Архива за категоријата: Книжевност

Како долгогодишен ко-сопственик и уредник во ИЛИ-ИЛИ, во оваа рубрика ќе се обидам да го претставам најдоброто во нашето издаваштво, но и интересот како писател за книгите кои ме воодушевиле и оние кои штотуку треба да ги откријам.

Поговор со мастило во боја на бамји

пишува: Оливера Ќорвезироска

Игор Анѓелков е автор со одличен творечки ритам, и во буквална и во метафорична смисла. За шест години – три книги, во три книги – суверена дефиниција за сопствениот раскажувачки интерес, јасно одреден, уште појасно следен и развиван. Како да ги надоврзува насловите еден на друг, како да ги (о)пишува градот и светот, улица по улица, фотографија по фотографија, песна по песна, вистина по вистина… Исто – за да се утврди препознатливоста, различно – за да се прослави поинаквоста. „Кротки приказни“, „Крај-пат“ и „Фото синтеза“ се една неформална трилогија која беспрекорно функционира во сите можни комбинации: 1-2-3; 1-3-2; 2-1-3; 2-3-1; дури и 3-1-2, па и 3-2-1! И уште повеќе од тоа, неформалната трилогија сосем суверено си опстојува и на единечно ниво. Романот „Фото синтеза“ е фина можност да се запознаете или срдечно да се поздравите со Анѓелков. Сосем сеедно за книжевната „претстава“ е каква ќе биде вашата улога како читател.

Читај повеќе

Во средиштето на современоста, рецензија за „Фото синтеза“

пишува: Благоја Иванов

Со најновиот ракопис, романот „Фото синтеза“, Игор Анѓелков несомнено го утврдува своето име на млад автор, чиј првенствен интерес е современоста, како и луѓето кои истата ја живеат, со сите свои животни премрежја. Сказната за животот на главниот лик од романов (раскажана во прво лице), кој живее во Скопје – уште еднаш укажува на тоа. Тој јунак е младич кој го обожувал панкот, што ќе се забележи од неговиот прекар Панк, како и од начинот на облекувањето и на созадавањето на својот општ имиџ. Некои белези од тој период на животот на младичот ќе му останат и кога безделничењето ќе го замени со работа, како фото уметник, обземен од местата од градот кои тој ги открива на инаков начин одошто погледот на незаинтересираниот минувач, како што и убавината на лицата на луѓето ја осветлува на посебен начин.

Читај повеќе

Букбокс за „Крај-пат“

Букбокс читанка бр. 100

„КРАЈ-ПАТ“ ОД ИГОР АНЃЕЛКОВ

Стотото издание на Букбокс сакавме од патриотски побуди да го посветиме на македонски автор, и тоа таков кој ги поседува квалитетите кои оваа рубрика се обидува да ги промовира – да е непретенциозен но убедлив, опуштен но буден, искрен но не вулгарен, речит, но да знае за доста.

пишува: Илина Јакимовска

https://off.net.mk/bookbox/chitanka/kraj-pat-od-igor-angjelkov

Рецензија, „Крај-пат“

пишува: Милан Дамјановски

Игор Анѓелков е една од најурбаните појави  на нашите простори во последните две декади,  особено како личност која ги проследува, презентира, но и креира  настаните и тенденциите на културната сцена низ повеќе медиуми. Најдобро е познат преку неговата работа на емисијата Филмополис  на ТВ Телма, но и во неговата издавачка куќа Или-Или,  во чии рамки тој секогаш се истакнувал со истенчен вкус за промовирање на една  урбана и современа естетика.  Во текот на овие години тој пред македонската јавност се има претставено и со збирки раскази кои ја продолжија оваа негова урбана нишка. Заради сето тоа, претставува вистинско задоволство  и предизвик да се соочиме со неговиот прв исчекор во романексна форма, романот „Крај-пат“, кој излезе од печат на крајот од 2010 г.

