Архива за категоријата: Скопје

Скопје како љубов, Скопје како инспирација, Скопје како движење, Скопје како омраза… Скопје како начин на живот!

Кон деби филмот „Втора шанса“ на Марија Џиџева

Во средата, на 17 април, се случи премиерата на дебитантското остварување „Втора шанса“ на режисерката Марија Џиџева, со што беше отворено и 22. издание на Скопскиот филмски фестивал, кој на тој начин ја продолжи традицијата влезот во новите фестивалски денови да биде со македонски филм. Џиџева долго работеше на овој проект и сите со нетрпение го очекувавме крајниот резултат, бидејќи во нејзиното портфолио досега фигурираа неколку кратки и документарни филмови, па предизвикот и за неа и за публиката беше голем.

Читај повеќе

КРИК И ПРАШИНА, Велес виа Скопје

Кон коцертното претставување на новиот албум на Сашко Костов, 20.04.2019, МКЦ, Денсинг сала

Во единствената вечер во последниов месец кога можеше барем малку да се здивне од ветувањата на кандидатите во претседателската кампања на ова измачено и исполитизирано парче земја, посетата на Денсинг салата во МКЦ беше одличен избор. Таму ултра талентираниот Велешанец Сашко Костов и пријателите го промовираа неговиот најнов албум насловен „Крик и прашина“, издаден на почетокот од годинава со сопствени сили. Со симпатична слика од Ангел Коруновски на насловната, музиката и аранжманите на ова ЦД во целост ги потпишува Сашко Костов, овој пат текстуално потпомогнат од Ана Стојаноска, со што таа женска страна од неговата личност со која музичарот постојано кокетира конечно си добива и свое име и презиме. Двоецот ни подарува провокативни текстови чии пораки го отсликуваат времето во кое живееме и желбата истото да го надминеме, да го надраснеме и да полетаме понатаму, во една друга стварност во која ќе ги реализираме своите креативни идеи и потреби. Интересно, повеќето од текстовите се на македонски јазик, па и самиот Костов во текот на концертот гордо ќе контстаира: „Луѓе, македонски добро звучи, нели“. Со тоа градот на гемиџиите си доби свој модерен Рацин со глобален шмек.

Читај повеќе

Осврт кон новите документарни филмови на Јанкулоски и Блажевски

На 27 март имавме исклучителна можност во иста вечер да присуствуваме на проекциите на двата нови документарни филмови од македонските автори Роберт Јанкулоски и Владимир Блажевски, од 19 и 21 часот, секако, во омилената сала на Кинотеката. И ако „Манаки – Приказна во слики“ на Јанкулоски својата официјална скопска премиера ја доживеа на почетокот од месецот, па ова беше репризно прикажување за сите оние кои беа спречени да дојдат, тогаш за „Театарот во Скупи“ на Владимир Блажевски ова беше официјалната премиера токму во оваа специјална вечер, кога на едно место се собраа луѓето од филмската фела, но и оние, секогаш љубопитните проследувачи на квалитетните остварувања во Седмата уметност.

Читај повеќе

Кон изложбата „100 години потоа“ на Златко Бојковски

Во галерискиот простор на КИЦ во Скопје во тек е изложбата на Златко Бојковски насловена „100 години потоа“.

Читај повеќе

Кон двојното ЛП „Сонична младост, приказната за ПМГ рекордингс 1998-2018“

Најавена кон крајот на минатата, 2018 година, како прекрасен подарок за сите љубители на звукот на современата македонска музичка сцена (особено за винил зависниците), но од оправдани причини, промовирана дури два месеци подоцна, винилната компилација „Сонична младост“ на ПМГ рекордингс е историски артефакт за случувањата овде и сега, поточно, таа е пресек на последните 20 години на домашната сцена низ призмата на работата на лејблот кој неуморно и на вистински начин го третира  квалитететниот современ музички израз. Насловот на албумот совршено кореспондира со желбата, и најчесто, реализацијата на една совршена младост помината низ журки и музика, нешто што честопати во овој град претставувало утопија. Но…

Читај повеќе

Кон „Вечер на гломазна поезија“, Рамбо Амадеус

Скопје, понеделник, 03 декември 2018
Градот се гуши во сопствените г..на, а сограѓаните се шетаат со заштитни маски ко да сме во Пекинг. Апокалипсата е на хоризонтот, освен ако истата веќе не ја живееме, но сме го преспале моментот. Единствена моментна утеха е гостувањето на името кое отсекогаш предизвикувало внимание на овие простори. Салата е полна, следи уште една, се надевам распродадена вечер, време е за ставање на розевите очила и соочување со болната балканска вистина која мајсторот секогаш ни ја фрла пред очи, без влакна на јазикот, сето тоа низ еден тон смеа и солзи.

Читај повеќе

„Духовите на Африка“ во Старата скопска чаршија

Деновиве во Музејот на Македонија во тек е изложбата насловена како „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“, која е организирана во соработка со Музејот на африканската уметност од Белград и Скопскиот џез фестивал. Оваа изложба првпат во Македонија претставува африкански експонати, што претходно можеа да се видат само во светските музеи или во документарните филмови. Музејот од Белград во својата обемна колекција има предмети од повеќе народи од Африка.

Читај повеќе

Скопското Кале како прекрасна можност за туристичка атракција

Синоќа на Собраниски канал гледав документарец од минатата година за Скопската трвдина Кале, во кој д-р Драги Митревски ги објасни сите историски приказни поврзани со најзначајната точка во нашиот град со векови наназад, презентирајќи и дел од археолошките артефакти кои биле пронајдени во деветте земјени слоеви.
Јас неодамна, после навистина долго време, решив градот да го набљудувам одозгора, и сфатив колку голем потенцијал има оваа средишна точка на градското јадро, од која се постила поглед на сите четири страни од Скопје. 

Читај повеќе

Поздрав до следната можна средба, you fu.kin genius

Thurston Moore на Скопскиот џез фестивал

Петок попладне. Ги привршувам обврските и полека навлегувам во она што ме чека вечерта, точно на полноќ, повторната средба со еден од моите музички херои од младоста, glavom i bradom, мистер Трстон Мур. Листам фотки на ФБ и гледам дека организаторите во текот на денот го шетнале низ чаршијата (Трстон сигурно кркнал некој ќебап, па можеби вечерта ќе отсвири добар Destan blues), а ја посетил и африканската изложба во Музејот на Македонија, како редовна дестинација на сите гости деновиве на џез фестивалот. Потоа читам тазе интервју (одлични прашања, и секако одговори) и сфаќам дека од младешкиот занес кон музиката и сето она што за алтернативната сцена претставуваа Соник јут поминало бајаги време, бидејќи Трстон во меѓувреме, по распаѓањето на бендот, комплетно се променил. Веќе неколку години живее во Лондон, го канат да предава на универзитети, и најважното, соработува(л) со стотици музичари на различни проекти, продолжувајќи го својот музички живот во сосема други води, но сепак останувајќи свој. Токму затоа со посебна возбуда го очекувам полноќниот настап, бидејќи нема да биде Соник јут и она што од сцената на Зигет фестивалот во Будимпешта ми го подарија во 1996 година, сирова енергија и прекрасен артизам. Уште со најавата на соло концертот, на социјалните мрежи се појавија сомнежи на што ќе личи сето тоа, па дури зафрчеа и осуди на се’ уште неслучен концерт (познати сме по тоа!), но нејсе, сепак момакот од Њујорк/Лондон доаѓа во рамките на џез фестивал, каде вечер претходно на истата сцена настапи уште еден херој од Големото јаболко, маестро Арто Линдзи.

Читај повеќе