Архива за категоријата: Музика

Радиото е мојата прва медиумска љубов, и како долгогодишен водител на музички емисии на Канал 103 и Радио Равел (1997-2009) продолжувам да ја следам музиката во сите нејзини возбудливи форми на изразување, пишувајќи за моите минати и моментни музички фасцинации ;-)

New music first, кон „Здраво млади 9“

Лани на први септември, а годинава ден порано, фестивалот „Здраво млади“ со деветтото издание ја докажа својата зацртана траекторија по која се движи сите овие години, преточена во јасниот слоган „New music first“. За разлика од загрепскиот „ИнМјузик“ и новосадскиот „Егзит“, кои годинава ја имаа среќата хедлајнери да им бидат The Cure, па продажбата на влезниците одеше како алва, МКЦ како организатори на овој фестивал на сосема различен начин и’ пристапуваат на музиката и претставуваат вистински свеж здив во регионот, што може и да се препознае по посетеноста, каде реки млади луѓе беа дел од возбудливиот настан синоќа во паркот зад МКЦ.

Читај повеќе

Првата музичка рецензија

Еве ја мoјaтa првa oфицијaлнo oбјaвенa рецензијa, вo третиoт брoј нa култниoт мaгaзин ТРOТOАР oд декември/јaнуaри 93-94, oсврт кoн кoнцертoт нa зaгрепскиoт бенд ФИЛМ вo МКЦ.

Читај повеќе

ЛП на годината

Пристигна мојата ПЛОЧА НА ГОДИНАТА!

Легендарната „Симфонија број 3“, или „Symphony of sorrowful things“ op. 36 на полскиот композитор Хенрик Горецки, овој пат во интерпретација на моќната Бет Гибонс од „Портисхед“ и Полскиот национален радио симфониски оркестар, под диригенство на уште едно легендарно име, маестро Кшиштоф Пендерецки.

Читај повеќе

Помалку е повеќе

За музичкиот свет на Крсте Роџевски

Кон крајот на минатата година, поточно, на 19 декември, во „Винил“ се одржа промоцијата на новиот албум на Кристо (Крсте) Роџевски насловен „The Rabbit and the Fallen Sycamore“ (Зајакот и паднатиот јавор), излезен не толку одамна пред тој датум. Ја искористив можноста да се запознаам со музичарот, кој со драго срце ми ги потпиша моите/неговите плочи, со што на најдобар можен начин ја заокружи трилогијата започната со „Batania“ (2015) и „Bitter almonds“ (2016). Во таа студена скопска вечер, како најава на претстојната зима, неминовно се наметна прашањето „Кога ќе ги чуеме волшебните ноти од албумите, во живо во Скопје, или можеби во Битола“, на што Крсте како од пушка одговори: „Кога ќе ме викнат“. И еве, конечно, „Крстета го викнаа“ на ОФФ фест, но, беља работа, јас токму тој ден патувам и нема да можам да присуствувам на концертот. Па момци, дај консултуирајте малку околина, не ја бива вака 🙂 Но, нејсе.

Читај повеќе

Кон концертната промоција на албумот „Devotion“ од Мухамед Ибрахими

МКЦ, кино „Фросина“, 17.05.2019, 21 часот

Во предвечерјето на евровизиската халуцинација на која ќе биде подложена речиси целата македонска нација, сметајќи дека ги достигнала врвните дострели во поновата музичка историја, во МКЦ се случи долгонајавуваната концертна промоција на вториот албум „Devotion“ на мултиинструменталистот Мухамед Ибрахими. Во опуштена и пријателска атмосфера, музичката сцена која жилаво се бори да опстане уште еднаш докажа дека знае да изнедри ликови кои животот на ова тло, во овој град, го прават поднослив, па дури и на моменти хедонистички пријатен. Големата непознаница за поголемиот дел од публиката конечно на прекрасниот концерт го покажа своето вистински талентирано лице и ни приреди задоволство на сите нас, присутни таа петочна вечер во култниот дом на култура крај Вардар.

Читај повеќе

КРИК И ПРАШИНА, Велес виа Скопје

Кон коцертното претставување на новиот албум на Сашко Костов, 20.04.2019, МКЦ, Денсинг сала

Во единствената вечер во последниов месец кога можеше барем малку да се здивне од ветувањата на кандидатите во претседателската кампања на ова измачено и исполитизирано парче земја, посетата на Денсинг салата во МКЦ беше одличен избор. Таму ултра талентираниот Велешанец Сашко Костов и пријателите го промовираа неговиот најнов албум насловен „Крик и прашина“, издаден на почетокот од годинава со сопствени сили. Со симпатична слика од Ангел Коруновски на насловната, музиката и аранжманите на ова ЦД во целост ги потпишува Сашко Костов, овој пат текстуално потпомогнат од Ана Стојаноска, со што таа женска страна од неговата личност со која музичарот постојано кокетира конечно си добива и свое име и презиме. Двоецот ни подарува провокативни текстови чии пораки го отсликуваат времето во кое живееме и желбата истото да го надминеме, да го надраснеме и да полетаме понатаму, во една друга стварност во која ќе ги реализираме своите креативни идеи и потреби. Интересно, повеќето од текстовите се на македонски јазик, па и самиот Костов во текот на концертот гордо ќе контстаира: „Луѓе, македонски добро звучи, нели“. Со тоа градот на гемиџиите си доби свој модерен Рацин со глобален шмек.