Читај повеќе

Приказна што ве вози

Кон „Крај-пат“ од Игор Анѓелков; пишува: Александра Јуруковска

Читањето на романот „Крај-пат“, кој има поднаслов „off the road приказна“, личи на возење (можеби со мотоцикл) низ навидум познат терен, но во моментот кога ќе и’ се препуштите на сигурноста, тогаш наидувате на свиок кој вe води во нов жанр, во нова епизода кадешто може да се оживее и мртов човек и одеднаш од роман за растењето влегувате во еден вид модерна и урбана егзистенцијалистичка проза, напишана во лесен и лежерен манир

Читај повеќе

„Крај-пат“, најава

По одличното дебитантско остварување од 2006 година, збирката раскази „КРОТКИ ПРИКАЗНИ” во издание на “ИЛИ-ИЛИ”, која наиде на одличен прием кај домашните читатели, Игор Анѓелков реши да влезе и во романсиерските води со својот прв роман со интересен наслов, „КРАЈ-ПАТ”, и поднаслов “off the road приказна”. Романот раскажува сторија инспирирана од филмовите, музиката, литературата, и секако, стриповите, и затоа не случајно честа да ја креира насловната страна му припадна на маестро Игор Јовчевски.

Читај повеќе

Поговор, „Крај-пат“

пишува: Оливера Ќорвезироска

Ракописот OFF THE ROAD на Игор Анѓелков, „краткиот роман“ како што си го дефинира самиот автор, е прозен текст по мерка на времево во кое живееме, но и по мерка на моментниот книжевен контекст во Македонија, па и пошироко. Настрана од големите приказни и големите, одамна пробиени и редовно одржувани и обновувани книжевни патишта, OFF THE ROAD си прави своја функционална наративна заобиколница, актуелизарајќи ги малите нешта, личните сообраќајници кои несомнено водат до истата цел – добра книга.

Читај повеќе

„Кротки приказни“, промоција

Текстот со кој настапи промоторката Оливера Ќорвезироска на промоцијата на деби книгата „Кротки приказни“ во ИЛИ-ИЛИ, во тогашниот Центар за култура „Мала станица“:

Првпат кога ги прочитав расказите на Игор Анѓелков, беа КРАТКИ, вторпат – КРОТКИ. Патот од КРАТКИ до КРОТКИ во овој случај беше пат од ракопис до книга, од A до O, од неутралнa дескрипција до поетичка ознака – досетлива, но и функционална и, што е особено важно, соодветна на она што стои зад неа – дваесетината раскази кои почнуваат со број, завршуваат со наслов – непретенциозен, најчесто еднозборен (од 22 расказa сосе нултиот, 4 наслови имаат по два збора, или 5,5 % се двозборно насловени, а  94,5 % имаат еден збор за наслов). Целава оваа математика е тотално непотребна, се разбира, но животот и онака се храни со непотребности, па зошто не би и понудиле малку непотребност и на промоција :-).

Почнувам со навидум бессмислената еволуција на А во О, затоа што ја читам како еволуција сама по себе, како отстојување понекогаш неопходно за вистинскиот вкус. Да се здуши тестото на зборот. Дефинитивно, вистинскиот вкус на расказите на Игор Анѓелков е повеќе кроток и питом, отколку краток и кус.

Читај повеќе

„Кротки приказни“, најава

Што прави сосема гола жена среде бел ден пред хотелот “Александар Палас”? Зошто долгогодишниот пријател на авторот мистериозно решил сосема да ја прекине комуникацијата со него? Дали лицата на стрип-цртачите потсетуваат на лицата на оние палави деца што му ги крадеа стриповите на авторот кога беше дете? Дали почитувањето на црвеното светло на семафорот ја одредува понатамошната судбина на човекот?

Читај повеќе

Рецензија, „Кротки приказни“

пишува: Гоце Смилевски

Иако станува збор за негова прва книга, со дваесетината раскази понудени во збирката „Кротки приказни“, Игор Анѓелков се докажува како автор кој умее да го води раскажувачкото дејствие по углед на најсовремените светски текови на она што денес во светот се нарекува short story,  кој ја исцизелирал својата реченица и кој вешто знае да создаде атмосфера во рамките на кусата форма.

Градејќи ги композициски своите кратки раскази со нагласено чувство за елиптично раскажување, при што најчесто сопоставува две дејствија кои се надоврзуваат едно на друго, а помеѓу нив постои временски интервал кој предизвикал важни промени за кои читателот ќе биде свесен дури во втората половина (во најголем дел при самото финализирање) на расказот, Анѓелков покажува судир во рамките на еден, на прв поглед, ист свет, со што постигнува особен ефект – во секој расказ не’ води кон конкретна поента, при што поентирањето кај него секогаш има и карактер на изненадување за читателот.

Читај повеќе