насоки“ на Стефан Командарев, а на минатогодишното издание на „КинеНова“ како селектор на филмовите во официјалната конкуренција меѓу конкурентите го вброив и мултинаградуваниот „Ага“ на Милко Лазаров. Кога на овие наслови ќе им се додадат уште неколку од надоаѓачката генерација на нови бугарски филмаџии, тогаш сликата е јасна – нашиот источен сосед во последно време доживува вистинска филмска ренесанса.
Во средата, на 17 април, се случи премиерата на дебитантското остварување „Втора шанса“ на режисерката Марија Џиџева, со што беше отворено и 22. издание на Скопскиот филмски фестивал, кој на тој начин ја продолжи традицијата влезот во новите фестивалски денови да биде со македонски филм. Џиџева долго работеше на овој проект и сите со нетрпение го очекувавме крајниот резултат, бидејќи во нејзиното портфолио досега фигурираа неколку кратки и документарни филмови, па предизвикот и за неа и за публиката беше голем.
На 27 март имавме исклучителна можност во иста вечер да присуствуваме на проекциите на двата нови документарни филмови од македонските автори Роберт Јанкулоски и Владимир Блажевски, од 19 и 21 часот, секако, во омилената сала на Кинотеката. И ако „Манаки – Приказна во слики“ на Јанкулоски својата официјална скопска премиера ја доживеа на почетокот од месецот, па ова беше репризно прикажување за сите оние кои беа спречени да дојдат, тогаш за „Театарот во Скупи“ на Владимир Блажевски ова беше официјалната премиера токму во оваа специјална вечер, кога на едно место се собраа луѓето од филмската фела, но и оние, секогаш љубопитните проследувачи на квалитетните остварувања во Седмата уметност.
Кон „Оловна бригада“ на Кирил Ценевски (1980, 115 мин)
На првиот ден од пролетта, 21 март, Кинотеката на Македонија свечено ги промовираше реставрираните играни филмови на режисерот Кирил Ценевски, со што уште еднаш ја потврди една од неколкуте свои функции, зачувување и презервација на филмското наследство за идните генерации. Така кинотечната колекција дојде до фина бројка на дигитализирани копии на филмовите од неколку македонски филмаџии, откако во претходниот период бевме сведоци на промоција на собраните дела од режисерите Љубиша Георгиевски, Столе Попов, Бранко Гапо… како и она највредното, филмовите на првите балкански сниматели, браќата Манаки.
Кон „Господ постои, името и’ е Петрунија“ на Теона Митевска
Со широко отворени порти за експериментирањето со филмскиот јазик, Берлинскиот филмски фестивал во последнава деценија се одвои од неговите „соперници“, филмските фестивали во Венеција и во Кан, и наметна свој критериум при вреднувањето на новините во седмата уметност. Во очекување на можност за гледање на годинашните победници во различни категории, се’ уште се свежи сеќавањата на минатогодишниот лауреат, контроверзниот романски доку-филм „Touch me not“ на Адина Пинтили, потоа, на унгарскиот победник во 2016 година „On body and soul“ на авторката Илдико Ењеди, како и на редица случаи претходно, кои само го потврдија непишаното правило дека еден од трите престижни „А“ фестивали на Стариот континент си фати своја траекторија на движење, и нема враќање назад.