Читај повеќе

Кон двојното ЛП „Сонична младост, приказната за ПМГ рекордингс 1998-2018“

Најавена кон крајот на минатата, 2018 година, како прекрасен подарок за сите љубители на звукот на современата македонска музичка сцена (особено за винил зависниците), но од оправдани причини, промовирана дури два месеци подоцна, винилната компилација „Сонична младост“ на ПМГ рекордингс е историски артефакт за случувањата овде и сега, поточно, таа е пресек на последните 20 години на домашната сцена низ призмата на работата на лејблот кој неуморно и на вистински начин го третира  квалитететниот современ музички израз. Насловот на албумот совршено кореспондира со желбата, и најчесто, реализацијата на една совршена младост помината низ журки и музика, нешто што честопати во овој град претставувало утопија. Но…

Читај повеќе

Кон „Одрон“ на Букршлиев, Омерагиќ, Спировски (ПМГ Џез, 2018)

Претходните три вечери патот ме водеше во МКЦ. Што да правам, кога МКЦ ја нуди најдобрата понуда во загадениот ни град. Сега ич не мора да ме прашувате „кај искачаш“, јасно, „во МКЦ“, да го е..м, каде на друго место 🙂 Имено, таму се одржаа три последователни супер настани, две промоции на книги и еден коцерт, иако имаше и други дешавки на останатите сцени, но овие беа во зоната на мојот интерес: промоциите на книгите како дел од мојата професионална определба, а концертот како момент за опуштање и мал хедонизам, кој одвреме-навреме, кога можеме, сите ние си го дозволуваме.

Пред пар седмици го слушнав, според мене, албумот на годината од Македонија, и тоа сосема неочекувано. Иако Нино (Спировски) ме покани да го гледам неговиот нов проект „Светлост“ токму вечерва во МКЦ, како предгрупа на шведската атракција „Фајр“, јас „откачив“ на проектот кој тој заедно со компањоните Букршлиев и Омерагиќ го снимиле неодамна, и благодарение на „ПМГ рекордингс“ го донесоа на светлината на денот и ни го подарија нам, на слушателите, како доказ дека градов и понатаму раѓа квалитетни музичари кои допрва ќе ни носат музички радости. Задоволството беше заокружено токму со најавениот концерт во четвртокот во Џепното кино во МКЦ, како презентација во живо на сработеното пред околу педесетина луѓе, низ еден интимен перформанс, кој треба да стане практика и на други бендови од ваков калибар.

Читај повеќе

Кон „Вечер на гломазна поезија“, Рамбо Амадеус

Скопје, понеделник, 03 декември 2018
Градот се гуши во сопствените г..на, а сограѓаните се шетаат со заштитни маски ко да сме во Пекинг. Апокалипсата е на хоризонтот, освен ако истата веќе не ја живееме, но сме го преспале моментот. Единствена моментна утеха е гостувањето на името кое отсекогаш предизвикувало внимание на овие простори. Салата е полна, следи уште една, се надевам распродадена вечер, време е за ставање на розевите очила и соочување со болната балканска вистина која мајсторот секогаш ни ја фрла пред очи, без влакна на јазикот, сето тоа низ еден тон смеа и солзи.

Читај повеќе

Поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius

Thurston Moore на Скопскиот џез фестивал

Петок попладне. Ги привршувам обврските и полека навлегувам во она што ме чека вечерта, точно на полноќ, повторната средба со еден од моите музички херои од младоста, glavom i bradom, мистер Трстон Мур. Листам фотки на ФБ и гледам дека организаторите во текот на денот го шетнале низ чаршијата (Трстон сигурно кркнал некој ќебап, па можеби вечерта ќе отсвири добар Destan blues), а ја посетил и африканската изложба во Музејот на Македонија, како редовна дестинација на сите гости деновиве на џез фестивалот. Потоа читам тазе интервју (одлични прашања, и секако одговори) и сфаќам дека од младешкиот занес кон музиката и сето она што за алтернативната сцена претставуваа Соник јут поминало бајаги време, бидејќи Трстон во меѓувреме, по распаѓањето на бендот, комплетно се променил. Веќе неколку години живее во Лондон, го канат да предава на универзитети, и најважното, соработува(л) со стотици музичари на различни проекти, продолжувајќи го својот музички живот во сосема други води, но сепак останувајќи свој. Токму затоа со посебна возбуда го очекувам полноќниот настап, бидејќи нема да биде Соник јут и она што од сцената на Зигет фестивалот во Будимпешта ми го подарија во 1996 година, сирова енергија и прекрасен артизам. Уште со најавата на соло концертот, на социјалните мрежи се појавија сомнежи на што ќе личи сето тоа, па дури зафрчеа и осуди на се’ уште неслучен концерт (познати сме по тоа!), но нејсе, сепак момакот од Њујорк/Лондон доаѓа во рамките на џез фестивал, каде вечер претходно на истата сцена настапи уште еден херој од Големото јаболко, маестро Арто Линдзи.

Читај повеќе